Кошарката конечно доби свој дом

фото: Слободен Печат

Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) од денеска и официјално е сопственик на големата сала во СРЦ „Кале“. Федерацијата ја доби салата во трајно користење но останува во државна сопственост.

– Денеска е голем ден, добиваме свој дом, јас лично сум презадоволен што како куќа на кошарката добиваме сала што ќе ни биде на располагање 24 часа на ден, 365 дена во годината. Ова беше еден од главните актенци во програмата и пресреќен сум што ветувањата полека ги исполнуваме. Голема благодарност до одговорните лица кои ни излегоа во пресрет – рече Перо Антиќ, претседателот на КФСМ.

Според плановите на Владата, КФСМ е првата федерација која доби своја сала што  ќе ја има на располагање во секое време.

– Во име на Владата на РСМ ова е една од клучните работи, спортските објекти да ги дадеме на располагање на спортските федерации. Посебно ми е мило што овој процес почнува со КФСМ. Горди сме што најдовме начин да решиме едно прашање на начин на кој нема оштетени, така што сите се задоволни. Благодарност до претходниот концесионер на спортската сала „Кале“,господинот Михајло Михајловски, што таа е во добра состојба, па веднаш може да се користи 24 часа на ден – рече, советникот за спорт на премиерот Заев, Даниел Димевски.

Според плановите на челниците на Федерацијата, салата ќе биде на располагање на младите кошаркари, но и на сениорските репрезентативци кои имаат желба за индивидуална работа.
– Голема благодарност до сите кои го овозможија овој момент, салата да дојде во користење на КФСМ. Оваа сала ќе биде исполнета со такви активности, за развој на кошарката, на младинските категории. Во текот на летото имаме бројни активности со младите репрезентации, а потоа во текот на годината ќе преминеме и на работа на индивидуален план со младите кошаркари. Салата ќе може да ја користат сите кошаркари, доколку и некој од сениорите посакува индивидуално да работи, вратите од салата му се отворени – рече Тодор Гечевски, директорот на КФСМ.

Антиќ: Желбата е Работнички да остане во Градски Парк

Претседателот на КФСМ најави дека следната сезона Работнички, но и Вардар може да се вратат на настапите во своите сали. Тие при крајот на сезоната, добија суспензии од претходното раководство и домашните натпревари мораа да ги играат во други сали.
– Ние како федерација сме подготвени да помогнеме, и доколку желбата на овие два клуба е да се вратат во своите домови секако ќе се обидеме да излеземе во пресрет. Тоа значи дека приоритет ќе биде да се најде начин за остранување на недостатоците и решавање на проблемите кои се пречка за натпревари во тие сали. Огромна е желбата на навивачите да ги видат своите тимови во матичните сали и токму затоа подготвени сме да најдеме решение, се надеваме на крај на задоволство на сите и во интерес на кошарката“ – вели Антиќ.

Се врши ревизија на работата на претходното раководство

Генералниот секретар на МКФС, Владимир Георгиевски потврди дека е започната ревизија на работата на претходното раководство.
– Точно е дека во моментов се врши ревизија на работата на претходното раководство на КФСМ. Сакаме да ја завршиме ревизијата па потоа ќе излеземе во јавност со резултатите – кажа Георгиевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот