
Македонските производители со ништо не го нарушуваат пазарот на челик во САД
Македонија досега ниту казнила ниту била казнета со дампиншка или компензаторска мерка, вели професорот Зоран Јолески, кој е еден од најдобрите познавачи на светскиот трговски систем. Тој за „Слободен печат“ потсетува дека протекционистичките мерки се повеќе изразени кај големите држави, а кај малите и отворени економии, каква што е македонската, тие тешко ќе дадат резултати
Извозот на челик од Македонија засега не е засегнат од најавите на американскиот претседател Трамп дека ќе објави царина од 25 проценти за увоз на челик и алуминиум од сите земји, а доброизвестени извори за „Слободен печат“, велат дека Македонија воопшто не е споменатаѝ во тој контекст. Ваквите компензаторски царини се однесуваат на земји за кои постои сомнеж за нефер субвенционирање на производството, што претставува закана за нанесување економски штети на други производители.
Препорачано
Сепак, експертите предупредуваат дека домашните производители треба да бидат внимателни и да ја следат состојбата, па дури и може да профитираат ако царините ги закачат другите играчи од челичната индустрија. Во моментот, најголеми извозници на челик во САД се Канада, Бразил, Мексико, Јужна Кореја и Виетнам, додека Канада е главен снабдувач на увезен алуминиум.
– Засега не сме спомнати, оти ние сме многу минорен извозник на челик на американскиот пазар. Од друга страна, ако Трамп се реши да ги зголеми царините, американските производители, кои ќе вградуваат поскап челик, ќе имаат зголемени трошоци за нивните финални производи – велат нашите извори. Според статистичките податоци, во 2024 година Македонија со САД разменила стока во вредност од над 314 милиони долари, наспроти 320,7 милиони долари во 2023 година, што значи била помала за 2,1 отсто. Извозот од Македонија во САД лани достигнал значајни 118,2 милиони долари, што е за 2,2 пати (220 отсто) повеќе од претходната 2023 година кога бил 53,6 милиони долари.
Што се однесува до Македонија, ние досега ниту сме казниле, ниту пак сме биле казнети со дампиншка или компензаторска мерка, вели професорот Зоран Јолески, кој е еден од најдобрите познавачи на светскиот трговски систем.
Тој за „Слободен печат“, потсетува дека протекционистичките мерки се повеќе изразени кај големите држави, а кај малите и отворени економии, каква што е македонската, тие тешко ќе дадат резултати.
Инаку, пред повеќе од дваесеттина години, земјава за малку го избегна воведувањето на антидампинг за извоз на челик. Шансите да бидеме изземени од ваквите протекционистички мерки во голема мерка ни ги зголеми квалификацијата на земја во развој, со помал извоз од 3 проценти во вкупниот американски увоз и тогашните преговори за влез во СТО.
Имено во 2022 година, САД за 30 проценти ги зголемија царините за увоз на странски челик, a Европа ги активираше самозаштитните мерки (сејф гард межрс), како одговор на заштитните мерки за американската металургија. Мора да се одбележи дека американската администрација во духот на поддршката на малите земји во развој, меѓу кои и Македонија, направи исклучок затоа што македонскиот извоз на челик со ништо не ја загрози американската металургија.
Претходните анализи покажаа дека пластичните и хемиските производи, базните метали и текстилот, се најказнуваните светски производствени сектори. Oд друга страна, пак, компензаторските царини се користени многу помалку од антидампингот.