Макрон притиска брзо да се отворат преговори со Албанија и Северна Македонија, пишува албански медиум

Емануел Макрон, претседател на Франција / Фото: EPA-EFE/IAN LANGSDON

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, им испратил писма на сите француски амбасадори во земјите од Европаката Унија, во кои бара од нив интензивно да работат за отворање на преговори со Албанија и Северна Македонија, пишува албанскиот медиум Албанијан Пост.

Порталот, според негови извори од Елисејската палата, пишува дека Макрон поставил два датума. Првиот датум за решавање на проблемот меѓу Бугарија и Северна Македонија е 14 декември, односно дотогаш двете балкански земји треба да постигнат договор за бугарското вето за Северна Македонија, што е пречка за отворање на преговори и за Албанија.

Вториот датум поставен од Макрон, е 31 декември. До крајот на годината според Албанијан Пост, претседателот на Франција побарал отворање на преговорите со Албанија и Северна Македонија.

Симболиката на 14 декември се надоврзува со состанокот на шефовите на земјите од ЕУ. Ако договорот се постигне до овој датум, тогаш Унијата ќе може да го утврди почетокот на преговори за Тирана и Скопје.

Француските амбасадори во ЕУ ги очекува интензивна агенда на состаноци до 14 декември.

Албанијан Пост во својата анализа уште додава дека ова е еден од поконкретните чекори што се презема од една членка на ЕУ за отворање на преговорите. Главната причина за ова туркање од официјален Париз е фактот што Франција го презема претседавањето со Унијата од 1 јануари 2022 година. Париз не сака да преземе стар нерешен проблем, наведува порталот.

За ова иницијатива Макрон наводно добил одобрение од лидерите на водечките земји во ЕУ, меѓу кои и од германската канцеларка во заминување Ангела Меркел.

Албанијан Пост пишува и дека Северна Македонија сега е во една нејасна политичка ситуација. Премиерот Зоран Заев најави дека ќе поднесе оставка од позицијата премиер, но тоа официјално уште не е направено, а се очекува и гласање доверба на неговата Влада во Парламентот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот