Колку има саат?

Светот навистина стана мал. Глобално село. Секој знае или може да знае речиси сè за секого или сè и сешто. Така беше, рака на срце, порано во мојата главна татковина, каде што теоријата на „шест степени оддалеченост“ на студентите од Харвард, според која, сите на светот сме одвоени преку шестмина други, беше всушност, два степена оддалеченост.

Да ја објаснам прво онаа харвардската, која вели дека секој од нас може да стигне до секој човек на светот преку шестмина други, тестирана и докажана од многумина досега. Ете на пример, обидете се, од Мислешево на пример, да најдете копач на опал во – Австралија. Ви гарантирам дека ќе ви успее преку петмина други луѓе да стигнете до шестиот, копачот на опал. Освен во Македонија, каде што има(ше) два степена-  секој знае некој кој знае некој кој ви треба. Ама што има(ше), има. Со и без прислушување…
Ништо веќе не е тајна. Сè се дознава. Дури и ако мислите дека сте некаде во странство, еве на пример во Лондон, на автобуска станица, чекате автобус и разговарате на мобилниот, од оние првите, марка „нокиа“. И така Горан расприкажан озборува една Весна, неверојатно индискретно, и не води сметка кој го слуша, зашто шансите да има во близина некој сонародник што ќе го разбере и згора кој ќе ја знае Весна се рамни на нула.

Сè до оној миг кога пред да се качи во 188 му приоѓа една девојка што исто чекаше автобус и го прашува, на чист скопски, „извини дечко, колку има саат?“, давајќи му на знаење дека некој тука разбира сè. Буквално сè. Горан потоа отиде да работи некаде во Африка, што мислам дека немаше врска со индискретниот муабет, но можеби има врска со Марфи и неговите правила. Ако нешто треба да тргне наопаку, ќе тргне.

Црна дупка амбасадорска

Така му тргна и на сер Ким Дарох, британскиот амбасадор во Соединетите Држави, кому му се западна амбасадорување во времето на Трамп. А тоа, велат во дипломатските кругови во Вашингтон, е мошне необично време за дипломатска работа. Ниту два, ниту три, ниту шест степени на оддалеченост…

Биле наводно држени на таква оддалеченост што на моменти се чуделе што прават таму? Живееле во „црна дупка“. Трамповата администрација, велат, не ги информирала ниту консултирала, а стилот на комуникации бил речиси комплетно заобиколување на амбасадорите и директен дил на лидер со лидер.

На кутриот сер Ким ниту на гости не му доаѓале, а неговите приеми биле, велат, забележително слабо посетени од Трамповите соработници. Единствено, на новогодишниот прием му дошла Трамповата ќерка Ивана со сопругот Џерард Кушнер. Но не и неговите најблиски соседи, потпретседателот Мајк Пенс и државните советници Рекс Тилерсон и Мајк Помпео, кои живеат толку блиску што требало само да ја преминат улицата. За амбасадор на земја со која се договараат стратешките односи во НАТО и ЕУ и идните трговски односи, ова, навистина е благо речено, непријатно. За понижувачки, да не зборуваме.

И, ако некој очекувал во своите депеши до Лондон Сер Ким да пишува пофалби за елегантната, вдахновена и инспиративна политика на Трамп и неговите твитови кои често ги збудалуваат и неговите најблиски соработници, тогаш… ајде да бидеме сериозни.

Фактор Борис

Се вели дека сите амбасадори од Вашингтон, со исклучок на оние од Израел и Обединетите Арапски Емирати, кои се „трамповски“, праќале слични критични депеши до сопствените земји во кои давале оценки за „несоодветните“ политики и се обидувале да им најдат смисла на често пати тотално недипломатските твитови на Трамп. Нешто што неретко не им успева и на неговите.

Ама тоа или го правеле повешто, или никој не ги фатил, а дефинитивно досега не ги открил и не им ги дал депешите на некој домашен дневен весник, како што тоа му се случи на Сер Ким Дарох. Амбасадорот, навистина, доби поддршка од владата и од премиерката Меј и сето ова ќе поминеше релативно брзо, зашто американскиот претседател не е многу популарен во Британија, плус амбасадорот не рекол нешто невистинито или нешто со што не се согласуваат многумина, да не беше – факторот Борис.
Речиси е извесно дека идниот премиер ќе биде Борис Џонсон, кој Трамп го „симпатизира“ и го гледа како иден партнер за комуникација. Џонсон упадливо не се придружи кон критиките на сметка на Трамп при неговата посета на Британија и бројните гафови, прво, затоа што е политичар кој се гледа како иден премиер, второ, затоa што е сличен на Трамп и трето, затоа што и самиот е склон на гафови. И кога Џонсон упадливо не се придружи во одбраната на Сер Ким Дарох, туку молчеше, Дарох знаеше колку има саат. И си поднесе оставка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот