Фото: Pexels/Valeriia Harbuz

Малините се природен еликсир: Подобро паметење, помалку килограми, помал ризик од рак

Малините се овошје кое содржи околу 85 проценти вода, па затоа подолго го задржуваат чувството на ситост, а воедно се и нискокалорични. Совршени се за оние што сакаат да се хранат здраво или да ослабат. Подеднакво се вкусни и свежи и замрзнати, без губење на хранливата вредност, пишува „Е-клиника“.

Хранливи состојки во малините

Малините припаѓаат на семејството на рози и лесно се комбинираат со други намирници. Науката потврдува дека имаат потенцијал во превенција на дијабетес, рак, дебелина, артритис и други хронични заболувања. Благодарение на антиоксидансите, тие можат да го забават процесот на стареење.

Една порција (123 г) свежи малини содржи 64 калории, 14,7 г јаглехидрати, 8 г растителни влакна, 1,5 г протеини и само 0,8 г масти. Особено се истакнуваат со витамин Ц (54 отсто од дневните потреби) и манган (41 отсто), а содржат и витамини од групата Б, железо, магнезиум, калиум, како и помали количини на витамин А, калциум и цинк.

Природна заштита од болести

Малината е богата со витамин Ц, кверцетин и елагична киселина – соединенија кои ги неутрализираат слободните радикали и го намалуваат оксидативниот стрес. Лабораториски студии покажале дека екстрактот од малина може да ја намали воспалителноста и да ги поправи оштетувањата на ДНК.

Регулација на шеќерот во крвта

Благодарение на влакната и танините, малината ја успорува разградувањето на скробот и го стабилизира нивото на шеќер во крвта. Истражувања на лабораториски модели укажуваат дека редовната консумација може да ја намали инсулинската резистенција и да го подобри здравјето на црниот дроб.

Го намалува ризикот од рак

Испитувањата покажуваат дека екстрактот од црвена малина може да уништи значителен дел од клетките на рак на желудник, дебело црево, дојка и јајници. Иако станува збор претежно за истражувања врз животни и во лабораториски услови, резултатите се доволно ветувачки за да се препорача поголем внес на ова овошје.

Придобивки за зглобовите, телесната тежина и младоликоста

Благодарение на антиинфламаторните својства, малината помага кај артритис, а нискиот калориски состав ја прави сојузник во слабеењето. Витаминот Ц ја стимулира продукцијата на колаген и ја штити кожата од оштетувања од сонце. Студии на постари животни дури покажале и подобрување на координацијата и силата.

Когнитивни предности

Истражување објавено во 2022 година во списанието „Фронтиерс ин нутришн“ открива дека редовното внесување малини кај постари возрасни лица го подобрува паметењето и брзината на обработка на информации. По 12 недели консумација на прашок од малина, испитаниците покажале подобри резултати на тестови за внимание и вербална меморија – ефект што се припишува на синергиското дејство на полифенолите и витаминот Ц.

Совети за чување и употреба

Свежите малини имаат краток рок на траење и најдобро е да се изедат во рок од 1–2 дена. Избирајте цврсти и неоштетени плодови, а за замрзнување тоа треба да се направи веднаш по бербата за да се задржат хранливите својства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот