Мета загрижен поради состојбата со Ковид-19 во земјата и побара од Владата повеќе пари за здравството

Илир Мета/ Фото: МИА

Албанскиот претседател Илир Мета изрази загриженост во врска со епидемиолошката состојба во земјата, создадена од ширењето на варијантата „Делта” и ја повика Владата да го зголеми финансирањето за здравствениот систем што е можно поскоро, бидејќи „варијантата Делта не може да се држи под контрола со полициски час”, јави дописничката на МИА од Тирана.

– Овој многу сериозен момент не може да се држи под контрола со полициски час, туку со научни и пропорционални мерки, дополнителни вакцини и здравствени протоколи консолидирани и признаети на меѓународно ниво. Високото зголемување на случаите на зарази со Ковид-19, за жал и загубата на животи во последните денови, особено во новите околности создадени со ширењето на варијантата „Делта”, ја покренува виталната потреба за преземање други ефективни мерки за спречување натамошна ескалација на ситуацијата, напиша Мета на Фејсбук.

Тестирањето, следењето, изолацијата и соодветниот медицински третман се значајни чекори во оваа ситуација, додава Мета и ги охрабрува граѓаните, особено оние со други здравствени проблеми, кои не го поминале Ковид -19, да се вакцинираат што е можно поскоро за да се намали можноста за ширење на опасниот вирус.

– Апелирам до Владата што поскоро да ги зголеми средствата за здравствениот систем, со цел да се подобри услугата што им се дава на граѓаните и да не се соочиме повторно со неприфатливите услови на лекарите и медицинските сестри во здравствените домови, кои се бореа во прва линија, без заштитна опрема и соодветни дијагностички апарати, наведува Мета во објавата на Фејсбук каде постира фотографија на која е со заштитна маска.

Неговата реакција следува откако претходно денеска албанскиот комитет на експерти за справување со пандемијата, по анализа на состојбата со Ковид-19, донесе одлука за воведување нови ограничувачки мерки за влез во земјата, а го зголеми и времетрањето на полицискиот час.

Извор МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот