Конструктивен дијалог околу францускиот предлог, партиите со различни ставови

Маричиќ на средба со партиските работни групи/Фото: МИА

Европскиот предлог за деблокада на нашите евроинтеграции вчера се најде маса на средбата на партиските работни групи, на која требаше да се разменат идеи околу тоа како во наредната фаза по него да постапат и Собранието и Владата. Како што изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по средбата, иако на неа биле изнесени различни ставови по многу прашања, таа минала во конструктивен дух.

– Беше добра почетна средба со овие позиции и мислам дека во наредните денови треба да продолжиме да разговараме, дали вечер, утре или наредните денови постои желба да се разговара на оваа тема, изјави Маричиќ, посочувајќи дека на соговорниците им ги објаснилеи механизмите за заштита на нашиот национален идентитет.

Според Маричиќ, целта е да се осигураме дека со европскиот предлог нема да имаме натамошни бескрајни блокади.

– Ако добро ги водиме преговорите можеме во наредните неколку години, до крајот на оваа декада да завршиме како членка на ЕУ, нагласи Маричиќ.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски по средбата изјави оти до сите пратенички групи испратиле нивни предлог-заклучоци, кои би требало да бидат усвоени во однос на информацијата што Владата треба да ја прати до Собранието.

– На седница во Собрание треба да се гласаат заклучоците и тие се во контекст на тоа која е наша стратешка определба и дека билатералните прашања треба да ги исклучиме од преговарачката рамка и да ја задолжиме Владата да ја има предвид определбата за посебноста на историските, културните, јазичните, образовните посебности на македонскиот народ. Очекувам за тие предлог заклучоци дека ќе разговараме деновиве. Ова е сериозен процес за државата, се решава, одлучуваме сите заедно во кој правец ќе се движи државата, носиме одлука за иднината на државата, рече Митревски. 

Но, од друга страна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски по средбата изнесе серија забелешки на оваа партија кон Општиот став на ЕУ за преговарачката рамка и Заедничкиот став на ЕУ за преговорите за пристапување.

Дел од забелешките се и барања за бришење на точки од документите како онаа за соодветните еднострани декларации на Бугарија и земјава за македонскиот јазик, исклучување на Договорот за добрососедство со Бугарија и годишните прегледи за негово ефективно спроведување од Преговарачката рамка и отфрлање на условувањето на отворањето на преговорите по кластери со промена на Уставот, туку тие да започнат веднаш.

Николоски рече дека се подготвени секој момент да разговараат за усвојувањето на нивните барања со коишто, според него, се штитат сите национални и државни позиции.

Пратеникот Арбер Адеми од ДУИ по средбата изјави дека суштината е оти македонскиот јазик ќе стане дел до официјалните јазици на Европската Унија и тоа е кристално јасно во преговарачката рамка.

– Ја имаме преговарачката рамка, ќе имаме и старт на преговори. Се предвидува дека ние веднаш ќе започнеме со процесот на скрининг, јасно и гласно е предвидено и секоја друга земја членка на ЕУ, поминува низ овој скрининг процес, некаде траело осум, 12, 20 месеци, но, јас очекувам дека ако ние успееме да направиме уставни измени, до крај на декември може да имаме и втора меѓувладина конференција и да ги отвориме првиот кластер и поглавје и да навлеземе во суштината после скрининг процесот кој ќе го поминуваме заедно со Република Албанија, додаде Адеми.

Елми Азири од Алијанса за Албанците појасни дека на состанокот се дискутирало за можен заеднички предлог заклучок од Собранието, при што се согласиле да продолжат со разговорите.

– Ќе видиме како ќе течат работите, во исклучителен значаен момент сме за нашата држава не треба да ја пропуштиме оваа шанса зашто со години чекаме Република Северна Македонија да ги почне преговорите за зачленување во ЕУ. Ова е надеж и треба како држава да ја материјализираме во смисла на тоа да ги отпочинеме преговорите, рече Азири, додавајќи дека не е време за емоционални одлуки, туку за рационализирање на сите потешкотии кои можат да ни бидат како пречка на европскиот пат.

Лидерот на ДС, пак се заложи за усвојување на заклучоци по предлогот со широка поддршка во Собранието.

– Заклучоците треба да ја обврзат Владата да направи обид она што е содржано во нив да го вгради во преговарачката рамка и во другите документи, а доколку не успее тоа би значело дека не може да даде согласност за предлогот, рече Трајанов.

Тој нагласи дека ДС, ЛДП и ДОМ подготвуваат заклучоци, кои ќе ги презентираат во текот на расправата на политичките партии, но според него страшен хендикеп е тоа што се уште го немаат протоколот, кој е клучен за тоа дали ќе се прифати рамката или не.

Претходно, вицепремиерот Маричиќ по средбата со германскиот специјален претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, порача дека треба да бидеме мудри и да не си поставуваме бариери.

– Не би било одговорно да го одбиеме овој предлог во кој сме ги постигнале нашите клучни барања и да се надеваме дека ќе ни биде понуден друг подобар. Во вистинските моменти ни требаат навистина и мудри и државнички одлуки, порача Маричиќ, додавајќи дека пред нас имаме европски предлог за отпочнување на преговорите со ЕУ кои ги вклучува сите македонски позиции и забелешки со кои преговорите ќе започнат веднаш по неговото одобрување.

Тој најави дека Владата ги врши консултациите по францускиот предлог и протоколот со Бугарија и во наредните денови ќе најде начин како да ги заокружи и како да го праша Собранието за мислење.

– Тука сме за да објасниме и да ги увериме дека ова навистина е предлог кој што е подобар од првично предложениот и дека вреди да се разгледа и дека оваа шанса не треба да се пропушти. Не очекуваме сите да бидат уверени, но очекуваме да има критична маса која ќе биде уверена дека ова е добар предлог за да можеме да одиме понатаму, потенцира Маричиќ.

Сарацин од своја страна порача дека со прифаќањето на францускиот предлог се овозможува веднаш да се започне процесот на пристапните преговори на Северна Македонија кон ЕУ без понатамошни одолговлекувања и без можност за блокади.

– Германија е на страната на Северна Македонија и ќе се залага европската перспектива на Западен Балкан активно да заживее, посочи Сарацин.

Тој рече дека вратата кон пристапување на Северна Македонија во ЕУ со овој договор е широко отворена, а за да се влезе низ оваа врата не е лесно, но тоа е одлука на нашата политика и на нашата земја.

– Знам дека ова е тежок момент за вас сега и за луѓето, но истовремено е и момент кој носи одредена надеж во себе. Верувам во македонската политика и во луѓето и оти сите заедно ќе продолжиме на патот кон ЕУ, додаде Сарацин.

Според Сарацин, овој договор е добар бидејќи се земени предвид барањата на Владата на Северна Македонија и истиот предвидува процесот на пристапните преговори да започне веднаш без одолговлекување.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа пред почетокот на протестите „Ултиматум – Не благодарам” изјави дека со умен, рационален пристап може се да се смени „францускиот предлог”.

– Можете да преговарате како што преговара нашата Влада и да не однесете во амбис и да немате втора опција додека паѓате во амбис. Дали ќе ја прифатиме таа опција додека не сме во амбис – не, не благодарам. Затоа велиме не за асимилација. И наместо да се консултираат со нас, тие водеа егзибиционистички преговори. Ќе ве потсетам на Лисабонската декларација уште во раните деведесетти кога Македонија стануваше независна држава имаше заклучок името на државата да не го содржи зборот Македонија, па потоа се смени. Така што, со умен пристап, рационален пристап, пристап којшто е национален македонски пристап може се да се смени, изјави Мицкоски.

Во врска со тврдењата дека во францускиот предлог македонскиот јазик „не е чист”, синоќа се огласи Министерството за надворешни работи, наведувајќи дека ваквите наводи се неточни, опасни, ја доведуваат во заблуда јавноста и им штетат на интересите на државата.

– Ја информираме јавноста дека македонскиот јазик е неспорен и не е условен во предлог преговарачката рамка, која меѓу другото е преведена (и објавена) на македонски јазик од страна на преведувачките служби на Советот на ЕУ.  Став 22 од предлогот недвосмислено кажува дека правото на ЕУ ќе се преведе на македонски јазик: “Северна Македонија ќе треба навремено да направи преводи на правото на ЕУ (acquis) на македонски јазик пред пристапувањето и ќе треба да обучи доволен број преведувачи и толкувачи потребни за правилно функционирање на институциите на ЕУ по нејзиното пристапување.”, се наведува во соопштението.

Според МНР, практичната потврда за ваква неспорна употреба на македонскиот јазик ќе биде потпишувањето на Договорот за Фронтекс, со стандардна клаузула каде е наведен македонскиот јазик (без фусноти или дообјаснувања) и овој и нему сличните договори во иднина, како и со преводот на правото на ЕУ на македонски јазик во текот на преговорите за членство, македонскиот јазик ќе биде вклучен на исто рамниште во групата на официјални јазици на ЕУ, по нашиот прием во Унијата.

Српскиот претседател Александар Вучиќ коментирајќи го француски предлог за деблокада на нашите евроинтеграции, порача дека треба да ја туркаме земјата напред, бидејќи е добро да се биде на европскиот пат и да се отвораат можности за привлекување на инвестиции.

– Што ви е алтернативата? Дали ќе ве оптоваруваат на секое следно? Секако. Ќе прашуваат Бугарите за нешто, ќе прашуваат други за нешто друго. Секогаш нешто ќе се најде. Но, туркајте ја својата земја напред. На крајот дали некој ќе ви отвори кластер повеќе или кластер помалку, не е суштинско прашање, не е најважно. Но, добро е да бидете на европскиот пат, добро е да се отвораат можности за привлекување на инвестиции. Тоа е важно, тоа е добро, рече Вучиќ во интервју за телевизија Сител.

Вучиќ смета дека иако ќе има пречки на европскиот пат треба да се решаваат и отстрануваат една по една и дека европскиот предлог не треба да се отфрли пред да се размисли добро за националните интереси.

– Јас нормално не можам да ви кажам дали предлогот е добар или не, тоа нека го одлучат луѓето во Македонија. Јас можам само една работа да кажам, кога го прифаќавме Бриселскиот договор 2013 година, тоа беше многу тежок договор за нас со многу ставки за кои луѓето во Србија не сакаа ни да слушнат ни да ги прифатат. Македонските граѓани, пак ќе кажам тие подобро знаат од мене дали е нешто добро или не за националните интереси на нивната земја. Само ги молам луѓето да размислат, да размислат да не прифаќаат или да не отфрлаат нешто априори, истакна Вучиќ.

Тој ги повика македонските граѓани, разумно да ги постават работите, бидејќи само така ќе сфатат што добиваат, а што може да изгубат со почетокот на преговорите со Унијата, посочувајќи дека европскиот пат е тежок, но напредокот на земјата ќе биде од суштинска важност за сите.

Американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз на свеченоста во Американската амбасада по повод 246-годишнината од независноста на САД, дека како што Северна Македонија ќе продолжи да се искачувате по ридот кон посигурна евроинтегрирана иднина, ќе мора да се соочи и со тешки предизвици.

– Дилемите што тие ги создаваат се единствени за вашата држава и вашето патување, но во соочувањето со нив не сте сами. САД се со вас на тоа искачувње, порача Брнз додавајќи дека како што двете држави ќе се соочуваат со нови предизвици, така ќе се справуваат со нив заедно, како сојузници, партнери и пријатели.

Од друга страна, портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, изјави дека Северна Македонија ќе треба да помине уште една рунда објаснувачки скрининг за ЕУ во однос на законодавството усвоено по 2019 година.

Северна Македонија и Албанија имаа средби за објаснувачки скрининг за законодавството од 2018 до 2019. Овие средби започнаа во септември 2018 и траеја помалку од една година. Целта на објаснувачкиот скрининг е тимот на Европската комисија да им го презентира законодавството на ЕУ, познато како „Аcquis communautaire”, на земјите кандидати кои се подготвуваат да започнат преговори. По објаснувачкиот, следува билатералниот скрининг, фаза во која земјата кандидат учествува активно, за разлика од објаснувачкиот, каде главната улога ја држи Европската комисија.

– Согласно заклучоците на Советот, Европската комисија го спроведе техничкото објаснување на ЕУ законодавството (Аcquis) помеѓу 2018 и 2019. Така што објаснувачкиот скрининг ќе се фокусира на новото законодавство на ЕУ, усвоено оттогаш. По ова ќе следува билатерален скрининг каде Комисијата ќе го разгледува, заедно со земјите соговорнички, оние области на ЕУ законодавството каде е потребен напредок, изјави Писонеро за МИА.

ЕУ законодавството постојано се зголемува со нови законски решенија и судски одлуки. Со оглед на тоа дека објаснувачки скрининг немало за Северна Македонија и Албанија од 2019, двете земји ќе треба ова да го поминат пред да бидат поканети на билатералниот скрининг, кој пак би требало да трае околу две години.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот