Коронавирусот го стави во мирување проектот „Дрво за секое дете“

unsplash

Коронавирусот ги стави во мирување сите активности поврзани со реализацијата на проектот „Дрво за секое дете“, кој од самото негово промовирање наиде на позитивни реакции и голема заинтересираност кај младите родители, кои требаше да аплицираат во Град Скопје за едно од засадените дрвја во градот да добие плочка со името на нивното новороденче.

– Градот Скопје  го реализира проектот „Дрво за секое дете“, со кој се овозможува на нашите сограѓани да засадат дрво во чест на раѓањето на нивното бебе, на некој од градските дрвореди, паркови или скверови, а на самото дрво ќе има плочка каде што ќе го пишува името на детето и датумот на раѓање. Од почетокот на реализацијата на проектот досега, граѓаните покажаа голем интерес за проектот и досега до кај нас се пристигнати 355 пријави за садење дрвjа – информираат од Одделението за односи со јавност на Град Скопје.

Сите заинтересирани граѓани за да учествуваат во проектот „Дрво за секое дете“, можат да се јават на телефонот 02 3297-255. Од Градот велат дека самиот проект нема големи финансиски импликации, бидејќи се спроведува во рамки на стандардните акции за садење на дрвја, а единствен трошок биле плочките, кои  чинеле околу 236 илјади денари.

Оттаму објаснуваат дека овој проект се реализира фазно а дрвјата  со плочки се засадуваат во рамките на големите акции за зазеленување.

– Досега се засадени и поставени плочки на поголем број локации, како што се кејот на реката Вардар, зад Воениот стадион во Градскиот парк, паркот Ибни Пајко, во СЦ „Сарај“, парк Авионче во Аеродром, парк  „Македонија“, дрворедот кај Пошта, паркот во Чаир. Оваа година поради пандемијата предизвикана од корoнaвирусот, проектот беше во мирување, но се очекува да добие динамика со тековната голема есенска акција за садење – велат од Град Скопје.

Во овогодинешната есенска акција за раззеленување на Скопје, надлежните институции најавија садење на нови 15 338 висококвалитетни садници на многу различни локации низ градот.

Со садењето дрвjа, градските власти очекуваат да се потпомогне во намалувањето на загаденоста на амбиенталниот воздух во Скопје, град кој со години наназад важи за едно од најзагадените населени места во светот.

Во рамките на есенската акција за раззеленување на Скопје, веќе беа засадени  300 нови листопадни и зимзелeни дрвја во Општина Аеродром, на булеварот „АСНОМ“.

– Засадуваме висококвалитетни садници коишто веднаш влегуваат во екосистемот на нашиот град, толку потребно за прочистување на воздухот, како дел од секојдневната посветеност и моја, на градските претпријатија и на градската администрацијата. Тоа се стандардите коишто јас како градоначалник на овој град ги воведувам и ги охрабрувам и сите градоначалници да ги следат овие стандарди при изградбата на инфраструктурните објекти – нагласи градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот