МАНУ реагира на написот на Слободен печат за отстранувањето на бистата на Крсте Петков Мисирков

Македонската академија за науките и уметностите реагира на напис објавен во Слободен печат, со наслов „Отстранета бистата на Мисирков, Рамковски е емотивно погоден (ФОТО)“.

„По поведената образложена иницијатива од Македонската академија на науките и уметностите (во 2018 година) за преместување на скулптурата Крсте Петков Мисирков, дело на акад. Боро Митриќески, од плоштадот „Пела“ во МАНУ, и по комплетирањето на придружната документација за спроведување на оваа иницијатива (вклучувајќи ја и Изјавата за согласност од претседателот на Фондацијата „Рамковски“, Велија Рамковски, донатор на делото), а според Одлуката на Советот на Општина Центар за давање согласност за преместување на скулптурата (од 4 мај 2020 година), на
1 септември 2020 година беше извршено дислоцирањето на делото.

Според наведеното, а имајќи го предвид значењето на ликот и делото на Крсте Петков Мисирков за македонскиот јазик, култура и идентитет и фактот дека скулптурата е дело на великанот на нашата скулпторска уметност, акад. Боро Митриќески, МАНУ со особена гордост го привршува овој процес, за што навремено и официјално ќе ја извести јавноста по поставувањето на портретот според сите стандарди на утврденото место.

Покрај ова, МАНУ, исто така, Ви се обраќа со реакција на објавените невистини во текстот со наслов „Отстранета бистата на Мисирков, Рамковски е емотивно погоден“ (на 16 септември 2020 година), пласирани во Вашиот медиум, а потпишан од Елизабета Дамјаноска Спасеновска. Имено, авторката на текстот се послужила со непроверени податоци, засновани на свои претпоставки, зад кои застанал и уредникот на медиумот со објавувањето на текстот, а поставеното прашање во врска со темата го упатила на нашата е-адреса еден ден по објавувањето на текстот. Поради тоа, објавите во текстот дека „од МАНУ сѐ уште чекаме одговор на прашањето, дали можеби тие ја зеле бистата на Мисирков“ се крајно непрофесионален потег (прашањето воопшто не било поставено пред објавување на текстот). Исто така, наводите дека „бистата на Крсте Петков Мисирков, авторот на книгата „За македонцките работи“, завчера вечерта била изненадно отстранета“ се апсурдни, имајќи предвид дека спроведувањето и заокружувањето на овој процес институционално беше проследено во подолг временски период.

Од друга страна, и парафразирањето на изјавата на Велија Рамковски дека тој не го крие незадоволството од отстранувањето на бистата, исто така, е непромислена произволност имајќи предвид дека тој, како донатор на делото, дал Изјава за согласност со која го поддржува преместувањето на делото, а МАНУ, во согласност со утврдените протоколи, ќе го извести и ќе го покани донаторот на пригоден настан штом делото официјално ќе биде поставено на соодветното место во МАНУ.

Водејќи сметка за угледот на највисоката научна и уметничка установа во Републиката, бараме интегрално да го објавите текстот како чин на извинување за објавените невистини и лажни факти пред јавноста“, се вели во реакцијата на МАНУ испратена до нашата редакција.

Одговор на Слободен печат:

Најодговорно тврдиме дека нашата новинарка Елизабета Дамјановска-Спасеновска, цело претпладне се обидуваше да добие одговор од МАНУ на прашањето, дали тие ја отстраниле бистата на Крсте Петков Мисирков. Новинарката неколку пати беше препраќана на различни локали и на крајот не доби одговор на прашањето. Дури попладнето, откако новинарката стигнала дома, била контактирана од правната служба на МАНУ  од каде ѝ било посочено дека треба да испрати мејл со прашање. Токму затоа и мејлот беше испратен по објавување на текстот, бидејќи претходно не ја информирале за таквата процедура. Токму затоа и во текстот е наведено дека: „Од МАНУ се уште чекаме одговор на прашањето, дали можеби тие ја земале бистата на Мисирков“.

Што се однесува до „парафразирањето на изјавата на Велија Рамковски дека тој
не го крие незадоволството од отстранувањето на бистата“, како што тврди МАНУ, не е точно дека новинарката ја парафразирала неговата изјава, бидејќи во текстот има пренесено изјава од г-динот Рамковски.

„Не знаев дека споменикот е отстранет, сега првпат слушам за тоа од вас. Никој не ми најави, ниту ме информираше дека споменикот ќе се отстранува. Морам да кажам дека пред една година ми се јави секретарката на МАНУ и ме праша за согласност споменикот да биде дислоциран пред влезот на МАНУ, јас се согласив, за што потпишав и изјава. Меѓутоа, тоа беше пред една година. Оттогаш ми се немаат јавено, јас мислев дека се откажале, вели Рамковски, кој не го криеше незадоволството од отстранувањето на бистата.

– Многу ме погодува тоа што го отстранија делото од Крсте Петков Мисирков. На промоцијата на бистата пееше и Тоше Проески, тоа беше завршница на една голема промоција на делото на Мисирков, во рамки на која беа направени повеќе од 20 презентации во Македонија, а книгата „За македонцките работи“ беше отпечатена во над 40.000 примероци. Криво ми е што од сите споменици од 2014 година, го отстранија само Мисирков, додава тој“.

Слободен печат во ниту еден момент немаше намера свесно да наштети на угледот на МАНУ. Очигледно е дека дошло до недоразбирање во комуникацијата. Се надеваме дека во иднина ќе имаме добра соработка и комуникација со МАНУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот