Ковачевски не ги откри носителите на листите, го потврди само името на Лукаревска

Димитар Ковачевски - премиер на РМ / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Убеден сум дека делегатите на конгресот ќе ги изберат најдобрите кандидати кои на достоен начин ќе го претставуваат и СДСМ и нашата проевропска коалиција, истакна Ковачевски

Претседателот на политичката партија СДСМ, Димитар Ковачевски сè уште не ги открива имињата на носителите на листи за парламентарните избори. Само потврди дека Сања Лукаревска сигурно ќе биде носител на листа во една од изборните единици.

На прашањето дали Лукаревска е преместена во третата изборна единица, а во втора се враќа Оливер Спасовски, тој одговори дека „никој никаде не е преместен“.

Голем број на набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР за двојните избори во Македонија

-Никој никаде не е преместен. Сите наши видни членови вршат функции кои имаат државно значење. Лукаревска е заменик-претседател на партијата и директор на УЈП, исклучително чесно и одговорно ја извршуваше својата работа во текот на мандатот и тоа многу јасно се гледа од анкетите и таа сигурно ќе биде носител на листа во една од изборните единици, но во која, тоа ќе оставиме да одлучат раководството на партијата, Централниот и Извршниот одбор, а на крајот, секако, и Конгресот. Состаноците ќе бидат во сабота, прво ќе се одржи состанок на ИО, потоа седница на ЦО, а во попладневните часови ќе почне и Конгресот. Ова е статутарна процедура, не е првпат, туку вака се одвива изборот на кандидати за пратеници и носители на пратенички листи од првите избори. Убеден сум дека делегатите на конгресот ќе ги изберат најдобрите кандидати кои на достоен начин ќе го претставуваат и СДСМ и нашата проевропска коалиција, истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања откако засади дрвце во Капиштец, во рамки на акцијата на Општина Центар по повод Денот на пролетта.

Ковачевски: По победата на 8 мај за четири години ќе ги завршиме преговорите со ЕУ

На прашањето кои се неговите предлози и во кого тој, како лидер на партијата, гледа носители, Ковачевски рече дека нема да одговори.

-Ова е прашање кое нема да ви го одговорам зашто и кога се работеше за претседателски кандидат на државата, се држев до етичкиот аспект и до статутарните одредби на СДСМ, бидејќи финалниот збор го даваат органите на партијата, а не само еден човек. Како што беше со претседателскиот кандидат Пендаровски кој едногласно беше утврден со гласање на конгресот, исто ќе биде и за носителите и на кандидатите за пратенички листи, подвлече Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот