Кој сака може: „Шепасти ентузијасти“ градат прифатилиште за улични кучиња моментално згрижени во пансиони

Фото: Шепасти ентузијасти

На изнајмен плац во блиската околина на Скопје, здружението за заштита на животни „Шепасти ентузијасти“ започна со изградба на прифатилиште за животни. Во него од почетокот на септември, додека очекуваат да заврши рамнењето на теренот, поставувањето на боксовите и заштитната ограда, треба да бидат сместени 53 кучиња, кои моментално се наоѓаат во пансиони за миленици.

Тоа се кучиња што не успеавме да ги вдомиме, кои поминале низ долго лекување, па не можат да бидат вратени на локацијата каде што се најдени, затоа што веќе не припаѓаат таму. Од друга страна, во пансионите времето го поминуваат во кафези, а ние сакаме да се грижиме за нив, да им пружиме љубов, да се движат, да можат да прошетаат, да имаат контакт со луѓе – вели Габриела Марковска, активист и еден од основачите на здружението „Шепасти ентузијасти“.

Идејата е одржувањето да биде преку донации на храна, ќебиња и друга потребна опрема за животните, да има еден вработен што ќе се грижи за кучињата претпладне, а попладне обврските ќе ги преземаат волонтерите од здружението. Ќе биде ангажиран и ветеринар задолжен за здравјето на животните. Прифатилиштето се гради со сопствени средства на основачите, кои за оваа намена земале потрошувачки кредит, но од здружението ги повикуваат сите кои можат да помогнат со донации за побрзо да се изгради и опреми. Марковска вели дека претходно се обратиле во повеќе институции за помош, но не добиле од никаде.

Не можевме да ги оставиме кучињата за кои долго време се грижиме, но не можеме веќе ниту да плаќаме по пансиони за миленици, каде што веќе имаме долг од илјадници евра. Единствено решение беше сами да отвориме прифатилиште – објаснува Марковска.

Од здружението се надеваат на помош од сите „пет – френдли“ граѓани, но и од сите останати, затоа што како што вели Марковска – Пријатели сме им на сите граѓани, дури и на оние кои не ги сакаат животните, затоа што целта ни е иста, да ги тргнеме кучињата од улица!

Во Скопје, освен ова што моментално се гради, функционира уште едно прифатилиште „Хепи шелтер“во Чаир, кое е исто отворено како приватна иницијатива на неколку вљубеници во животните. Здружението „Анима Мунди“, пак, излезе со став дека е против трајно сместување на животните во прифатилишта, сметајќи дека тоа е наефикасно и скапо решение за проблемот со уличните кучиња.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство, на прашањето постои ли можност кучињата да се сместат во прифатилишта, од каде што би биле нудени за вдомување, но доколку никој не ги вдоми, наместо да се враќаат на улица, да им се обезбедат сите услови за живот во прифатилиштата сѐ до нивната природна смрт, велат дека во Законот за заштита и благосостојба на животните не е одредено колку долго можат да се држат кучињата во прифатилиштето.

Во Законот не постои временско ограничување за држењето на заловените кучиња во прифатилиштето и доколку општината има просторни и финансиски ресурси, кучињата може да се држат во прифатилиштето и да не се вратат на улица како што е пропишано во членот 28 став (3): „По исклучок, општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје може да применат и други пропишани методи за контрола на популацијата на бездомните кучиња“ – објаснуваат од АХВ.

Оттаму потсетуваат дека спроведувањето на системот за контрола на популација е во надлежност на општината, општините во градот Скопје односно градот Скопје и дека контролата на популација на кучиња треба да се врши преку прифатилиште кое е одобрено од Агенцијата за храна и ветеринарство.

 За контрола на популацијата на бездомните кучињата, општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје треба заловените бездомните кучиња привремено да ги смести во прифатилиште каде што кучињата треба да се кастрираат, односно ојаловуваат, здравствено се третираат, на нив да се изврши превентивна здравствена заштита и тест за социјализација согласно со прописите од областа на ветеринарното здравство по што истите треба да се вдомат или вратат во реонот од каде што биле заловени. Бездомни кучиња треба да бидат трајно обележани со микрочип, а во случај на бездомни кучиња вратени во реонот на заловување и со други видливи средства за идентификација, на начин што нема да предизвика непотребна болка или страдање. Секако дека општината треба да даде приоритет на вдомување на кучињата бидејќи пред се тие се домашни миленици на кои им е потребен дом, живеалиште, храна вода и грижа – велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот