Левандовски открива: Борусија не ме пушти во Манчестер јунајтед
Баерн Минхен изминатата сезона освои се што можеше да освои, Бундеслигата, германскиот куп и Суперкуп, Лигата на шампионите и европскиот Суперкуп и тоа на импресивен начин.
Големи заслуги за успесите има тренерот Ханси Флик, додека на теренот „царуваше“ Роберт Левандовски кој минатата недела беше прогласен за фудбалер на годината.
Полјакот открива дека лесно можеше да се случи наместо во Минхен да заврши во англиската Премиер лига, но тогашниот негов клуб Борусија Дортмунд не сакаше да слушне за трансфер.
– По мојата втора сезона во Борусија Дортмунд разговарав со сер Алекс Фергусон кој сакаше да ме донесе во Манчестер јунајтед. Понудата беше интересна, но можам да кажам дека не бев подготвен. Но, Борусија не сакаше да ме пушти. Не се вознемирив од одлуката на Борусија бидејќи тогаш ми беше одлично во Дортмунд – изјави Левандовски за „Франс фудбал“.
Главни конкуренти на Левандовски на наградата на ФИФА „The Best“ му беа Лионел Меси и Кристијано Роналдо.
– Меси и Роналдо седат на иста маса, на врвот, и тоа веќе подолго време и поради тоа не можете да ги споредувате со никого. И јас не можам да се споредувам со нив двајца. Но, доколку ги гледаме бројките за оваа година, па и за претходната кога станува збор за постигнати голови, мислам дека бев доволно добар – вели Левандовски кој за „Франс фудбал“ открива кои му беа идоли.
– Фудбалери на кои отсекогаш им се воодушевував се Алесандро дел Пјеро, Тиери Анри и Роберто Баџо. Но, покрај големите фудбалски имиња, ме воодушевувааат и големите стадиони и атмосферата.