Легенди на Олимписки игри: Феликс Савон – Миленикот на Кастро

EPA/ALEJANDRO ERNESTO

Кубанскиот боксер Феликс Савон освои три златни медали на Олимписките игри, во Барселона 1992, Атланта 1996 и Сиднеј 2000 година, а доколку кубанскиот олимписки комитет не ги бојкотираше Игрите во Сеул 1998, најверојатно ќе беше единствениот боксер со четири злата.

Феликс Савон е вистинска легенда на аматерскиот бокс, човек кој тврдоглаво ги одбиваше повиците за премине во професионалните води, идол е на младите Кубанци и миленик на поранешниот претседател Фидел Кастро.

Не го сакам професионалниот бокс. Има огромна разлика помеѓу олимискиот и професионалниот бокс. Професионалците немаат никаква заштита, малку сe води грижа за нивното здравје бидејќи на луѓето кои го водат професионалниот бокс најважна им е заработката. Тоа е многу валкан спорт. Аматерскиот спорт е чист и е вистинска работа за спортистите – зборуваше Савон по честите понуди да се префрли во професионалци и да го одработи мечот од соништата против Мајк Тајсон кој во тие времиња доминираше во професионалниот бокс.

Речиси сите боксерски фанови жалат што не се случи бокс меч помеѓу Савон и Тајсон, но Кубанецот воопшто не жали.
Никогаш не зажалив поради тој меч, не жалам ни сега. Се што постигнав во кариерата, го остварив со голема работа, залагање и благодарение на поддршката која ја имав во мојата Куба, во мојот Сан Висенте – зборуваше Савон кога објави крај на кариерата по освоениот златен медал на Игрите во Сиднеј 2000 година.

EPA-PHOTO/EPA/ZSOLT SZIGETVARI

Веднаш по завршувањето на кариерата, Феликс Савон беше одликуван со специјално признание за допринос на Куба и тоа од човекот кого го обожуваше, претседателот Фидел Кастро.

Феликс Савон е роден на 2. септември 1967 година, а бокс почна да тренира на 13 години во 1980 година. Со својот стил, разорните удари, пеколната десна рака и неверојатниот талент, веднаш го сврте вниманието на себе и ги натера противниците да стравуваат од самата помисла што ќе влезат во рингот да боксуваат против него.

Првата голема титула ја освои во 1985 година, само пет години откако почна да тренира бокс кога стана шампион на Куба во тешка категорија и светски јуниорски шампион. Доминацијата во аматерскиот бокс ја започна 1986 година, а дури шест пати по ред беше светски шампион. Иако во финалето на СП 1997 година загуби од Узбекистанецот Рустам Чагаев, потоа дополнително беше прогласен за победник бидејќи противникот го прекрши статусот на аматер и имаше професионални борби.

Две години подоцна имаше можност по седми пат едноподруго да ја освои светската титула, Феликс Савон одби да боксува во финалето против Американецот Мајкл Бенет откако претходно еден негов сонародник беше оштетен од судиите.

Освен по титулите светски шампион, Феликс Савон ќе остане запомнет и како легенда на олимпизмот, три пати по ред го освојуваше златниот медал (Барселона, Атланта, Сиднеј), а токму на Игрите во Австралија 2000 година дочека да му се одмазди на Мајкл Бенет за неправдата на СП 1999 година. Во финалето, Савон победи со убедливи 23:8.

Покрај Савон, само уште двајца боксери имаат три олимписки титули во бокс, неговиот сонародник Теофило Стивенсон и Унгарецот Ласло Пап.
Доколку Кубанците не ги бојкотираа Игрите во Сеул 1988 година, Феликс Сацон најверојатно ќе беше единствен боксер со четири златни медали од ОИ бидејќи како светски шампион беше главен фаворит за титулата.
Интересно е што во целата аматерска кариера, Савон само два пати не беше шампион на својата држава во тешка категорија, во 1999 и 2000 година кога беше поразен од Олданиер Солис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот