МАЛМЕД потврди за „Слободен печат“: Ивермектинот стигна во Македонија

Ивермектин/ Фото Sandrine Mulas / AFP / Profimedia

Лекот Ивермектин од утре или задутре ќе може да се најде во аптеките ширум земјава, потврди за Слободен печат директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, Лирим Шабани.

Ова е нова надеж за третман на Ковид 19, затоа што станува збор за препарат кој во сите студии покажал извонредни резултати, особено ако се дава во првите денови од болеста, но под строг надзор од лекар. Здравствените власти апелираат граѓаните никако да не купуваат Ивермектин и да не го користат на своја рака.

-Ивермектинот е стигнат во Македонија.  Денеска во Министерството за здравство ќе му биде одредена продажната цена. Викендов успеавме да го донесеме. Со стандардна процедура го преведовме упатството за користење за компаниите и тоа го забрзавме и го завршивме. Во Министерството за здравство очекувам денеска да му ја одредат цената на лекот и од утре ќе го има по аптеките, ни изјави Шабани.

Лекот Ивермектин е антипаразитен препарат кој досега во земјава не беше регистриран, освен за користење кај животни. Но, сега ќе се користи и за луѓе, за орална употреба.

Стручната комисија што ја формираше министерот за здравство Венко Филипче, потврди дека овој антипаразитен лек со широк спектар на делување, висока ефикасност и исклучително висока безбедност се покажал како добар. За третирање кај луѓе првпат е употребен во 1987 година, а во последните три децении е препишан во 3.7 милијарди дози низ целиот свет со никакви, или незначителни несакани ефекти. Се користи за елиминација на вошки на главата.

Достапен е во повеќе форми, но за луѓето е дозволена само оралната употреба. Во последните неколку децении, Ивермектин се покажал мошне ефикасен и против низа вируси како ХИВ, денга, западно нилски вирус и други РНК и ДНК вируси.

Станува збор за докажано безбеден лек кој што веќе е влезен во протоколот за лекување на пациентите со ковид 19 кој што е усвоен од стручниот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија и ковид 19 центрите во интернистичкиот блок. Граѓаните досега овој лек на своја одговорност го набавуваа од Грција каде што чини 10 евра.

И во Бугарија во болниците се користи Ивермектин за третман на заболените со ковид 19. Особено е важно да се знае дека лекот за ветеринарна примена не може да се користи за луѓе поради тоа што покрај активната супстанца, во него има и дополнителни помошни супстанци. На 10 април 2020 година американската Агенција за храна и лекови издаде упатство да не се користи ветеринарниот Ивермектин за третман на ковид 19 кај луѓе, зашто може да е сериозно штетен.

На почетокот на декември, тројца врвни доктори од САД одржаа прес конференција на која што упатија драматичен апел ивермектинот да биде одобрен и за третман и за превенција по остварен контакт со заболен од ковид 19. Тие предложија протокол за употреба на лекот, кој што го нарекоа И Маск, во кој што столб е ивермектинот, заедно со носењето маска и примањето витамини.

Лекот според доктор Драган Даниловски, е извонредно ефикасен кај ковид 19 пред изложување на вирусот, одоносно како превенција, после експозиција на вирусот но и во одмината фаза на болеста. Микробиологот Никола Пановски исто така во текот на пандемијата алармираше дека Ивермектинот треба да се воведе во Македонија, повикувајќи се на научни студии и на светските искуства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот