Куче скитник ви го нападнало миленикот? Градот нема да ви плати отштета

Читател на „Слободен печат“ се жали дека неговиот миленик бил нападнат од страна на куче скитник, при што миленикот се здобил со сериозни повреди од кои можел да ослепи. 

Во случај да ве нападне куче скитник, со потребната документација и со ангажирањето на адвокат можете да го тужите Градот Скопје и притоа да добиете отштета, но ако куче скитник го нападне вашиот миленик ќе останете со празни раце.

Читател на „Слободен печат“ се жали дека неговиот миленик бил нападнат од страна на куче скитник, при што миленикот се здобил со сериозни повреди од кои можел да ослепи.

– Пред неколку дена моето куче беше нападнато од страна на куче скитник и кое му нанесе сериозни и длабоки рани во пределот околу очите. Итно го однесов на ветеринар со цел да го спасам. Интервенцијата ме чинеше околу 2.000 денари, а со цел целосно да заздрави кучето требаше да докупам антибиотици, гази, фластери, јод, хидроген, прашаци и еден куп работи – вели потресениот сопственик на миленикот.

Тој вели дека кога сакал да го тужи Градот, дознал дека за ваков вид на напад од страна на куче скитник, нема да има никаква шанса да добие отштета.

– И домашните миленици треба да бидат заштитени со закон во случај на напад од страна на улично куче поради тоа што ние како сопственици секоја година одвојуваме пари за вакцинирање против беснило, која е задолжителна вакцина, затоа што доколку ја нема примено кучето може да заработите парична казна. Може да бидете казнети ако вашето куче нема маска (која моето ја имаше во моментот на нападот и мислам дека поради тоа не можеше да се одбрани), но тука се и казните за несобирање измет и слично – додава сопственикот.

Согласно Законот за облигациони односи секое физичко лице на кое му е причинета штета од угриз на куче скитник согласно законот има право право на надомест на штета. На територијата на Град Скопје, согласно позитивните законски прописи, се до крајот  на 2019 година, одговорни за причинетата штета од угриз од куче скитник беа Градот Скопје и Јавно претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје. Од минатата година беше формирано ново Јавно претпријатие „Лајка“ кое ги превзема надлежностите од „Комунална хигиена“ за стационарот Вардариште, но тоа се уште нема почнато со работа.

– Како што може да се види од Законот за облигациони односи, правото на надомест на штета која произлегува од угриз на куче скитник им припаѓа само на физички лица, а не и за домашните миленици нападнати од куче скитник, затоа што учесници во облигациониот однос се само физички и правни лица – вели за „Слободен печат“ адвокатката Сања Стоилевска.

Во неколку наврати од Град Скопје објавија дека е тешко е да се направи целосна статистика по колку пријави имаат годишно врз основа на лица каснати од кучиња скитници, како и колку пари се издвојуваат за оваа ставка на годишно ниво. Трошоците од предмет до предмет зависат од степенот на штетата и изнесуваат од 60.000 до 180.000 денари.

– Тешко е да се направи проценка на штета направена врз куче миленик, од страна на куче скитник. За разлика од повредите кај луѓето, кај животните не може да се констатира претрпен страв и на тој основ да се исплати отштета. Граѓаните чиишто кучиња се изгризани од улични кучиња можат да тужат, но не можам да потврдам дека ќе им биде исплатена отштета – вели во изјава за „Слободен печат“ портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот