КОЛУМНА на Даниела Антоновска: Феминизација на сиромаштијата

Феминизација на сиромаштијата потенцира дека жените се посиромашни од мажите заради патријархалниот систем, кој наметнува традиционални родови улоги, економска немоќ и недоволен пристап до семејни ресурси како што се куќи, земја, имот.

Сиромаштијата е негирање на пристапот до основните човекови права, лишување од можности и ресурси. Вашинта Веран ја дефинира сиромаштијата како „недостаток на финансиски средства, зависност од социјални бенефиции, социјално исклучување и нееднаквост.“ Сиромаштијата е меѓугенерациска и честопати се пренесува во семејствата од родители на деца.

Европската мрежа за борба против сиромаштијата ja класифицира сиромаштијата како апсолутна или екстремна и релативна. Апсолутна или екстремна сиромаштија е состојба кога луѓето немаат основни потреби за живот, како недостаток на чиста вода, санитарни услови и електрична енергија, лошо домување, недоволно лекови и облека. Тие што живеат со помалку од 1,90 долари на ден се смета дека живеат во апсолутна сиромаштија. Релативната сиромаштија значи дека животниот стандард на одредени луѓе во државата или регионот е полош и понизок од општиот регионален или државен стандард. Податоците покажуваат дека повеќе од 689 милиони луѓе живеат во екстремна сиромаштија. Според Меѓународната организација на трудот на глобално ниво во текот на пандемиската 2020 г. 25 милиони работни места се затворија, а 35 милиони лица останаа во тнр. работна сиромаштија. При тоа проекцијата беше дека најмногу ќе страдаат жените и тоа оние кои се самохрани родители. Во ЕУ 85% од еднородителските семејства се предводени од жени, а веќе во 2020 г. 45% од нив се наоѓаат под ризик од сиромаштија. До 2021 година, на секои 100 мажи на возраст од 25 до 34 години кои живеат во екстремна сиромаштија ќе има 118 жени, јаз што се очекува да се зголеми на 121 жена на 100 мажи до 2030 година. Во Европа жените се несразмерно повеќе изложени на ризик од сиромаштија во споредба со мажите (22,3 отсто во споредба со 20,4 отсто во ЕУ) додека пак постарите жени кои ја достигнале возраста за пензија, во просек 37,2% се под ризик од сиромаштија.

Кај нас податоците говорат дека речиси една четвртина од жителите се во сиромаштија, од кои според типот на домаќинството стапката на сиромаштија е највисока кај домаќинства од двајца возрасни со три и повеќе деца (45,3%) а потоа следат самохраните родители со 42,8%, од кои најголем дел се предводени од жени / Фото: ЕРА EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во светски рамки 75% од населението во руралните области живее во сиромаштија, а политиките остануваат да бидат пристрасни за сметка на урбаниот развој. Кај нас податоците говорат дека речиси една четвртина од жителите се во сиромаштија, од кои според типот на домаќинството стапката на сиромаштија е највисока кај домаќинства од двајца возрасни со три и повеќе деца (45,3%), а потоа следат самохраните родители со 42,8%, од кои најголем дел се предводени од жени.

Дали сиромаштијата сè повеќе добива женско лице? Терминот „феминизација на сиромаштијата“ е скован од Дајана Пирс како резултат на нејзините истражувања дека „две третини од сиромашните се жени и дека сиромаштијата забрзано станува женски проблем.“ Таа се фокусира на загрозените групи жени, на жените кои иако ја постигнале својата економска независност од сопружниците со вклучување на пазарот на трудот, станале зависни од државните бенефиции. Жените се присутни во несигурна работа, неформалната економија, концентрирани се во малку занимања и затоа се спречени да се качат на повисоко скалило во својата кариера. Недостаток на образовни можности води кон професионална сегрегација и вработување на жени на работни места кои се помалку платени. По прекинот на работата поради бременост и породилно отсуство, бројот на жени што се враќаат на работа е помал поради установите за згрижување деца кои честопати немаат доволни капацитети и ги нема во доволен број.

Феминизација на сиромаштијата потенцира дека жените се посиромашни од мажите заради патријархалниот систем кој наметнува традиционални родови улоги, економска немоќ и недоволен пристап до семејни ресурси како што се куќи, земја, имот. Жените се последни кои имаат законско право да наследат земјиште, куќа или друг имот. Извештајот за човечки развој на УНДП проценува дека „невидливиот“ придонес на жените во економија на грижа и домашните работи е 11 трилиони долари на глобално ниво.

Во текот на економската криза во 80-тите години на 20 век, односно во 2007-2008 год. мерките за штедење беа главно насочени кон намалување на јавната грижа, намалување на надоместоците за породилно и родителско отсуство, здравствените услуги и услугите за грижа на децата што водеше кон приватизирање на грижата и враќање на жените кон традиционалните родови улоги. Феминизација на сиромаштијата во периодот на економската криза во 2007-2008 г. ја зголеми трговијата со жени и проституцијата и на тој начин проституцијата и трговијата со жени станаа директни последици од социо-економските фактори.

Во 2011 година, Европскиот парламент ја донесе првата Резолуција за женска сиромаштија во ЕУ. Во мај 2016 година беа усвоени уште две резолуции. Првата предлага неколку области како што се балансирање на приватниот и професионалниот живот на жените и влијанието на родово насилство врз жени во ризик од сиромаштија. Втората резолуција се однесува на родовата еднаквост како алатка во борбата против женската сиромаштија и развивање и користење на финансиски инструменти за интеграција на жените на пазарот на трудот.

Феминистките сè повеќе внимание посветуваат на феминистичката економија која се фокусира на прашања важни за жените, како што се професионална сегрегација, економија на грижа, домашна работа, автономијата на жените и способноста.  Феминистичките економистки тврдат дека економијата треба да се фокусира помалку на приходите и паричните награди, а повеќе на непазарните активности како што се благосостојба, здравство, образование и можности. Пристапот базиран на способности е нов пристап на феминистичките економистки концентриран на индивидуалниот потенцијал и способноста на она што едно лице е во состојба да го направи.

Политиките и мерките за намалување и искоренување на женската сиромаштија се разновидни, почнувајќи од улогата на образованието во борбата против родовите стереотипи, зајакнување на учеството на жените и девојчињата во секторите каде што се помалку застапени како што се науката, ИТ, балансирање на приватниот и професионалниот живот со обезбедување на повеќе установи за згрижување деца и грижа за стари лица, намалување на родовиот јаз во плати и пензии, воведување родово буџетирање, обезбедување минимална плата, загарантиран приход и универзален основен

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот