Македонија чека преговори, Вархељ носи вакцини

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархељ денеска во Скопје ќе донесе вакцини како дел од помошта на Европската Унија за Западен Балкан во борбата со коронавирусот, но дали неговата посета ќе донесе и реална поддршка за евроинтеграцијата на регионот каде што се појавија нон-пејпери за нови балкански граници и растат национализмот и евроскептицизмот.

Аналитичарите не очекуваат многу од неговата посета освен „веќе виденото“. Резигнацијата се чувствува и кај државниот врв, кој сè погласно ја критикува ЕУ за неиспорачување на ветените преговори за членство, а претседателот Стево Пендаровски викендов откри дека на Вархељ во Брисел му рекол: „Фала Богу, ви текна Европа да биде поприсутна овде“.

Вархељ ќе допатува со првата тура од 651.000 вакцини за регионот од производителот „Фајзер-Бионтек“, кои ќе пристигнуваат во неделни транши до август како помош од ЕУ и поконкретно од Австрија, од кои за нашата земја се предвидени 119.000 дози.

„Патувам на Западен Балкан за да упатам јасна порака: Ние се грижиме! Се грижиме за нашите партнери и за нивните здравствени работници и најзагрозените граѓани. Испораката на вакцините ја потврдува нашата посветеност во давањето поддршка, како што тоа го правевме од почетокот на пандемијата. Заедно сме посилни“, напиша Вархељ пред турнејата во која вчера ја посети Србија, денеска Македонија, БиХ и Црна Гора, а утре ќе оди во Албанија и Косово.

Вакцините се финансираат од пакетот од 70 милиони евра, што ЕК го усвои лани, во декември. за да помогне во покривање на трошоците за вакцинација.

Регионот одамна требаше да добие од авансно платените вакцини, а политичките игри низ ЕУ само ја засилија перцепцијата дека на Брисел не му се важни шесте земји од Западен Балкан.

Според аналитичарот Благојче Атанасоски, сè помалку има простор за реален оптимизам за евроинтеграција на регионот во кој сè повеќе ќе влијаат други евроазиски сили.

– За жал, ЕУ се чини како да не знае што да прави со својот „двор“, односно со европерспективите на земјите од Западниот Балкан. Со децении сме во чекалницата, со постојани ветувања за светла и гарантирана европска иднина, но остануваме на празни ветувања. Посетата на Вархељ ја гледам како ништо особено, уште едно повторување на  излитени дипломатски фрази ,,дека иднината е во полноправно членство во Унијата и земјите од регионот припаѓаат историски, географски и културолошки во Европа“, но само толку. Затоа е нормално овој вакуум простор да се обидуваат да го пополнат други евроазиски и азиски сили, кои го гледаат како поширок дел од својата сфера на влијание, во прв ред Русија и Кина, но и регионалните сили Турција, Саудиска Арабија и заливските петролмонархии – вели Атанасовски за „Слободен печат“.

Конкретно, за македонските евроинтеграции тој смета дека и оваа година е загубена.

– Според заплетканоста на бугарската политичка сцена, која најверојатно ќе заврши со парламентарни избори налето, не гледам позитивност оваа година дури ни за време на словенечкото претседателство, бидејќи ќе помине многу време додека Бугарија да добие стабилна и цврста влада, која би можела да се врати на преговарачката маса со нас. Како и да е, процесот и на земјите од Западен Балкан и нашиот евроинтегративен е ставен во ,,лимбо“ од кое не знам дали и како би излегле во скоро време – вели Атанасоски.

Мас: Историчарите без притисок да ги решат спорните прашања меѓу С Македонија и Бугарија

Германија сериозно ја гледа европската перспектива на земјите во регионот, а особено тоа важи за С Македонија, која одамна ги исполни условите за пристапување во ЕУ, порача германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, по вчерашната средба со македонскиот колега Бујар Османи во Берлин.

– Минатата есен имавме вложено многу заложби да ја отвориме првата пристапна конференција, не успеа тоа, но сега, за време на португалското претседателство, и понатаму работиме на тоа. Сметаме дека не само што има смисла, туку е и неопходно, имајќи ја предвид довербата што граѓаните на С Македонија ја имаат во нас, но исто така интерес на ЕУ е што побрзо да се отвори пристапната конференција – рече Мас.

Според него, Германија може да помогне во решавање на спорните прашања меѓу Македонија и Бугарија, но клучно е спорот да се реши билатерално.

– Историчарите мора да ги водат преговорите во рамките на комисиите, без притисок однадвор – рече тој.

Министерот Османи рече дека Македонија има искрен и позитивен однос кон Бугарија и е подготвена да навлезе во суштинска расправа за недоразбирањата што ја оптоваруваат довербата.

Османи и Мас се согласни дека Македонија и Албанија е подобро заедно да ги почнат преговорите со ЕУ.

„Емпириските податоци покажуваат дека кога државите се движат заедно во процесот, синергијата што се создава е поголема од збирот на поединечното движење на државите. Сметаме дека С Македонија и Албанија ги имаат исполнето условите, треба да почнат преговори што ќе дадат нова динамика на ЕУ-перспективата на регионот. Ние веќе 11-ти пат добиваме препорака за почеток на преговорите – рече Османи.

Во врска со нон-пејперите, Мас отфрли каква било вмешаност на Германија, оценувајќи ги како лажни вести, со образложение дека тие не поддржуваат промени на границите на Западен Балкан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот