Колумна на Виолета Михајловска: Мизогинијата како општествена болест

Еден од најголемите сексисти и машки шовинисти, Конфучие, во прилог на мизогинијата рекол: „Сто жени не вредат колку еден машки тестис“. Тој сметал дека жените имаат многу бoлeсти, но најлоши им се непослушноста, незадоволството, озборувањето, зависта и глупоста, – за „Женски печат“/„Слободен печат“ пишува Виолета Михајловска, м-р по родови студии.

Низ историјата на човештвото се среќаваме со низа односи во заедницата, кои го маркирале општеството како средина на нееднаквост меѓу половите во многу различни аспекти. Со самиот факт за различната билошка и физичка конструкција се поврзува и фактот за различно делување на различните полови. Долго време се сметало дека мажите, согласно биолошките каректеристики, ја репрезентираат силата и моќта во општествената заедница. Но, развојот на свеста кај луѓето, како и изменетите животни услови во подоцнежните векови, во голема мера придонеле за пробив на жената на општествената сцена. Физички и психички подготвена, поткована со образование и интелект, жената претставувала конкурент на дотогаш „посилниот“ пол. Несомнено ова предизвикало негодување кај машкиот свест и како резултат на тоа се појавува анимозитет или едноставно омраза кон жената. Оваа појава во социолошките и хуманистичките сфери се дефинира како мизогинија.

Историската присутност на мизогинијата ја среќаваме во илјадници примери во литературата, религијата, филозофските мисли и во други домени. За голем мизогинист бил прогласен дури и Аристотел, кој напишал дека жените се инфериорни во однос на мажите, дека силата на мажот е во командувањето, а на жените е во послушноста. Аристотел уште велел и дека жените се „несовршени суштества“, „грешка во процесот на забременување“. Ваквото негово гледиште долго време се рефлектирало и во црковните концепти. Августин го следел Аристотел во неговите верувања дека жените се морално и ментално инфериорни во однос на мажите, дека нивните тела се пречка во дејствувањето. Жените биле прикажани како искушение, кое пак ги поврзувало со злото. Во тој контекст дури и црквата ги третирала жените како зло или несреќа, дури се верувало и дека жените не се комплетни суштества. Во текот на 15 и 16 век црквата се заложила за истребување на сите жени кои имале сомнителен карактер. Таквите жени ги третирале како вештерки, како жени кои му нанесуваат зло на човештвото. Во таа смисла  т.н лов на вештерки  или инквизицијата е пример за мизогинија.

Во текот на 16 и 17 век мизогинијата не била некој нов феномен, туку веќе била длабоко всадена во машката ментална свест. Омразата кон жените била потикнувана и од женската репродуктивна способност, како и менструалните циклуси.  Голем број мажи на ваквите способности им припишувале чудна и мистериозна моќ, која сѐ повеќе ги плашела. Ваквите машки стравови биле институционализирани во културните табуа и религиозните сфаќања и поради тоа им забранувале на жените учество во многу општествени активности.

Нешто подоцна мизогинијата ја среќаваме и во рамки на литературата и образованието, па Вирџинија Вулф во „Сопствената соба“ пишува за инфериорноста на жените во поглед на образованието како клучен фактор за литературното творење. Долго време на жените им било забрането правото на образованите, и жената можела да се сретне во книгите само како инспирација или во историските книги каде што било невозможно да се изостави една Клеопатра на пример. За да ја објасни омразата на мажите кон жените и неприфаќањето на нивниот труд, Вирџинија создава имагинерен лик на сестра на Вилијам Шекспир. Под претпоставка таа да го имала таквиот талент за пишување како и самиот Шекспир, нејзиниот труд ќе бил залуден и незабелжителен само поради тоа што е жена.

Еден од најголемите сексисти и машки шовинисти, Конфучие, во прилог на мизогинијата рекол: „Сто жени не вредат колку еден машки тестис“. Исто така, тој сметал дека жените имаат многу бoлeсти, но најлоши им се непослушноста, незадоволството, озборувањето, зависта и глупоста.

Машкиот свет, со векови наназад, ја сместувал жената во доменот на репродукцијата и домот како да се тие единствени активности за кои е створена една жена. Женските обврски и права се некако однапред одредени и зададени. И да не се лажеме, и денес е најчесто така. Иако во најголемиот дел во светот де јуре жените имаат право на образование и работа, сепак де факто голем дел остануваат на улогата на мајки, сопруги и домаќинки. И не секогаш по нивна желба, туку општественото уредување, политиките, традиционалните сфаќања едноставно им наметнуваат прифаќање на тие улоги. Не сме ниту ние далеку од ова, затоа што и кај нас и покрај значајната бројка на високо образовани жени, сепак нивниот успех се евидентира во традиционално „женските“ сфери како образованието, социјалната работа, здравството и слично.

Се чини дека уште имаме работа на полето на еманципација и затоа не застануваме! Ќе се бориме, па макар тивко и полека, но верувам дека ќе дојде денот кога државите ќе обезбедат доволно механизми кои ќе и го олеснат патот на жената до врвот во кариерата во сите општествени сфери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот