Линеaрното зголемување на пензиите е на барање на пензионерите и е праведно, вели Мемов
Линеaрното зголемување на пензиите е на барање на пензионерите и е праведно, вели директорот на Фондот на ПИОМ Никола Мемов.
Препорачано
Мемов во гостување на емисијата „Трилинг“, нагласи дека кога се говори за пензискиот систем во Република Македонија, многу е битно да се биде прецизен.
– Мора да се прецизира на што се однесуваат трансферите што се прават од државата кон Пензискиот фонд. Вкупно за 2025 година планирани се исплати на трансфери од 53 милијарди денари или преведено во евра тоа се отприлика околу 862 милиони евра и тие транзициони трошоци, односно трансфери од владата кон ПИОМ, не се однесуваат само кон исплата на пензиите, туку се и однесуваат и на исплата за здравственото осигурување на пензионерите и за транзициони трошоци кон вториот столб. Така што буџетскиот дефицит во ПИОМ, односно во државата се однесува на овие три основни компоненти – рече тој.
На прашањето дали ќе има зголемување на пензиите во наредната година, Мемов рече дека зголемување на пензиите ќе има согласно законот што беше донесен оваа година и додаде дека во март 2026 година предвидено е зголемување на пензиите од 1 000 денари и исто така законското усогласување коешто треба да се направи во септември 2026, а коешто е предвидено помеѓу три и пет проценти.
Директорот на Фондот, на констатацијата дека линеарното зголемување на пензиите е можеби популизам, објасни дека „мерката за линеарно зголемување или усогласување на пензиите владата ја донесе на барање на пензионерите. Вкупниот буџет за усогласување на пензиите, како што вели тој, практично е ист.
– Разликата е во тоа што сите добиваат линеарно, а практично проекцијата на буџетот за 2025 за усогласувањето беше проектирана на 4%. Вкупниот буџет е ист што се подели кај пензионерите – во висина од 1 000 денари на секој пензионер линеарно и тој се однесува заради ублажување на ценовните шокови, инфлацијата, зголемувањето на платите – истакна Мемов.


