Компанија основана лани доби државен тендер од 8 милиони евра — има двајца вработени
Иако фирмата „Дигитал оне“ е основана дури во август 2024 година, резултатите ѝ биле исклучително добри и остварила приход од околу 570.000 евра, а нето добивка од приближно 17.400 евра.
Компанијата „Дигитал оне“, основана лани, досега освоилa шест тендери, од кои четири од Генералниот секретаријат на Владата, објави „Фактор“.
Препорачано
Нејзиниот сопственик и управител, Кристијан Арсовски, дипломиран економист, решил да ја основа фирмата што се занимава со трговија на големо со информатичка и комуникациска опрема во август минатата година. По една година работа, „Дигитал оне“ почнала да учествува на јавни набавки.
Последниот тендер што „Дигитал оне“ го добила, за софтверски лиценци за виртуелна платформа, изнесува над 8 милиони евра и претставува рамковна спогодба што ќе важи до 2028 година. По години, планираните износи се: околу 16.300 евра за 2025 година, за 2026 година приближно 2,26 милиони евра, за 2027 година околу 2,28 милиони евра, за 2028 година околу 2,28 милиони евра.
На 14 мај компанијата првпат склучила договор со државна институција и тоа со Генералниот секретаријат на Владата. Тогаш биле потпишани два големи договори: еден во вредност од речиси 11 милиони евра и уште еден од околу 10 милиони евра, за набавка на информатичка опрема, резервни делови и потрошен материјал.
Потоа, на 3 септември, „Дигитал оне“ и Генералниот секретаријат потпишуваат нов договор за софтверски лиценци и хардверски компоненти за систем за серверско и клиентско дигитално потпишување.
Само три недели подоцна Министерството за јавна администрација склучува договор со компанијата вреден околу 27.600 евра за набавка на компјутерска опрема.
Иако фирмата е основана дури во август 2024 година, според податоците на „Компани вол“, резултатите ѝ биле исклучително добри и остварила приход од околу 570.000 евра, а нето добивка од приближно 17.400 евра.
Според последните податоци, „Дигитал оне“ има само двајца вработени.


