Компетитивни плати за градежници, за ИТ-специјалисти и за бизнис-консултанти

Архива СП

Германскиот трговски синџир „Лидл“ веќе огласи повеќе од десетина слободни работни позиции за архитекти, градежни инженери, ИТ-специјалисти и за бизнис-консултанти.  Огласите се отворени од април и постојано се реобјавуваат за да има поголем избор на квалитетни кандидати, вели за „Слободен печат“ Јулијана Миновска, управител на канцеларијата на „Хед-хантер“ во Скопје, иновативна компанија за вработување и регрутација, која е присутна во Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, БИХ. „Лидл“ ќе понуди компетитивни плати, а во втората фаза ќе следуваат и огласите за вработените во маркетите. Според најавите, овој германски трговец ќе биде присутен во 8 македонски града, но приоритет е Скопје.

– Има интерес, иако сите знаеме каква е состојба во македонското градежништво. „Лидл“ бара квалитетен кадар, кој во првата фаза ќе биде одговорен за изградба на маркетите и поставување неопходна информациска мрежа. Се бараат 13 градежни инженери, а отворени се 5 позиции за ИТ-специјалисти и бизнис-консултанти. Познавањето на германскиот јазик е предност, но не е неопходно, а инженерите ќе треба да поседуваат една години искуство во струката – објаснува Миновска.

Идните вработени во „Лидл“ ќе треба да поминат обука во траење од шест до 12 месеци во Софија, Бугарија.

– Компанијата нуди одлична обука, а за тој период на кандидатите ќе им биде платен престојот, сместувањето и одвоениот живот, сѐ со цел да се постигне врвно обучен кадар – додава Миновска.

И вицепремиерот Фатмир Битиќи во своето последно интервју за МИА призна дека влезот на германскиот трговски синџир во Македонија е голема инвестиција, за која требаат многу подготовки.

– Во овој момент преговараме со нив дали нашите производи ќе станат дел од синџирот на набавка на „Лидл“, дали преку влегувањето на „Лидл“ во нашата земја ќе успееме нашите производи да ги ставиме во глобалниот синџир на „Лидл“. Тој е важен затоа што ќе донесе некои производи што во моментот можеби ги немаме, но за нас е битно нашите производи да станат дел од синџирот на Лидл. Мене ќе ми биде задоволство да видам наши домати да се продаваат во „Лидл“ во Германија – истакнува Битиќи во интервјуто. За да започне со работа, „Лидл“ треба да изгради голем дистрибутивен центар, од кој потоа ќе ги снабдува своите маркети во земјава.

За два месеца во Србија, „Лидл“ презел до 4 отсто од пазарот

По само два месеца од влезот во Србија во 2018 година, „Лидл“ го потресол тамошниот малопродажен пазар, пишуваат медиумите од северниот сосед. Податоците на белградските медиуми покажуваат дека тој презел три до четири отсто од малопродажниот удел, но повеќе од малите трговци отколку од „големите играчи“. Првичните прогнози биле дека „Лидл“ брзо ќе преземе 5 до 7 отсто од водечките српски ланци, а по година или две неговиот удел ќе изнесува од 10 до 15 отсто од пазарот. Според српските маркетинг-специјалисти, на стратегијата на поволни цени на „Лидл“, останатите трговци одговориле со иста мера, што е евидентно и поволно за потрошувачите. Сите се согласни дека германскиот трговец добро го проучува пазарот пред да влезе и секако дека нема да ги затвори конкурентите, но ќе им „украде“ дел од приходите.

– „Лидл“ има посебна стратегија. Во нивните објекти има неколкупати помалку артикли отколку во другите маркети. Набавуваат големи количества, па добавувачите им даваат поповолни услови. Предност им даваат на странските брендови, но исто така ја преферираат и сопствената трговска марка – забележале српските експерти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот