Мицкоски: Чуму потребата од декларации кога идентитетот според СДСМ беше заштитен?

Фото: Слободен печат

Коментирајќи ја изјавата на портпаролот на СДСМ Дарко Каевски дека СДСМ ќе предложи Резолуција за Илинден во македонското Собрание, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска од Битола ја праша власта зошто има потерба од декларации кога идентитетот е заштитен?

Па нели беше заштитен идентитетот? Сега чуму потребата од вакви декларации? Се разбира дека ова го зборувам во форма на иронија, не само што не го заштитија идентитетот, туку целосно го распродадоа и тоа еднострано, мислејќи дека ќе се случат оние настани што се случија пред пет години, но овојпат се излажаа и такво нешто нема да се случи. Кога ние предложивме да донесеме декларација во Парламентот за Гоце Делчев, тогаш од страна на СДСМ бевме исмејувани, игнорирани, одбивани и сега како наеднаш после неколку месеци се јавува желбата на овие што тврдат дека го заштитиле идентитетот а во суштина го уништиле и распродале да дадат една ваква декларација или резолуција – вели Мицкоски.

Според Мицкоски, пораките од СДСМ се неразбирливи и конфузни.

Таму нема јасна порака. Јас ги разбирам дека имаат фрустрација бидејќи се малцински коалициски партнер во Владата и оние пратеници во Парламентот што се повеќе, од ДУИ се инфериорни, и мораат да ја поддржуваат оваа Влада на ДУИ не знам зошто, но претпоставувам од некои лични причини, но мој совет до СДСМ би бил барем да се консолидираат да имаат каква таква координација во пораките што ги даваат во јавноста, бидејќи вака како што настапуваат ќе доживеат дебакл на парламентарните избори и ќе станат маргинална политичка партија во Македонија-изјави по денешната посета на Битола, лидерот на ВМРО-ДПМЕ, Христијан Мицкоски.

На новинарско прашање за тоа како ја коментира изјавата на вицепремиерот Артан Груби кој негираше дека запаленото возило е негово и го повика Мицкоски да и каже на јавноста од каде заклучил дека станува збор за криминална пресметка, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека се работи за криминален чин што веројатно претставува криминална пресметка.

Палење на возило било чие, претставува криминален чин. Исто како што е оштетено возилото на портпаролката на нашата партија, Марија Митева, како и на претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп и пратеникот Петар Ристевски. Сето тоа претставува криминален чин и не гледам зошто толкава возбуда околу тоа има Груби. Излезе дека сопственик на возилото е лице што има 35 години, тој вели дека е успешен бизнисмен триесет години, најверојантно со бизнис почнал да се занимава со неполни 5 години и тој некако успеал тајно од Артан Груби да инсталира уреди за предимство во сообраќајот, а за тоа Артан Груби не бил информиран. Потоа се поставува прашањето како МВР дала дозвола да се инсталираат такви уреди? Тој наместо да ја преземе одговорноста го гледаме како се обидува лично мене да ме прозива, но времето ќе покаже кој бил во право-рече Мицкоски.

Прашан за тоа како ги коментира состојбите со Советот на Битола, каде ВМРО-ДПМНЕ го изгубија мнозинството и градоначалникот Тони Коњановски се соочува со блокада во реализацијата на проектите, Христијан Мицкоски изјави обидот за политиканство не е добар за битолчани и Битола и апелираше да се надмине суетата.

-Апелирам да се надмине суетата, да седнат и да работат во интерес на битолчани. Во Битола треба да се засукаат ракавите и да се работи. Оваа новоформирана коалиција на СДСМ, „Поинаку“ и Левица одлучи да поддржи амандмани што ќе бидат дел од општинскиот буџет за 50 проценти поголеми од рамката којашто е дефинирана со Министерството за финансии. Тоа е невозможно и сега ќе се врати назад од Министерството за финансии. Прашање на време е кога тоа ќе се направи. Јас ги повикувам да имаат разумни амандмани што се во интерес на граѓаните. За неколку месеци ќе има нова Влада што ќе работи во интерес на битолчани и тогаш овие политички маргиналци што сакаат да бидат големи ќе бидат тотално незабележливи. Не можат да го спречат градоначалникот Коњановски кога тој е мотивиран да направи нешто а се соочува со опструкции од луѓе на кои сопственото его и фрустрациите им се пред сè и над се. Залудни им се обидите, бидејќи кога ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите, планираме сериозен инвестициски бум во Битола-порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот