„Космонаутот“ кој зема брисеви за коронавирус: Сите ни велат, чувајте се! (ФОТО+ВИДЕО)

Мамо, дојде космонаутот! Вака некое детенце го пречекало нашиот соговорник, медицинскиот техничар од Центарот за јавно здравје Денис Јанкуловски, откако со своите колеги влегле во станот за да им земат брис на пациентите за кои имало индикации за присуство на коронавирус.

Теренот за овој медицински работник и за неговите колеги од Центарот за јавно здравје е буквално секоја педа од Скопје и околните населби, од Долно Коњаре до Стопански двор, а задачата е да земат брисеви од грло и нос по налог и по индикации за коронавирус. Некои од граѓаните кај кои одат дома се со симптоми, некои се без симптоми, но заради контакти со лица кои имаат докажан вирус и поради резултатите од епидемиолошките анкети се земаат брисевите.

На работа Јанкуловски стигнува во 7 часот наутро кога почнува неизвесниот работен ден. Во просек зема 30 брисеви дневно, не заборавајќи да внесе и доза ведрина и човечност кај потенцијалните пациенти со Ковид 19. Тие се сами, во изолација, па секоја комуникација со некого за нив е бесценета а Јанкуловски тоа го знае.

-Имаше една многу интересна ситуација. Sвониме на ѕвончето, таткото ја отвори вратата, а детенцето кога ме виде, вели, мамо еве го космонаутот! Тоа според мене е одлична припрема од страна на родителите за победа на стресот и стравот. Има ситуации каде наидуваме и на исплашени граѓани, што е нормално и оправдано. Секој различно реагира. И тие луѓе кои се сами и во изолација им треба два збора муабет. Така и нам не ни е тешко да одвоиме уште две три минути да си поразговараме со нив. Секој, буквално секој каде што сме биле, не испраќа со зборовите ,,чувајте се”, вели медицинскиот техничар за Слободен печат.

Досега од неговото искуство, техничарите нe наишле на проблем, граѓанската соработка е голема.

Брисевите за коронавирусот, како што објаснува нашиот соговорник, се земаат од грло и од нос.

– Брисот од грлото се зема од фарингсот, значи сепак, малку подлабоко, со кружни вртења од левиот и десниот ѕид. Им кажуваме да речат гласно „А“, зашто на тој начин грлото се отвора и земаме правилно како што треба. Не е пријатно, предизвикува нагон за повраќање, но мора така. Брисот од нос се зема колку што може подлабоко, но секако, колку што е отворен носот. Не смееме да направиме повреда. Од искуство, од носот повеќе се плашат – вели Јанкуловски.

На толку многу работа, исходот за пациентите е различен.

– Сум зел брис и на човек што подоцна починал од коронавирус. Има и оздравени. Има секако и докажано позитивни. На толку работа ги има сите ситуации. Се случува да земам брис и на познати, пријатели, познаници, дури и роднини, но тие не ме препознаваат, поради заштитната облека. Одиме со наши службени возила, опремени секако. Ние сме целосно како космонаути до враќањето на работа. Потоа материјалите ги носиме во Институтот за јавно здравје на испитување. Кога знам дека ова е за здравје, ништо не ми е тешко. Ја имам струката, ја сакам работата. Мотивација си правам со музика. Се издржува, човек може да се изненади што се може да издржи особено во ваква ситуација. Она што е многу битно за мене и многу значајно е што имам целосно разбирање и поддршка од семејството – додава нашиот соговорник.

Товарот кој на своите плеќи го носи како здравствен работник буквално изложен во првите борбени редови со коронавирусот, Јанкулоски не го истакнува многу. Напротив, тој вели дека омилениот стих водилка во периодов му е оној од Парни Ваљак, „наоружан со насмевка одам јас низ градот“.

Пораката која ја упатува до граѓаните е да прифатат дека вака мора.

Само умни да бидеме ?Денко

Publiée par Denis Jankulovski sur Samedi 4 avril 2020

– Прифатете. Колку побрзо прифатиме дека мора вака, толку полесно ќе поминеме. Не е едноставно, ама мора. Наоѓајте си занимација, еве јас на пример се спремам за Струшките вечери – духовито додава тој.

Од ситуациите што ги видел со коронавирусот, односно тестирањето, вели дека вирусот е непредвидлив.

– Непредвидливо е. Негативен, негативен па оп, позитивен резултат – посочува Јанкуловски.

Од самиот почеток на пандемијата со ковид 19 во нашата земја, Јанкулоски на Фејсбук ја информира јавноста по неколку пати неделно за тоа како е да се работи во Центарот за јавно здравје. Покрај фотографиите со епрувети, скафандери, видео обраќања до граѓаните да останат дома и да издржат, лекарот исто така знае да запее и по некоја песна, облечен како космонаут. Така на површина излегува ведриот дух со кој ги куражи граѓаните. Јанкуловски се бори и против стигмата кон оние што се дијагностицирани.

– Сомнителни случаи може да има насекаде, па и во вашиот влез, на вашиот спрат, на вашата улица. Па дури и во вашиот дом. Немојте попреку да гледате на тие на кои им земаме брисеви. Никој од нив не посакувал да се најде во таа ситуација. Можам дури да речам дека тие се и доста совесни штом се пријавуваат и не повикуваат да одиме да ги тестираме. Дел од нив од страв за себе, дел превентивно за секој случај. Никој што е сомнителен, никој што е заболен, никој што е во изолација не заслужува дискриминација. Нив им треба поддршка, им треба да знаат дека соседите се тука за нив за што и да им притреба. Тоа им треба, тоа ни треба на сите. Љубов во секаква форма – вели Јанкуловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот