Мицкоски: Светот и Европа прават стратегија како да го скршат ВМРО-ДПМНЕ

Фото: Фејсбук Христијан Мицкоски

На следни избори ќе оствариме историски резултат, но се прави стратегија како да се „скрши ВМРО-ДПМНЕ“ и 44-те  пратеници да изгласаат уставни измени по бугарски диктат, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа на собир во Кичево.

-Македонскиот народ денеска е исправен можеби пред најголемиот егзистенцијален предизвик, а тоа е да се избори за себе и за својата Македонија. Дали тоа ќе го направиме? Да! Ќе се избориме сите заедно, затоа што ја чувствувам поддршката на народот каде и да одам низ Македонија. Во таа борба има многу предизвици, и од внатре и од надвор. Многумина ќе дојдат до вас, ќе ви ја стегнат раката и ќе ве погледаат во очи и ќе ви кажат се што сакате да слушнете. Но, внимавајте истите тие кои што ќе ви кажат се што сакате да слушнете, позади завесата се договараат со нивните стопани. Кои се нивните стопани? Сите тие кои што не сакаат овој народ да успее и оваа држава да успее – рече Мицкоски.

Тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ кога и да се случат изборите повторно ќе оствари историски резултат како тој што беше на локалните избори.

-Македонија со ум се брани. Секој кој што мисли дека со сила може да ја одбрани Македонија, се лаже. Ние треба да бидеме најмалку двојно поумни од сите останати, со добра и јасна стратегија. Сите тие кои што заведуваа со силни говори и јака реторика дека овој град бил наш, Македонија до таму, таму ќе го правиме следниот Конгрес, завршија како уценети мали просечни бизнисмени – констатира Мицкоски.

Според него, нема време за бизнисмени во политика и тоа веќе нема да го има. Мицкоски вели дека секој оној кој мисли дека во политиката ќе биде бизнисмен се лаже и оти со ВМРО-ДПМНЕ на власт тоа нема да го има. Тој, како што се посочува во информацијата од неговото обраќање, истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ денес се соочени пред историски епохален предизвик и оти „Европа, светот прави стратегија како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ“ и 44-те пратеници да изгласаат уставни измени во Парламентот скроени по бугарски диктат.

Мицкоски ги повика сите граѓани за да се обединат околу ВМРО-ДПМНЕ.

-Мора да се обединиме, да застанеме околу заедничката цел, а тоа е огромна победа на следните избори, силни реформи и Македонија онаква каква што сите ние си ја сакаме, и децата дома да ни останат – порача Мицкоски.

Мисијата на ВМРО-ДПМНЕ, е да се вратат младите дома во Македонија, и во оваа земја да владеат законите и да се создаваат реформи за доброто на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот