Локалните избори – битка за и против Евро-Македонија

Димитар Димитров/ Фото: Скриншот

Најнапред благодарност до европратеникот Ројтен за синтагмата од насловот (Евро-Македонија), која двапати спонтано ја употреби во интервју на „Утрински брифинг“. Ја позајмувам тука зашто најсуштествено го изразува карактерот на врската меѓу Македонија и Европа; посоодветно отколку кога го велиме „европска Македонија“. Двете именки во синтагмата прават – унија! Се поврзуваат во заедничка судбина!

На таа идеална унија почна практично да се работи особено со Пржинските договори и ќе продолжи да се работи трајно, бидејќи тоа е услов sine qua non, освен за Македонија и за битието на самата ЕУ. Пржинските договори веднаш упатија кон главното – владеењето на правото, како фундаментална вредност на ЕУ, кое го противставија на режимот како негација на правото. Таа противставеност интуитивно ја доловија студентските протести, со оставање пред владата копија од Уставот, укажувајќи симболично на превратот што го извршила партијата со име ВМ Револуционерна организација – Демократска Партија МНЕ. Од тогаш до сега Македонија е „бојно поле“ на кое се судираат потенцијалите на европска и на анти-европска тенденција. Во игра се историското наследство, инфраструктурата, правосудството, образованието, културата, моралот, вредносниот систем, условите за социјалната промоција, медиумите, се`. Соодносите меѓу сите тие нешта ја даваат состојба на „фронтот“ и темпото на одот од идејата кон праксата.
Релативно лесно се договори патот на правдата. „Бомбите“ на Заев и „Шарената револуција“ поставија високи морални и политички стандарди; СЈО го обвини раководството на револуционерната организација како „злосторничко здружение“. Но вкупниот капацитет на општеството не обезбеди сигурно чекорење по тој пат.

Инкриминираниот режим го врати ударот. СЈО го снема, Катица Јанева е со судска пресуда, а предмети со тешки обвиненија се влечат по судовите до застарување. Додека, од друга страна, криминални/коруптивни практики при актуелната власт – наспроти очекувањата од „бомбите“ и од „Шарената револуција“ – избија на преден план пред јавноста.

Низ таа шума од поревања, како константа, се протега антизападниот/антиевропскиот курс, бидејќи Америка и ЕУ на криминалот и корупцијата им се испречија со принципите на владеењето на правото и на казнивоста. Под превезот на патриотизам, револуционерната организација, на јаслите на државата, перманентно ја саботира Евро-Македонија. Митот на ВМРО до таа мера им го разнишала расудокот на луѓето, што си дозволија и „политика на терор“ (наслов на книга за ВМРО на Данкан Пери) врз сопствената држава.

Државата која го осуди (и продолжува да го суди) лидерот за криминал, е туѓа држава. Македонија е ВМРО. Народот е ВМРО.

Можеби така можело да се кажува во контекст на (историското) ВМРО, при услови на „Македонија под ропство“ (Павел Шатев). Сега, со апликацијата на акронимот ВМРО во името на партијата, „погледот на светот“ на еден криминалец добива вид на партиска идеологија. Пред изборите овој „поглед на светот“ уште се омасовува. Го споделија челниците на МАНУ, на УКИМ, на МПЦ, двајцата експретседатели (едниот протагонист на криминалната приватизација, другиот – ментор на антиквизацијата и на војничкиот модел на партијата) и не мал број медиуми. Во тој, објективно, натпревар по некомпетентност, Евро-Македонија е негација на Македонија, договорите со Бугарија и со Грција се предавнички, политичарите од власта националните интереси ги жртвуваат пред туѓи, империјални интереси какви што спроведуваат НАТО и ЕУ.

На таа „инфериорна“ Македонија и` се спротиставува илјадагодишната традиција на автохтониот „македонски дух“!

Таков „поглед на светот“ победи на локалните избори. И тоа може да се гледа и како една изгубена битка на Евро-Македонија, и како Пирова победа на ВМРО-ДПМНЕ.

Парадоксално е што револуционерната организација во оваа битка имаше помош/подарок од демократска Европа, нејзиниот главен непријател, која не најде клуч да отвори врата од ЕУ за Македонија.И тоа е поука за ЕУ: кога не е со проевропјаните, тогаш е со антиевропјаните. Така што за победата победниците должат благодарност и на ЕУ, и, особено, на Бугарија (за ветото).

Мечтателите на „горда Македонија“, скраја од главната/епохалната тенденција на европската идеја, верни идејни следбеници на Груевски, се` повеќе ќе се маргинализираат, до ниво на маалски пеливани.

По логиката на нештата, парадоксот на заднинската „соработка“ меѓу револуционерната организација и европската демократија, ќе има втор чин. Имено, локалните изборни победници ќе се најдат во ситуација која ќе ги присили да ја напуштат позицијата на апсолутна деструкција. Ќе мораат нешто да прават. По инерција, некои од нив уште при давањето заклетва се огрешија од уставното име и од Преспанскиот договор, но тоа не им помина. Ќе мораат да свртат лист, да поминат од деструкција кон конструкција, од револуција кон демократија. Тоа одвнатре ќе ја топи револуционерната организација. Затоа е ова нејзина Пирова победа.

Во тој дух може да е добредојдена и помошта од Уставниот суд, со забрана на апликацијата на акронимот ВМРО во името на партијата.

П.С. Точно кога го завршив текстот, разбрав за „новото парламентарно мнозинство“ – една каша од баби и жаби (партии меѓусебно некомпатибилни и застанати на спротивни страни во поглед на нашата евроатлантска интеграција). И ова го впишувам во графата „поревања“, без потенцијал да го сруши проектот Евро-Македонија. За жалење е што губиме време, поради околностите назначени погоре.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот