Матичното оди во историјата, на негово место ќе има Младински центар
Поранешното Матично ќе се пренамени во нов младински центар.
Препорачано
Планирана е реконструкција на површина од 470 метри а реконструкцијата ќе изнесува 6.941.282,00 денари со влучен ДДВ. Општина Центар ќе обезбеди 83 проценти од финансиски средства, односно 5.768.074,00 денари од Буџетот на општината за 2020 година, а останатите 1.173.208,00 денари ќе бидат обезбедени од Програмата за развој на обединетите нации – UNDP во форма на донација.

Ова денеска го најавија градоначалниците на Град Скопје и Центар, Петре Шилегов и Саша Богдановиќ, како и претставници од Сојузот на извидници.
Со реконструкција на поранешниот објект „Матично“, Општина Центар ќе го отстапи просторот за реализација на програмските активности на Младинскиот центар, кој покрај основната цел ќе претставува и мултимедијален центар подобен и за други содржини во интерес на младите.
„Особено се радувам дека белегот на градот Скопје и култниот објект ‘Матично’, после 52 години, за првпат ќе биде реконструиран во нов облик и функционален простор за промоција и афирмација на младинската мрежа. Креирањето на еден ваков одржлив и инклузивен центар за младите ќе претставува сервисен центар, нов мултифункционален простор за реализација на разни едукативни активности за младинските и извидничките организации, како и неформалните групи на млади лица. Младите директно ќе бидат вклучени во креирање на политиките на локално ниво, ќе имаат соработка со основните училишта и ќе работат на социјалното вмрежување и поттикнување на неформалното образование“, истакна Саша Богдановиќ.

Реконструкцијата ќе опфати целосна промена на кровниот покривач со поставување термоизолација, целосна реконструкција на водоводната и електричната инсталација, промена на нова фасадна столарија со нови енергетско ефикасни прозори, како и поставување нови подови, ѕидни облоги, нови тоалети и ново осветлување.
Градежните активности се планираат да завршат во наредните 50 дена.


