Лазар Христов: За уличните уметници најголемата награда е кога случајниот минувач станува публика

Фото: „Слободен печат“

Под мотото „Голема брзина на стоење“ во организација на „Театроск“ на 19 и 20 мај  на улица „Македонија“ ќе се одржи седмото издание на фестивалот за улични живи статуи „Статуа фест“. По тој повод во „Утрински печат“ гостуваше актерот и учесник на фестивалот Лазар Христов, кој зборуваше за неговото досегашно искуство со овој тип уметност и секако за годинешното издание на фестивалот.

– Во Македонија да се организира уличен фестивал е доста комплициран процес. Потребен е буџет, луѓе за организација, спонзори итн. Меѓутоа, сè додека има креативни ликови, перформери, маски, костими, шминкери… ќе има и фестивал. Тоа е душата, јадрото на фестивалот. Некогаш можеби ќе нема рефлектори, но ако нема приказна, залудни се рефлекторите – вели Лазар за предизвикот да се организира ваков тип фестивал.

Иако навидум изгледа едноставно, уметноста на живите статуи е голем предизвик за секој што решил да се занимава со неа. Тоа е константна борба меѓу мислата и телото, која треба да се совлада во минутите и часовите додека се стои во една позиција без никакви движења.

– Уметноста на живите статуи се учи со текот на времето, на улица. Како и за која било друга работа и тука истражуваш, но овде е малку специфично бидејќи се истражуваш себеси, своите способности и удобните позиции. Меѓутоа, тоа е доста комплициран психички процес, кој бара длабока концентрација, која може да отиде на погрешно место. Кога ти е пасивно телото, работи само мозокот, бидејќи целата енергија е таму и ако дојдат погрешни мисли, нема назад, почнува тешко да поминува времето, не ти е удобно стоењето. Јас лично размислувам на физичките делови од телото што ме болат, ако ме боли коленото, се концентрирам на него. Така се доаѓа до речиси медитативна концентрација, се фокусираш на одредена точка и енергијата ја насочуваш таму, така сите други делови се ослободуваат – објасни Христов за неговото искуство со совладување на тешкотиите во уметноста на живите статуи.

За Лазар и веројатно за повеќето уметници, најголемата награда е онаа од публиката. Во уличната уметност изведувачите имаат прилично тешка задача да го привлечат и да го задржат вниманието на случајниот минувач, кој можеби немал намера да потроши време за нив.

– Има посебни награди што ги добиваш од улицата. Не се тоа награди на фестивали, награда е самата публика што ја добиваш на улица. Кога еден обичен минувач, кој излегол надвор со конкретна задача, да заврши некоја работа, на пример, да оди на пазар и го пречекувам јас на половина пат, има две секунди за да ме види. Во тие две секунди треба да се предомисли да не оди на пазар, туку да стане публика. Тој момент кога тој застанува и станува публика, тоа е афирмацијата што не се добива на фестивали. Тоа е реалната афирмација на твоето постоење и на твојот акт.

Годинава фестивалот ќе се посвети на карактерите и ситуациите од животот на обичниот човек. Статуите ќе бидат блиски до сите нас, во случки што веројатно сме ги имале сите ние во секојдневието.

– „Статуа фест“ речиси секогаш се занимава со секојдневни теми. Оваа година решивме темата или мотото на фестивалот да биде „Голема брзина на стоење“ бидејќи некако сѐ е на брзање, секој брза некаде, затоа треба малку да застанеме, да кажеме „чекај малку“. Концептот ќе биде да се претстават обични секојдневни активности од живот, статуите ќе бидат нормални луѓе со нормални актови, со непремногу специфични костими – вели Лазар за годинешниот концепт на „Статуа фест“.

Разговорот со Лазар Христов можете да го погледнете на следниот линк:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот