Март – месец на борба против ракот на дебелото црево

Profimedia

Рак на дебелото црево или колоректален карцином претставува рак кој се јавува на дебелото црево и ректумот како негов завршеток. Знаците и симптомите вклучуват крв во столицата, промени во перисталтиката, губиток на тежина, и постојано чувство на замор.

Рак на дебелото црево (колоректален карцином – КРК) е трет по смртност на светско ниво, но не мора да биде така. Болеста напредува бавно и може да се лекува и излекува, особено кога се дијагностицира во рана фаза. Со правилен скрининг и рана дијагностика, степенот на преживувањето е охрабрувачки, а во последните години има голем напредок во опциите за третман на колоректален карцином.

Ракот на дебелото црево може да се развие брзо без никакви рани знаци на предупредување или симптоми. Ракот може да расте на внатрешниот ѕид на цревото многу години пред да се открие. Често, мали количини на крв може да истекуваат од овие израстоци и да се исфрлаат во изметот.
Мажите во нашата средина најмногу заболуваат и умираат од рак на белите дробови, дебелото црево и простатата. Кај жените, малигниот процес најчесто е локализиран на дојката, дебелото црево, белите дробови и грлото на матката, кои се и најчеста причина за смртен исход од рак кај жените.

На повеќе од 80 отсто од сите малигни заболувања можно е да се влијае со модифицирање на ризичните фактори (пушење, неправилна исхрана, физичка неактивност, консумирање алкохол, инфекции, фактори од животната и работната средина), кои се одговорни за појавата на болеста.

Имено, податоците од литературата покажаа дека:

– Секојдневно и повремено, пуши повеќе од 1/3 од возрасната популација, а дека повеќе од 3/5 од населението е изложено на никотински чад во сопствениот дом, и 2/5 и на работното место.

– Повеќе од 1/3 од сите случаи на рак се последица на дебелината, неправилната исхрана и физичката неактивност. Бројката на луѓе со прекумерна телесна тежина расте. Прекумерната телесна тежина и дебелината го зголемуваат ризикот од развој на карцином на матка, дебело црево, дојка (кај жени во менопауза) и простата кај мажи.

– Физичката активност и урамнотежената исхрана се мерки за спречување на рак на дебелото црево, дојката и простатата.

– Секој 30-ти возрасен жител секојдневно консумира алкохолни пијалаци. Консумирањето на алкохол го зголемува ризикот од развој на рак на устата, грлото, дојката, дебелото црево и црниот дроб. Четири, односно шест пати поголем ризик за појава на рак на дигестивниот систем, имаат лицата кои дневно пијат околу 1 литар вино или 2 литра пиво во споредба со луѓето кои повремено или никогаш не консумираат алкохол.
Во рамките на месецот на борба против ракот на дебелото црево, Институтот за јавно здравје на РС Македонија нагласува дека: Една е главна цел – да нема жртви од рак на дебелото црево до 2050 година. ИЈЗ наведува кои се најчестите симптоми и ризични фактори за појава на карцином на дебелото црево.

НАЈЧЕСТИ СИМПТОМИ НА РАК НА ДЕБЕЛОТО ЦРЕВО

– Крвавење од дебелото црево или крвава столица
– Промена во навиките на дебелото црево
– Столици кои се потенки од вообичаеното
– Општо проблеми во стомакот, како што се надуеност и грчеви
– Пролив, запек или чувство дека движењето во дебелото црево не е сосема целосно)
– Слабеење без очигледна причина
– Малаксаност, постојано чувство на замор
– Повраќање

РИЗИЧНИ ФАКТОРИ

Семејна историја. Ракот на дебелото црево може да се појави кај повеќе луѓе кои во голема мера имаат семејна историја на болеста. Причината за околу 5 отсто од заболените со рак на дебело црево се смета дека е наследната предиспозиција;

Возраст. Ракот на дебелото црево подеднакво е застапен и кај мажите и кај жените. Вообичаено се јавува на постара возраст од 50 години, но исто така, може да се појави и кај помлади луѓе;

Претходно заболување. Пациентите кои претходно имале отстранети полипи или оние кои имале рак на дебело црево, се со зголемен ризик за појава на карцином на дебелото црево;
Воспалителни заболувања на дебелото црево. Луѓето со долга историја на Кронова (Chron) болест, или улцерозен колит, може да имаат зголемен ризик за појава на рак на дебелото црево;

Дебелина. Клинички е докажано дека дебелината директно е поврзана со ракот на дебелото црево;

Исхрана и животен стил. Исхрана сиромашна со растителни влакна, а богата со масти како и неактивен (седечки) животен стил, може да го зголеми ризикот за рак на дебелото црево.

Лицата кои спаѓаат во категорија со просечен ризик да заболат од колоректален карцином, треба да почнат со редовни скрининзи на 50-годишна возраст. Лицата кои имаат зголемен ризик, треба да почнат со редовни скрининзи на порана возраст.

ЛЕКУВАЊЕ

Ако се развие рак на дебелото црево, лекувањето се спроведува на неколку начини како што се операција, зрачење, хемотерапија, таргетна терапија и имунотерапија. Имунотерапијата за лекување на ракот на дебелото црево се заснова на оспособувањето на имунолошкиот систем да ги уништува клетките на ракот. Исто така се користи и за намалување на несаканите ефекти кога станува збор за лекување на карциномот на дебелото црево.
Разговарајте со вашиот лекар за да видите дали и кога треба да бидете прегледани за колоректален карцином.

Овој март – помогнете во подигнувањето на јавната свест за превенција на колоректален карцином!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот