Малку мајки меѓу градските татковци

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Полова рамноправност, зголемување на женските права или како што би рекол премиерот – џинџер баланс. Колку пати во животот сте слушнале повици за израмнување на мажите и жените во Македонија? Јас секојдневно ги слушам и ги поддржувам апелите за родова еднаквост, а морам да признаам и дека досега се донесени законски мерки за надминување на овој проблем. Освен во областите каде што не се. Односно, доколку законот пропишува, тогаш и сите се феминисти. Но, само тогаш.

Треба да се истакне дека поголем број жени се најдоа или сè уште се наоѓаат на јавни функции, а нив ги има и меѓу судијките, обвинителките, универзитетските професорки. Ги има на телевизија, меѓу новинарите, уредниците, голем број жени се признаени како интелектуалки, аналитичари, лекари, инженери, иноватори итн.

Во земјава на сила се и позитивни законски норми за изедначување на мажите и жените кога се во прашање кандидатите за пратеници во Собранието или, пак, кандидатските листи за советите на општините. Најмалку 40 проценти од секоја партиска или независна листа мора да биде составена од жени. Дел од кандидатките потоа станува пратенички или советнички. Прекрасен начин за подобрување на „џендер(полов) баланс“ во демократските институции, каде што се носат закони или се изгласуваат одлуките со кои ќе треба да се подобри животот на граѓаните во одредена општина. Законските решенија се одлични, но од некоја причина тие не се однесуваат на изборот на градоначалници. Не постои закон со кој се регулира половата рамноправност при номинацијата на градски татковци, па партиите и немаат обврска да предлагаат „мајки“.

Пред неколку денови беше објавена веста во која се вели дека само 8 отсто
од кандидатите за градоначалници, за претстојните локални избори во
октомври се жени. Од номинираните 65 кандидати на СДСМ, само пет се жени.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ досега објави само половина од предвидените кандидати за изборите, од кои само три се од „понежниот“ пол. Кај партиите на Албанците, процентот на жени е уште помал. ДПА најави дека ќе кандидира жена во Гостивар, додека од ДУИ во трката за Тетово ќе ја поддржат досегашната градоначалничка Теута Арифи. И толку.
Мејнстрим партиите секогаш се „проевропски“, „прозападни“, „зелени“ и „прогресивни“, но кога законот не ги обврзува, тогаш и не се грижат за половата рамноправност. Овде-онде по некоја жена кандидат, додека општините остануваат под машко владение, како последниот бастион на „тестостеронската супремација“.

Очигледно е дека Македонија е суштински далеку од функционална полова рамноправност. Партиите паднаа на уште испит, кога помеѓу два семинара за полов баланс, ги составуваат небалансираните списоци со кандидати за градоначалничките позиции. Тие ги покажаа своите вистински лица во единствената можност кога тоа можеа да го направат. Затоа и не треба човек да верува кога од нечиј штаб ќе се прокламираат зелени, европски или не знам какви агенди.

Во моментов во Македонија има само шест градоначалнички. Помалку од деновите во неделата, една повеќе од прстите на раката. Премалку? Да, но не и за партиите. Според тоа што тие го нудат, подготвени се по изборите бројот на жените и дополнително да го намалат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот