МНР реагира на говорот на бугарскиот пратеник кој рече дека „Македонија е Бугарија“

Костадин Костадинов
Костадин Костадинов / Фото: МИА

Костадин Костадинов, лидерот на новата политичка сила во Бугарија – националистичката партија Преродба, денеска од собраниската говорница порача дека неговата партија ќе преземе чекори во седиштето на ЕУ и европските институции, за да докажува дека Македонија и Бугарија биле едно.

„Ќе го направиме тоа што нашата држава не го прави. Ќе зборуваме за бугарската историја, за бугарската култура и за бугарскиот јазик во Европската Унија, во Стразбур, во Брисел, таму каде што се центрите на европските институции, за да стане јасно едно – Македонија е бугарска, отсекогаш била и ќе биде. Македонија е Бугарија. Бугарија е Македонија, да живее Бугарија“, рече Костадинов.

Партијата Преродба е позната по проруските и антиамериканските ставови, како и по ставовите против Ромите и против мигрантите.

За Костадинов не постои македонски јазик, а идните преводи од македонски на бугарски и обратно се „национално предавство“. Тој најави „едукација на европските партнери за фактичката вистина за македонскиот јазик“ и ја навреди претседателката на Европската Комсија Урсула фон Дер Лајен поради тоа што во Скопје таа порача дека македонскиот јазик е признаен и ќе биде официјален јазик во Европската Унија.

„Ние во Бугарија имаме луѓе кои мислат дека во Швајцарија се зборува на швајцарски, во Америка на американски, во Австрија на австриски и дека Баварците зборуваат на баварски, само што тие луѓе не се шефови на Европската Комисија. И таа неписменост не ја оправдува ниту Урсула Фон дер Лајен, ниту нејзините партнери потчинети во Европската Комсија“, рече Костадинов.

Тој македонското малцинство во Бугарија го нарече „непостоечко“ и тврдеше дека тоа е „организирано директно или индиректно од соседната земја“.

На настапот на Костадинов реагираше македонското Министерство за надворешни работи. МНР соопшти дека ќе биде упатена формална вербална нота до Министерството за надворешни работи на Бугарија поради изјавите на пратеникот и лидер на политичката партија „Преродба”.

Од МНР информираат дека и претходно веќе реагирале на изјавите на пратеникот, во која посочиле дека очекуваат надлежните институции и политички претставници во Република Бугарија „да се оградат и да го осудат овој говор на омраза во кој неспорно се содржат и територијални претензии“.

-Не само што овие пораки се директно спротивни на духот на Договорот за пријателство во чија суштина е меѓусебната почит како основа за унапредување на добрососедските односи, туку и пораки кои не се ниту во духот на европските вредности и нашето заедничко евроатлантско сојузништво. За денешниот инцидент формална вербална нота ќе биде упатена до Министерството за надворешни работи на Бугарија, се вели во соопштението од МНР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот