Кремљ упорно бара „украински врски“ со масакрот во Москва

Цвеќиња, играчки и балони пред „Крокус“ во спомен на жртвите на масакрот - Фотографија ЕПА, Максим Шипенков

Марија Захарова, портпаролката на Министерството за надворешни работи, тврди дека „САД ја шират верзијата дека ИД се ѓубрињата за да ги заштитат своите штитеници во Киев“

Претседателот Владимир Путин во неделата ѝ вети на јавноста дека Русија ќе ги пронајде и ќе ги казни одговорните за масакрот во концертната сала „Крокус“ во Москва, но Кремљ се воздржува директно да ја обвини групата Исламска држава туку настојува да ја префрли одговорноста врз Украина. При нападот во петокот вечер беа убиени најмалку 137 луѓе, а лекарите се борат за животите на десетици луѓе меѓу 182-та ранети.

Групата Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во Москва, поткрепувајќи го соопштението со снимка од терористите. Русија објави дека четворицата терористи што го извршиле нападот биле приведени во Берјанск, 300 километри од Москва, во настојување да се префрлат во Украина. Четворицата вчера беа изведени пред суд и им беше одреден притвор до 22 мај.

Киев ги отфрла како „апсурдни“ и „неизводливи“ сите тврдења дека Украина била поврзана со нападот.

Вашингтон во саботата објави дека разузнавачките служби уште во почетокот на март ја предупредиле Русија за закана од терористички напад на џихадистичката група. Руските власти тогаш го отфрлиле предупредувањето како „пропаганден притисок“, а рускиот амбасадор во САД завчера соопшти дека „предупредувањето не содржело конкретни информации“.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера се надоврза со предупредувањето дека и Франција се соочила со закана од истата група што го организирала нападот во Москва.

– Информациите што ни се достапни, како и на нашите главни партнери, укажуваат дека ентитет на групата Исламска држава го извршила овој напад. Оваа група исто така се обиде да изврши неколку акции и на нашата територија – изјави Макрон, алудирајќи на гранката на ИД активна во Авганистан.

Неполни два дена по масакрот во Москва, Франција ја крена на највисоко ниво тревогата поради можен терористички напад.

Русија ги отфрла тврдењата од САД и Франција

Путин, сепак, до вчера напладне воопшто не ја спомна групата Исламска држава, а говореше за „меѓународен тероризам“, но додаде: „Според првичните информации, украинската страна подготвила прозорец за да ја преминат границата“. Претставникот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да коментира што било додека трае истрагата. Веродостојноста на предупредувањата од Вашингтон и од Макрон ги оспори и Марија Захарова, портпаролката на Министерството за надворешни работи, која, обраќајќи ѝ се директно на Белата куќа, праша: „Дали сте сигурни дека е Исламска држава? Можеби треба да размислите повторно“. Во напис за весникот „Комсомолскаја правда“, таа ги обвини САД дека „ја шират верзијата дека ИД се ѓубрињата за да ги заштитат своите штитеници во Киев“.

Во центарот на вниманието вчера беа четворицата осомничени терористи изведени пред суд – Фотографија ЕПА, Сергеј Илницки

Државните медиуми прават чекор понатаму, објавувајќи вести дека Украина била индиректно, па и директно вмешана во терористичкиот напад во „Крокус“. Агенцијата „РИА новости“ објави текст на колумнистката Елена Караева насловен „Киевскиот калифат отвори масовен терор против Русија“.

Случајот на Ал Бара Шишани

Тврдењето од насловот се аргументира со случајот на Ал Бара Шишани – џихадист и член на Исламска држава, кој во Украина „добил засолниште и леб“.

– Тој не само што формирал исламистичка ќелија во Киев, туку од таму, од главниот град на Украина, раководел со акции против неверници, вклучувајќи ја и Сирија – пишува Караева, забележувајќи дека „дури и сојузниците на Киев, како Стејт департментот, биле изненадени од гостопримството за џихадистот“.

Колумната завршува со констатацијата: „Терор со украинско потекло, со заштитен знак и печат? Во тоа денес воопшто не се сомневаме“.

Ал Бара Шишани, еден од високите командири на џихадистичката група Исламска држава, бил приведен во ноември 2019 година во Киев, во заедничка и координирана операција на службите на безбедност на Украина и на Грузија и американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА).

Ал Бара Шишани, грузиски државјанин со родено име Цезар Тохосашвили, му бил заменик на Абу Омар ал Шишани, опишан од Пентагон како „министер за војна“ на групата Исламска држава. И двајцата потекнуваат од регионот на грузиската клисура Панкиси, на границата со автономната република Дагестан во составот на Руската Федерација. Прекарот „Шишани“ е арапски назив за Чеченци.

Претседателот Путин пали свеќа во спомен на жртвите – Фотографија ЕПА, Михаил Мецел

По убиството на Абу Омар во 2016 година, неговиот заменик пребегал во Турција, а во 2018 година со фалсификуван пасош пристигнал во Украина, каде што бил следен од украинската служба за безбедност (СБУ). По неговото апсење, СБУ соопшти дека џихадистот за време на својот престој во Киев „продолжил да ги координира активностите на Исламска држава“.

Повратници во Панкиси

СБУ притоа забележа дека по разбивањето на групата ИД и на калифатот што го прогласи на териториите на Ирак и на Сирија, во поранешните советски републики се вратиле многу џихадисти што ѝ се приклучиле на Исламска држава. Во регионот Панкиси во Грузија, населен претежно со етнички Чеченци, се претпоставувало дека се вратиле помеѓу 50 и 200 млади борци што заминале да се борат во групата Исламска држава, но и во бунтовничката група Слободна сириска армија што се бореше против силите под команда на сирискиот претседател Башар ал Асад, кој го одбрани режимот благодарение на помошта од руската воена интервенција.

– Ако ова се покаже точно, може да биде тревога за сериозна безбедносна закана за регионот, вклучувајќи ја и Русија – се наведува во соопштението на украинската служба.

Во Украина бил следен и Ахмед Чатаев, попознат како „Ахмед едноракиот“ откако останал без едно око и една рака. Чатаев, осомничен, но не и прогласен виновен, за координирање на самоубиствени бомбашки напади врз аеродром во Истанбул во 2016 година, четири години претходно бил уапсен во Ужгород во западниот дел на Украина, врз основа на потерница од Интерпол објавена по барање од Москва. Во меморијата на неговиот мобилен телефон биле откриени инструкции са правење бомби и фотографии на мртви тела. Чатаев, сепак, не бил екстрадиран во Москва, туку му било дозволено да се врати во Грузија, наводно за да се прикрие нелегален бизнис за печатење фалсификувани пасоши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот