Малку очекувавме, помалку добивме на ЗОИ 2022

Фото: Благоја Георгиевски/Слободен печат

Ако вака продолжат скијачките работници да се согласуваат како рогови во вреќа, на следните ЗОИ во смисла на учество и резултати веројатно ќе бидеме уште понезабележителни одошто бевме сега. Македонија во зимските спортови досега немала некои значајни резултати, а како одат работите и тоа малку што го имаме, го „ситниме“.

Македонската спортска јавност не очекуваше многу, но доби и помалку од очекуваното од нашите претставници на Зимските олимписки игри во Пекинг 2022, кои викендов завршуваат.

Македонија беше претставена со тројца спортисти, нордијците Ставре Јада и Ана Цветановска и алпинецот Дардан Дехари. Иако текстот е пишуван пред последниот настап на Јада во трката на 50 километри (сабота), може да се каже дека што се однесува до спортскиот дел, тој е под и онака скромните очекувања што ги имавме пред почетокот на Игрите.

Имено, Цветановска не можеше да настапи на една од своите две дисциплини, затоа што организаторот го ограничил бројот на учесници во таа дисциплина, а таа отпаднала од списокот. Дардан Дехари се повреди на тренинг и тоа го оневозможи да настапи во слалом и во велеслалом, како што беше предвидено.

Од македонските спортисти не очекувавме сензации во нивните настапи, но дури и од планираните трки, на половина не настапија. Јада настапи на 1,5 километри слободно и од 88 натпреварувачи се пласира на 86. место, а Цветановска беше 95. од 98 тркачки на 10 километри.

Споредувајќи ги ЗОИ со настапот на нашите спортисти на ЛОИ Токио што се одржаа лани, кога таеквондистот Дејан Георгиевски се врати со сребрен медал, Македонија беше скромно, симболично претставена на зимските Игри.

Но, сепак, медиумите и социјалните мрежи не беа лишени од теми што се однесува до зимските спортови во Македонија. Кавгите и несогласувањата помеѓу нашите спортски работници во зимските спортови што излегоа на виделина токму за време на ЗОИ 2022, од погрешни причини го занимаваа делот од нашата јавност што го следи спортот.

Серија од обвинувања и контраобвинувања помеѓу тренерот на алпинците Антонио Ристевски и претседателот на Скијачката федерација на Македонија Огњан Циговски открија голема поделеност на организациско ниво во овој спорт. Како што обично се случува, на прв поглед тривијалната расправија околу „работното време“ на Ристевски, откри голема нетрпеливост помеѓу двајца луѓе што треба тесно да соработуваат. Во приказната се вмеша и донеодамнешниот тренер на македонските нордијци Ѓоко Динески, кој исто така испрати серија критики на сметка на раководството на СФМ.

Подобро упатените велат дека она што ѝ беше сервирано на јавноста во овие кавги е само врв на ледената санта, а под површината се кријат уште подлабоки поделености, нетрпеливости кои како што изгледа и во иднина ќе произведуваат проблеми.

Кавгите не се ништо ново во нашиот спорт, особено кога една раководна гарнитура е заменета со друга, како што е случајот во СФМ каде што Циговски дојде на чело пред речиси една година. Секако, несогласиците секогаш се на штета на спортските резултати. Ако вака продолжат скијачките работници да се согласуваат како рогови во вреќа, на следните ЗОИ во смисла на учество и резултати веројатно ќе бидеме уште понезабележителни одошто бевме сега. Македонија во зимските спортови досега немала некои значајни резултати, а како одат работите и тоа малку што го имаме, го „ситниме“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот