Локвенец: Собраниските комисии за надзор на безбедносните служби и МВР се под контрола на ВМРО ДПМНЕ, никој не ги следи (ФОТО+ВИДЕО)

Според се уште актуелниот пратеник, Хари Локвенец, формалниот статус на сите 120 народни претставници во овој момент е пратеници, и оттаму, како што вели тој во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, не му се јасни противењата за повторно свикување на Собранието, особено за време на прва вонредна состојба во државата.

-Инженерски, а не правно, врзано со статуст на пратениците и со онаа клаузула дека Собранието заседава непрекинато 365 дена во годината, мојата дилема кон оние кои беа против ново свикување, по распуштањето е само една: Единствената причина што ние пратениците земаме плата после распуштањето на Парламентот е една – потребата да и бидеме на располагање на државата во случај на воена или вонредна состојба и никако не ми се јасни наидувањата на правни причини зошто Парламентот не можеше да биде свикан повторно. Не ја сфаќам ни опозицијата со сите алатки за мониторирање да биде против, изјави Локвенец.

Зборувајќи за можноста на одржување избори по завршувањето на вонредната состојба, Локвенец тврди дека однесувањето на владејачката партија покажува добра волја, а владината уредба е јасна дека повремено ги прекина изборите.

-Уредбата која Владата едногласно ја има донесено со прекин на изборите и продолжување со истите, сметам дека е кристално јасна уредба. Не постои ниту еден здравствен или политички субјект кој може да тврди дека ќе има подобрување со корона вирусот. Сето тоа зборува дека треба сите заедно, преку изнајдување решение на проблемите, да го зграпчиме моментот и да одржиме избори во оној момент кога ќе има услови за почитување на здравјето на граѓаните, рече Локвенец.

Според него, не се проблем самите избори , бидејќи се решение на моменталните прашања отворени во државата, од корона вирусот, до економијата, до правниот систем.

Коментирајќи ги неодамнешните изјави на претставникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николовски, кој се жалеше дека е следен од страна на власта, Локвенец смета дека се работи за несериозна изјава која го одвлекува вниманието, и дополни како работат собраниските комисии кои се одговорни за надзор на службите за следење:

-Организацијата на комисиите во Собранието кои го следат безбедносниот сектор се три: Комисијата за одбрана и безбедност која ја водам јас, втората комисија е за надзор на работата на безбедносните служби, каде претседател е од редовите на опозицијата и комисијата за следење на комуникациите е претседавана од опозицијата. Јас реков, Собранието работи според Устав 365 дена и сметам дека нема никаква пречка таквите комисии да одржуваат вонреден инспекциски надзор. Несериозно е претставници од опозицијата кажуваат дека се следат. Тие сомнежи треба да се проследат во Обвинителството и во МВР. Ако ги земеме реформите во безбедносниот сектор, ние ја воведовме ОТА, без која не може да се случи ниедна форма за следење на комуникациите, и која е под директна надзорна контрола на една од комисиите кои ги води опозицијата, никако не смееме да зборуваме за следење. Сметам дека е излишно како потреба да се коментира бидејќи МВР го води министер од опозицијата, службата која е за организиран криминал, водена од опозицијата…ваквиот начин на комуникација е непродуктивен и сметам дека се работи за одвлекување на вниманието., рече Локвенец.

Тој изрази убеденост во голема победа на неговата партија, на избори, кои вели Локвенец, ќе се случат многу брзо.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот