Менаџерот на Арсенал, Артета позитивен на коронавирус!

фото: твитер

Во изолација се сите луѓе кои оствариле контакт со шпанскиот менаџер, играчите и тренерскиот персонал, како и одреден број на луѓе и од Академијата „Хејл Енд“

Mенаџерот на Арсенал Микел Артета е позитивен на коронавирус, официјално вечерва соопштија од лондонскиот клуб.

Од Арсенал информираат дека целиот тренинг центар „Колни“ е затворен, откако се покажа дека стратегот на „топчиите“ е позитивен на вирусот поради кој се одложуваат и многу спортски настани.

Исто така, во изолација се сите луѓе кои оствариле контакт со шпанскиот менаџер, играчите и тренерскиот персонал, како и одреден број на луѓе и од Академијата „Хејл Енд“, сите кои се привремено затворени поради превенција.

– Ова е навистина разочарувачко, но го направив тестот бидејќи се чувствував лошо. Ќе се вратам на работа веднаш штом ќе ми дозволат – рече Артета.

Менаџерот на Арсенал в среда требаше да биде на клупата на својата екипа во натпреварот против Манчестер сити, но тој меч е одложен.

Претходно левиот бек на Манчестер сити, Бенџамин Менди исто така се одлучи за самоизолација, бидејќи очекува негов роднина, со кој беше во близок контакт, да биде позитивен на тестот.

 

Исто така во текот на вчерашниот ден Јувентус излезе со информација дека позитивен на коронавирус е Даниеле Ругани, како и играчот на Сампдорија, Маноло Габиадини.

Премиер лигата претходно се огласи со соопштение дека сите мечеви во претстојниот викенд ќе бидат одиграни според планот, но сега после ваквата вест објави ново соопштение во кое најавува итен состанок со сите клубови в петок во утринските часови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот