Курти: Косово е спремно да се спротивстави на можен напад од Србија

Албин Курти
Албин Курти / Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Косовскиот премиер Албин Курти во интервју за „Ројтерс“, изјави дека неговата земја е спремна да се спротивстави на можен напад од Србија, бидејќи влошувањето на конфликтот со малцинските Срби би можел да доведе до нов конфликт.

Како што пишува „Ројтерс“, во изминатиов период повторно се разгореа тензиите меѓу Србија и Косово, откако Приштина соопшти дека ќе ги обврзе Србите, кои живеат на северот, да почнат да користат регистарски таблички издадени во Приштина.

„Не треба да се исклучи можноста оваа агресивна политика на Белград да се претвори во напад на Косово на овој или оној начин. Не велам дека ќе нè нападнат оваа или следнава недела, но би било целосно неодговорно да се исклучи можноста од тензии и нови судири. Внимателни сме, но не се плашиме“ изјави Курти.

Белград постојано негира дека ги разгорува судирите на Косово, обвинувајќи ја Приштина дека ги крши правата на малцинските Срби. Курти е под притисок и од косовската опозиција, која го обвини дека ги плаши инвеститорите со тоа што отворено зборува за можен нов конфликт со Белград, но премиерот ги отфрли таквите обвинувања, а вината ја префрли на Русија, за која вели дека има улога во поттикнувањето на новите етнички тензии на Косово.

„Деспотскиот претседател Путин е човек на војната и тој би имал интерес да ја шири војната бидејќи сака да ја нормализира војната. Имаме свои институции и органи на безбедноста, Косово сега е држава, ова не е 1998 година. Ова е 2022 така што сме многу поспремни да ги браниме нашиот суверенитет, територијалниот интегритет, да ја браниме својата демократија, владеењето на правото, уставноста и да го браниме нашиот напредок“, кажа Курти.

„Ројтерс“ пишува дека Белград и Приштина јавно се посветени на дијалогот под покровителство на ЕУ со цел решавање на отворените прашања, но постигнат е мал напредок. Потсетува дека Косово се придружи на западната осуда на руските акции во Украина, како и санкциите против Москва. Србија не ѝ воведе санкции на Русија иако е посветена на членство во ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот