Лога: Заменичката Аврамовска-Мадиќ дала неточна информација за авторите на измените на КЗ

Министерот за правда Кренар Лога на денешниот брифинг

Министерот за правда Кренар Лога повтори дека не се согласува со измените на Кривичниот законик, со кои се намалија казните за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружување, но нема да презема ништо и ќе се воздржува од понатамошни коментари околу тоа за што конкретно не се согласува, затоа што, како што рече на денешниот брифинг, тие законски измени веќе се на сила и се дел од нашиот законски систем.

Тој рече и дека членовите на работната експертска група кои го подготвуваат новиот Кривичен законик не се автори на спорните скорешни измени во Кривичниот закон и дека ќе биде објавена исправка на информацијата што ја даде неговата заменичка Викторија Аврамовска-Мадиќ. Заменик-министерката Аврамовска-Мадиќ деновиве во одговор на барање за слободен пристап до информации што го испратило „Само прашај“ им одговори дека автори на измените што беа донесени со европско знаменце се сите членови на работната група што го подготвува новиот КЗ.

– За тоа кој е автор на измените на Кривичниот законик ќе одговори заменик-министерката, јас тврдам дека работната група не е дел од тие измени. Имаме исправка на информацијата што е дадена како одговор на барање за слободен пристап до информации. Јас веднаш реагирав, тоа треба да се корегира, а во спротивно ќе има други последици. Законот е јасен ако даваш лажен исказ – рече министерот Лога.

Тој додаде и дека заменичката ги поднела измените на законот во Влада во време кога тој бил отсутен од државата и дека не присуствувал на владината седница на која беа усвоени измените на КЗ.

На инсистирање на новинарите кој ги напиша измените на КЗ, Лога одговори:

– Дадов одговор, заменик-министерката. Таа е носител на тој процес, предлагач на измените е заменик-министерката, јас не сакам да навлегувам, таа сноси одговорност за ова.

Министерот Лога дури рече и дека јавноста била запознаена подолг период од измените на КЗ, но не прецизираше што мисли. Познато е дека измените на КЗ се појавија и се усвоија во скратена постапка со европско знаменце во рекореден рок од неколку часа, сосе комисиката расправа и пленарната седница во Собранието.

На сајтот на Министерството за правда до овој момент не е објавена исправка за лажното информирање на заменик-министерката Аврамовска-Мадиќ.
Во Законот за слободен пристао до информаците, пак,  нема предвидено казна за имател на информација кој ќе даде лажна, односно неточна или двосмислена информација.

По објавата на информацијата од заменик-министерката дека сите членови на работната група се автори на законските измени, два члена на работната група, академикот Владо Камбовски и шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски изјавија дека тие не се автори на спорните измени.

На новинарско прашање како ќе се казнува злоупотребата при јавните набавки, со оглед дека е избришан став 5 од член 353 од законот што ја регулира оваа област, Лога одговори дека има други членови во законот според кои може да се гонат службените лица кои вршат такви злуопотреби.

– Целиот член 353 од Кривичниот законик за злоупотреба на службената положба е една измисленица од тогашниот министер за правда за да има контрола експремиерот Груевски. Толку е општо опишано делото, не е конкретизирано. Требаше да има интервенции во тој член на КЗ, ама не на овој начин на кој се направи. Во новиот Кривичен законик ќе има повеќе конкретни членови за злоупотреба при јавните набавки – рече Лога.

Според кого, членот 353 служел за судиите да се повикуваат на него кога изрекуваат санкции, без да се конкретизираат направените кривични дела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот