МАЛМЕД ќе го одобри Ивермектинот, ама после ќе ги моли фармацевтските куќи да го донесат зашто ,,не е лек за бизнис”

Ивермектин/ Фото Sandrine Mulas / AFP / Profimedia

Агенцијата за лекови МАЛМЕД, сериозно е решена да го донесе лекот Ивермектин во Македонија, тврди за „Слободен печат“ директорот на институцијата Љирим Шабани.

Според него, прашање на денови е кога ќе завршат сите административни процедури за да може легално да почне увозот на лекот кој дава голема надеж во третманот на пациентите со коронавирус во Македонија, затоа што докажано помага да се намали долготрајноста на хоспитализацијата и на смртноста, а ако се даде во првата фаза од болеста, тогаш помага симптомите да не прогресираат.

Меѓутоа, МАЛМЕД ќе се најде пред сериозен предизвик, како да ги разубеди компаниите, добавувачите и фармацевтските компании да се зафатат со дистрибуција и увоз на овој лек со оглед дека е многу евтин, 12 евра од кутија и едноставно ,,не е лек за бизнис”.

-Неофицијално и ние добивме информација дека има позитивно мислење од стручната комисија за Ивермектинот. Сакаме што побрзо да обезбедиме достапност на лекот кај нас во државата. Откако лекот ќе помине низ нашата комисија во МАЛМЕД, бидејќи станува збор за интервентен увоз и не е регистриран, ќе може да се одобри за увоз. Сметам дека за неколку денови сето тоа ќе биде расчистено. Не знаеме од каде ќе се увезува. Допрва ќе почнеме да зборуваме со компании, добавувачи, фирми, тоа е друга димензија и друг предизвик, колку компаниите ќе можат да го најдат Ивермектинот на светскиот пазар, на европскиот пазар и од каде. Тоа е друг предизвик. Ние ќе го одобриме лекот за потребата за која што ни треба. И во другиот дел ќе помогнеме максимум што можеме најбрзо што можеме да го донесеме заедно со фармацевтските компании државните и приватните болници, ни изјави директорот Шабани.

Ниедна наша фармацевтска компанија не се пријавила да го произведува Ивермектинот.

-Мислам дека ќе најдеме заеднички јазик да го увезуваат овој лек, некои од компаниите кои што ќе сакаат да им помогнат на пациентите. Ова е многу евтин лек, не е лек за бизнис. Сите се залагаме за доброто на пациентите. Ќе ги молиме компаниите да излезат во пресрет. Неофицијално 12 евра по кутија лекот, што значи дека не е лек за бизнис и затоа ќе ги замолиме приватните компании, болниците сите, да ги стимулираме тој лек да го донесеме побрзо тука. Ние сме максимално посветени, реално и сериозно да го донесеме тој лек тука и ќе го направиме тоа, прашање на денови е, додаде директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства.

Стручната комисија формирана од министерот за здравство Венко Филипче, вчера даде позитивно мислење за Ивермектинот, дека е докажано безбеден лек и дека сите студии за неговата употреба против Ковид 19 покажале дека е безбеден. Ниедна студија не покажала неефективност, туку напротив, сите имаат извонредно позитивни резултати.

Ивермектинот, како што информираа од Министерството за здравство за „Слободен печат“ е влезен во протоколот за лекување на пациентите со Ковид 19 којшто е усвоен од стручниот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија и ковид 19 центрите во интернистичкиот блок.

Според наводите на стручната комисија што ја формирал министерот за здравство Венко Филипче, Ивермектинот е антипаразитски лек со широк спектар на делување, висока ефикасност и исклучително висока безбедндност. За третирање кај луѓе првпат е употребен во 1987 година.

Во последните три децении овој лек е препишан во 3.7 милијарди дози низ целиот свет со никакви или незначителни несакани ефекти. Се користи за елиминација на вошки на главата. Достапен е во повеќе форми, но за луѓето е дозволена само оралната употреба. Во последните неколку децении Ивермектин се покажал мошне ефикасен и против низа вируси како ХИВ, денга, западно нилски вирус и други РНК и ДНК вируси. Станува збор за докажано безбеден лек.

Директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, доктор Милена Стевановиќ ни рече дека на оваа клиника немаат никакво искуство со Ивермектинот, но дека нивните колеги од Фармацевтскиот факултет кои го анализирале лекот малку повеќе, од фармаколошки аспект сугерираат дека треба да му се даде шанса. СЗО уште нема објавено ништо официјално за него. Има истражувања во Аргентина и Нов Зеланд каде што велат дека има некаков ефект.

На Инфективната клиника за набавка за давање го нема зашто нема поминато структури, форми на согласност, етички комисии. Не може да се донесе лек од аптека од било која држава и да се даде во болница, мора да се испочитуваат законските процедури, објаснува доктор Стевановиќ.

Процедурата за регистраиција на лекот не е мала. Ако еден лек не е регистриран за одредена болест туку се дава оф лејбл врз база на протоколи и истражувања, се врши истражување кое потоа поминува на етичка комисија за да се потврди дека ги задоволува етичките нормативи. Како таков оф лејбл влегува во државата и како таков се препорачува да се зема. Секој пациент потпишува согласност дека ќе го добие лекот на своја одговорност.

Здравствените власти одлучија да му дадат зелено светло на лекот што чини само десет евра и докажано помага во лекувањето од Ковид. Ивермектин, лекот што во бројни научни студии докажано помага пациентите со Ковид 19 да не стигнат до болнички кревет, туку да им се повлечат симптомите рано, уште во првата фаза од болеста, македонските граѓани преку шверцери досега го добиваа од Грција. Во македонските аптеки не беше регистриран, а го немаше ниту во болниците.

„Слободен печат“ стапи во контакт со повеќе пациенти од Македонија кои што Ивермектин си нарачале по сопствени канали од Грција, а го платиле 1200 денари за четири апчиња од три милиграми. Цената во Грција е пониска, односно изнесува десет евра, а нашите извори платиле маржа за достава, односно профитот на добавувачите. Грција не е единствената земја од регионот каде се користи Ивермектинот како лекарство. Во Бугарија тој е веќе составен дел од болничките протоколи.

Аџибадем Сити Клиник е болница во Софија, каде Ивермектинот е официјално внесен во болничкото лекување на Ковид 19. Професор доктор Иво Петров од оваа болница, за бугарските медиуми вели дека е прерано да се каже повеќе, но кога лекот се применува во првите неколку дена по појавата на симптомите, тие се повлекуваат значително побрзо, болеста напредува потешко и поретко има потреба од интензивна терапија со кислород, вклучително и интубација. Тој самиот како здравствен работник го зема лекот за своја лична превенција, затоа што дневно е во контакт со над 20 позитивни пациенти на ковид одделението.

Конечно Ивермектинот доаѓа и во Македонија!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот