Кремљ го потврди интервјуто на Такер Карлсон со рускиот претседател Путин

Такер Карлсон / Фото EPA-EFE/CRISTOBAL HERRERA-ULASHKEVICH

Контроверзниот американски новинар Такер Карлсон го интервјуирал рускиот претседател Владимир Путин, а информацијата која ја потврдија и од Кремљ, што предизвика бурни реакции на Западот.

Според бриселскиот портал Политико, Карлсон, кој неколку пати јавно ја доведуваше во прашање помошта од Западот за Украина, во вторникот вечерта ги објави плановите за интервју со рускиот претседател.

Видео најавата до вечерва ја погледнале повеќе од 85 милиони корисници на X платформата.

Во видео пораката, Карлсон изјавил дека го интервјуирал Путин „бидејќи тоа е работа на новинарите“.

„Ние сме новинари и наша должност е да ги информираме луѓето“, рече тој и додаде дека интервјуто ќе биде објавено „немонтирано“ на неговиот профил.

Тој додаде дека „ниту еден западен новинар не се потрудил да го интервјуира Владимир Путин, претседател на друга земја вклучена во овој конфликт“, и дека „повеќето Американци немаат поим зошто Путин ја нападна Украина или кои се неговите цели“.

Руските државни медиуми опширно ја пренесоа денешната посета на Карлсон.

Владимир Путин / Фото EPA-EFE/GAVRIIL GRIGOROV/SPUTNIK/KREMLIN

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска потврди дека интервјуто е веќе одржано, но не кажа ништо за тоа кога треба да биде објавено.

Сепак, објавата на Карлсон предизвика многу негативни реакции во САД, а американската новинарка и историчарка Ен Апелбаум на социјалната мрежа Икс напиша дека „Интервјуто на Карлсон е различно бидејќи тој не е новинар, тој е пропагандист“.

Иако е точно дека Карлсон ќе биде првиот американски новинар кој ќе го интервјуира Путин од почетокот на руската инвазија на Украина, многу западни новинари потсетија дека тоа не било затоа што не сакале.

Самиот Песков веќе потврди дека добиле многу барања од западни медиуми за интервју со рускиот претседател, но дека сите до еден биле одбиени бидејќи, според него, се „еднострани“ и непријателски настроени кон руската страна.

Дмитри Песков / Фото EPA-EFE/PAVEL BEDNYAKOV/SPUTNIK

Карлсон доби дозвола бидејќи неговата позиција е различна, рече Песков.

„Тоа не е проруско, не е проукраинско, туку проамериканско. Ова е во целосна спротивност со ставот на повеќето традиционални англосаксонски медиуми“, објасни тој.

Западните новинари не се единствените кои изразија револт поради одлуката на Карлсон, туку тоа го направија и многу колеги во Русија.

Медиумските работници потсетија на репресијата на Путин врз руското и странското новинарство, која само се засили од почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година.

Најмалку 1.000 руски новинари ја напуштија земјата поради строгите закони за цензура кои го криминализираат критичкото известување за војната во Украина.

Асошиетед прес наведува дека западните новинари биле поканети на годишната прес-конференција на Путин, прва од почетокот на војната, но само на двајца им било дозволено да поставуваат прашања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот