Меѓународен ден против корупцијата: Конфискацијата на незаконски стекнат имот е една од клучните антикорупциски мерки

Фото: homesgofast.com

Државите треба да воспостават сеопфатен систем за собирање на податоци за конфискуван имот со цел да ја зајакнат борбата против корупцијата и организираниот криминал, се вели во извештајот објавен од AIRE – Центар за советување за индивидуални права во Европа и Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) по повод Меѓународниот ден против корупцијата.

Извештајот насловен „Ефективно спроведување на мерки за одземање на имотна корист од кривични дела во Западниот Балкан: преглед на регионална методологија за набљудување, главни репери и студии на случај од добра пракса” е финансиран од Владата на Обединетото Кралство.

– Главните наоди во извештајот беа презентирани онлајн на претставници на министерствата за правда, на агенции кои управуваат со одземен и конфискуван имот, на судии и на обвинители од шест јурисдикции во Западниот Балкан. Учесниците особено дискутираа за механизмите за статистичко евидентирање на случаите на одземање имот и добрите практики во регионот. Свои излагања на ова тема имаа програмската директорка за Западен Балкан на AIRE центарот, Билјана Брејтвејт, раководителот на Секретаријатот на РАИ, Владан Јоксимовиќ и британскиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Метју Филд, се наведува во соопштението испратено до јавноста.

Во извештајот стои дека интернационализацијата на криминалот, полабавите гранични контроли и едноставноста на движењето на лица, на стоки и на капитал отвори нови перспективи за сторителите на кривични дела.

– Западниот Балкан не е исклучок од овој тренд каде на повеќето земји од Западниот Балкан сè уште им недостига сеопфатен и централизиран систем за собирање податоци и често имаше инциденти на разместување на незаконски стекнат имот од една држава во друга, првенствено со цел да се сокрие вистинското потекло на имотот. Затоа државните власти треба да разменуваат податоци за конфискуван имот со цел да се олесни стратешко планирање и хармонизација во регионот за борба против организираниот криминал, корупцијата и сериозните облици на финансиски криминал, стои во соопштението од центарот.

Според извештајот треба да се воспостави сеопфатен, прецизен и веродостоен систем за статистичко евидентирање, анализа и размена на податоци за одземен имот. Затоа што воспоставувањето на таков систем ќе помогне да се подобри спроведувањето на законите за одземање (конфискација) и ќе ја зајакне јавната доверба во работата на институциите.

– Одземање (конфискација) на имотна корист од кривични дела е клучно за борба против корупцијата и организираниот криминал. Државите од Западниот Балкан го гонеа организираниот криминал и ги зајакнаа институциите кои се задолжени за спроведување на мерки за одземање (конфискација), потенцираат од АИР.

Центарот информира дека авторите на извештајот предложиле подобрувања на мерките за одземање и конфискација на имот и презентираа клучни репери за воспоставување на адекватни механизми за собирање на статистички податоци. Тие, исто така, анализирале, примери од добрата практика, кои ќе им бидат од корист на претставници на владите и институциите кои се посветени на продлабочување на нивното знаење во ова поле, како и на јавноста.

– Конфискуваната имотна корист од кривични дела станува јавна сопственост и треба да им биде од корист на граѓаните. Поради тоа, државите мора да усвојат мерки кои ќе осигураат таквиот имот да се користи во најдобар јавен (општ) интерес, се вели во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот