Лисички палимпсест
Минатото што се учи во училиштата како серија насилства во моето основно училиште беше сегашност исполнета со перпетуално насилство.
Има една сцена што ми се појавува во глава кога ги читам вестите за садистичките, врснички насилства што се случуваат низ државата – таа сцена е од час по историја во основно. Покрај училницата во дворот поминуваа неколку осмоодделенци голи до половината, со симнатите маици обесени преку рамењата урлаа и тропаа по прозорците. Наставничката ги застана, почна да им вика: „на што изгледате“ и „мислите дека сте мангупи ама не сте“. Тие само се изнасмеаја и продолжија по патот покрај училиштето. Вниманието што го бараа го добија заедно со поддршката од помладите ученици. Тие беа мангупи, барем во тоа тесно опкружување во кое живееја, а сè што се случуваше внатре во училниците не беше дел од нивниот свет и затоа немаше авторитет во училиштето кое можеше да ги заузди.
Препорачано
Минатото што се учи во училиштата како серија насилства во моето основно училиште беше сегашност исполнета со перпетуално насилство. Немаше недела во последните две години од моето учење да помине, а да не се случи некоја гнасна, насилна случка која би станала вирална денес.
Основното училиште е Димитар Македонски во населбата Лисиче. Името Димитар Македонски го добива по независноста на Македонија во родољубивиот бран патриотска потреба сѐ што ја содржи македонската придавка да биде присвоено како ексклузивно наше.
Димитар Македонски е опишан како македонски преродбеник, просветен деец и учебникар. На патрониот празник за неговата преродбена дејност беше објаснувано вака: краток животопис, често пишувал во цариградскиот весник Македонија, поради промакедонски написи бил фрлен низ прозорецот од неговата канцеларија. На македонската Википедија има цитат од негово гневно обраќање кон главниот уредник на весникот Петко Славејков: „И ја понаучете си малце историјата … и ќе се уверите дека Македонците не се Цинцари, ниту друг некоj народ, туку се чисти Бугари како вас; од таму ќе се научите уште дека Македонците не се изгубиле од лицето на земјата како што некои си дозволуваат да докажуваат оти колку што ние знаеме тие не се согрешиле некогаш толку та да зине земјата па да ги голтне“. Под цитатот се објаснува дека под Бугари тој подразбирал Славјани/Словени.
За убиството на Димитар Македонски пишува дека бил ликвидиран од страна на Ефтим Димитров-Гершанов од ресенското село Дупени кој работел како вратар во бугарската болница во Цариград и бил член на Тајната македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО). Претпоставувам дека и тука под бугарската болница се мисли дека е македонска. Кога стигнала веста за ликвидацијата, неколку солунски мангупи по имињата: Иван Хаџи-Николов, Дамјан Груев, Христо Батанџиев и Христо Матов кој пристигнал специјално од Скопје, се собрале во кафеана за да прослават.
Претходното име на училиштето изградено заедно со целата населба после скопскиот земјотрес е Сава Ковачевиќ. Тој е југословенски партизан од Црна Гора, командант на третата дивизија од југословенската народноослободителна војска. Ковачевиќ умира херојски во битката на Сутјеска против комбинираната непријателска армија составена од германски, италијански, усташки и бугарски дивизии која брои над 120 илјади војници. Партизанските единици во тој момент бројат нешто над 20 илјади борци.
Во дворот на училиште изградено во духот на светската солидарност покрај бистата на антифашистички херој заменета со биста на бугарски просветител фрлен низ прозорецот од револуционерни мангупи, осмоодделенци голи до половината тропаа по прозорците и урлаа кон училниците.
(Авторот е молекуларен биолог)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


