„Лукоил“ на Стража/ Фотографија: „Слободен печат“

„Лукоил“ не е наш клучен играч за бензин, но има 545 вработени

Компаниите од каде што доаѓааат најголем дел од нафтените деривати во Македонија не се погодени од санкциите.„Лукоил“ треба да ги заврши или значително да ги намали своите странски активности до 21 ноември 2025 година

Низ државава има 389 бензински пумпни станици, Макпетрол поседува најголем број – 127, потоа е „Лукоил Македонија“ со 40 бензински станици, ОКТА со 27 бензински станици, а преостанатите 195 бензински станици се во сопственост на повеќе други домашни претпријатија. Веста за продажбата на компаниите на „Лукоил“ надвор од Русија е тема што постави многу прашалници во јавноста во сите земји каде што компанијаат има бензиски станици или рафинерии. Прашањата што лебдат и кај нас се дали ќе се почувствува пореметување на пазарот на нафтени деривати и што ќе стане со вработените.

Во македонската „Лукоил“ има дури 545 вработени, а според сознанијата до кој дојде „Слободен печат“ компанијата инсистирала по продажбата сите работници да бидат задржани.

„Лукоил“, како што веќе одекна во светската јавност, ја прифати понудата на меѓународната компанија „Гунвор груп“ за превземање на „Лукоил интернејшнл“ и се обврза да не преговара со други компании. Но, бидејќи постојат санкции од стана на САД кон „Лукоил“, „Гунвор груп“ мора да добие лиценца од Канцаларијата за контрола на странски средства (ОФАК) при Министерството за финансии на САД. Со оваа лиценца практично треба да се обебеди дека компанијата веќе нема руски капитал и не купува руска нафта.

Гунвор“ ги прекина набавките на руската нафта, согласно санкциите и сега прави набавки од Америка, а тргува и со африкански, азиски и јужноамерикански нафтени деривати, работејќи на сите континенти.

„Лукоил“ треба да ги заврши или значително да ги намали своите странски активности до 21 ноември 2025 година. Што и да се случи, според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, тоа нема да предизвика проблеми во снабдувањето со нафтени деривати.

-Кај нас, најголем дел, односно околу 80 проценти од обезбедените количини доаѓаат од Грција, а околу 7 до 8 проценти преку Лукоил доаѓаат од Бугарија. Од овие санкции, Македонија нема да биде погодена. Компаниите од каде што доаѓа нафтата во Македонија не се погодени од овие санкции. Ќе потсетам дека сигурноста во снабдувањето со нафтени деривати беше обезбедена и во многу потежок период пред неколку години кога беше енергетската криза-вели Бислимовски.

Во Бугарија се наоѓа најголемата рафинерија на Балкан, а таа е во сопственост на Лукоил. По одлуките на Бугарскиот парламент да се прекине увозот на руска сурова нафта, рафинеријата почнала да користи сурова нафта од други земји — Казахстан, Ирак и Тунис.

„Трговците очекуваат дека Лукоил Нефтохим Бургас најверојатно ќе ја замени руската нафта главно со KEBCO, казахстанска сорта извезена од руските пристаништа со ист квалитет како рускиот Урал. Сепак, нејзината понуда е ограничена, а нејзината цена е значително повисока од онаа на Урал, што би можело да ги зголеми цените на горивата“, пишуваше Интелњуз откако лани бугарската рафинерија ги смени добавувачите.

Затоа домашните експерти велат дека самите санкции кон руската нафта и руските нафтени компании може да предизвикаат одредено зголемување на цените. Тоа може да биде и новата реалност по продажбата на компаниите на „Лукоил“. По објавувањето на санкциите кон Лукоил и Роснефт, цената на Брент суровата нафта порасна за околу 5,7 проценти на 66,13 долари за барел.

Додека се исцртува една поинаква карта за снабдување со нафтени деривати, земјите членки на ОПЕК+ тактизираат со производството. Тие соопштија дека ги зголемуваат своите квоти за производство за декември за 137.000 барели дневно во споредба со ноември. Групата објави дека нема да го зголемат производството во првиот квартал од 2026 година поради страв од прекумерна понуда и пад на цените.

„Од декември, поради сезонски фактори, осум земји, исто така, одлучија да го паузираат зголемувањето на производството во јануари, февруари и март 2026 година“, се вели во соопштението на Групата.

Бензинот поскап за половина денар, дизелот за денар

Бензините од полноќ ќе поскапат за половина денар, а дизелот за еден денар во однос на цените од четвртокот, одлучи Регулаторната комисија за енергетика. Новата цена на Евросупер 95 е 74 денари, а на Евросупер 98 е 76 денари, додека Евродизелот сега чини 71 денар.

Пресметките се базираат на берзанските цени и на курсот на доларот.

„Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 2,849 проценти или за 19,2 долари за тон, кај дизелот зголемувањето е во просек за 2,319 проценти или за 16,4 долари за тон. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, во просек изнесува 53,0073 денари за долар и е за околу 0,0034 проценти понизок од курсот на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка“, пишува во Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот