Лидерската средба без договор за уставни измени: Секој пука во своја цел, ја промашија заедничката

Лидерска средба во Собрание / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Важно е дека се отвори дебата за европскиот пат на земјава, беше ставот на мнозинството на претседателите на парламентарните партии кои вчера во Собранието се одзваа на поканата на премиерот Димитар Ковачевски. Очекувањата на дел од лидерите пред средбата беа дека не веруваат оти е можен договор на состанокот, а според информации кои успеавме да ги дознаеме од учесници на состанокот нема ниту согласност за уставните измени што е главната цел на средбата. Од средбата отсуствуваа лидерите на опозициските Левица и Беса, Димитар Апасиев и Билал Касами.

До затворањето на весникот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, не даде изјава, но
изминатиот викенд рече дека прашањето за уставни измени е затворена тема и дека уставни измени ќе нема под овие околности, без гаранции за нашата европска иднина заштитени од идни условувања од Бугарија.

– Јас како човек ниту уцени прифаќам, ниту пак зад завесата договарам. Без јасни гаранции за европска иднина на Македонија, каде што нема Бугарија да има можности да го кочи тој процес, без такви јасни гаранции за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, уставни измени нема да има. Тоа треба секој да го знае – порача Мицкоски и додаде дека лидерска средба треба да има за проблемите на граѓаните и за предвремени парламентарни избори.

Мицкоски го поддржал барањето на Трајанов

Според информации на „Слободен печат“ од учесници на состанокот, Ковачевски во 45-минутен говор побарал од претседателите на партиите од власта и од опозицијата консензус и главниот фокус на отворањето на Уставот да биде внес на Бугарите во Преамбулата, како и да не се блокираат законите во Собранието кои се битни за европската агенда. Ковачевски ги информирал лидерите за енергетската состојба, за потпишувањето на документот со Фронтекс на македонски јазик, за помошта од ЕУ, за НАТО, за инвестициите, како и за буџетот.

По премиерот, зборувал претседателот на Собранието Талат Џафери, а по него своите видувања и барања ги изложиле претседателите на владејачките ДС, ДОМ, Алијанса за Албанците, додека на крај на средбата зборувал Мицкоски и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Според нашите информации, на средбата Мицкоски го поддржал барањето на Павле Трајанов од ДС – државниот врв да упати барање до Бугарија да ги признае Македонците како малцинство. Таравари го изложил барањето да се тргне од Уставот формулацијата „20 отсто“ и да се замени со албански јазик. Учесниците на средбата очекуваа откако лидерите ќе ги претстават барањата да се отвори дебата за темите кои се ставени на маса.

По еден час од почетокот на состанокот, партиските лидери ја прекинаа средбата, бидејќи Ахмети побарал пауза за да запали цигара. Паузата ја искористиле за дополнителни консултации, бидејќи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, се упатиле кон салата каде што се оддржуваше лидерската.

На правоаголната маса во собраниската „Кристална сала“ на ударно место седеше премиерот Ковачевски, десно од него претседателот на Собранието Џафери и потпретседателот на Парламентот и лидер на НСДП, Горан Мисовски, а интересно е дека веднаш до Ковачевски, од неговата лева страна седеше Ахмети. Нејасно е дали централната позиција на масата е како како владен партнер на Ковачевски, како лидер на ДУИ или како пратеник.

Касами не сака да ја спасува ДУИ

 

Пред лидерската, Билал Касами од партиското седиште на Беса информираше дека нема да присуствува на состанокот, бидејќи, како што рече, тој е формалност за да се спаси ДУИ.

– Таа средба е формалност за да се спаси ДУИ од обврската да седне на маса со претставниците на албанските партии, на која претставникот на ДУИ требаше да даде отчет за реализација за преземените обврски со договорот, во кој, како услов беше вклучување на албанскиот јазик во Уставот на земјата – рече Касами.

Касами рече дека тие немаат дилеми во интегративните ориентации, но нема да дозволат албанскиот народ да биде третиран со понижување во Уставот на државата.

– Ние сме државотворен народ и како такви ќе мора да бидеме третирани и почитувани од законите во државата – рече Касами.

Апасиев преку Фејсбук објави дека нема да присуствува на лидерската бидејќи, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, тие се тврд орев.

Павле Трајанов од ДС повторил дека ќе ги поддржи уставните измени само ако Бугарија ги признае Македонците како малцинство. во Бугарија.

– Ќе побарам прва точка на средбата да биде да упатиме силна заедничка порака до Бугарија да ги признаат Македонците како национална припадност и да ги остваруваат сите свои права, да се здружуваат, да формираат клубови, вклучително да можат да формираат и политички партии – рече Трајанов.

Тој додаде дека ќе побара предвремени избори или пред избори да биде формирана влада на широка коалиција, потоа да има една изборна единица, но и сите креативни кадри да бидат вклучени во процесот на скриниг.

Претседателската на ДОМ Маја Морачанин рече дека очекува конструктивна дискусија и одговорност од сите партии што ќе бидат претставени на средбата. Според неа, сите треба да бидат фокусирани само на прашањето што се однесува на преамбулата на Уставот и спроведувањето на реформите за влез во ЕУ. Таа додаде дека условувањата предвремени избори за поддршка на уставните измени никому не носат добро, бидејќи темата за денешната средба европските интеграции на Македонија и да се обезбеди консензус за тоа прашање.

Претседателот на ДПА Мендух Тачи изјави дека со добар дијалог треба да се постигне договор за уставните измени и дека нема друг пат да се деблокира интеграцискиот процес. Тачи рече дека тргањето на „20 отсто“ од Уставот е нивен предлог, но оти исто така сега не е време за уцени.
– Јас не знам кои се тие останати политички партии на Албанците. Ако мислите дека тоа е Беса, за мене тие се уште дел од коалицијата со СДСМ. Да, тоа е нашиот предлог. Многу е лошо кога книгата вие ја пишувате ќе ја предава некој друг на Универзитет. Тоа е крадење платформа, крадење на една идеја. Мислам дека е време да се разговара веќе јавно за идентитетот на Албанците да станат дел од правните норми на нашата држава – рече Тачи, додавајќи дека сепак сега не е време за услови и за уцени.

Претседателот на Алтерватива, Африм Гаши истакна дека ќе искаже целосна поддршка на неговата партија кон евроинтеграцискиот процес.

– Ние треба да разговараме врз база на аргументи и тоа што е општо добро за граѓаните, а не со условување -рече Гаши.

На средбата присуствуваа и лидерите на ВМРО-НП Љупчо Балковски, на Демократската партија на Србите во Македонија Иван Стоиљковиќ, на ГРОМ – Стевче Јакимовски, на Социјалистичката партија – Љупчо Димовски, на ЛДП – Моника Зајкова и на Партијата на пензионерите – Илија Николовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот