Кој ги лаже и манипулира пензионерите?!

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

(Повод: „Лаги и манипулации за Сојузот на пензионерите“ од раководството на СЗПМ, „Слободен печат“, 13 април 2023 година)

Најпрво, ми создаде дилема како да го наречам пишувањето на скриените автори зад СЗПМ споменато во поднасловот, дали како реакција или демант на она што сум го пишувал во претходната колумна, зашто на тоа не наликува, туку на некакво правдање за направената манипулација со изборите во здруженијата на пензионери (ЗП) и Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија (СЗПМ). Наместо со факти и аргументи (што ги немаат) да ги демантираат наводите во споменатата колумна, тие се занимаваат со измислување лаги и глупости и уште повеќе си го нарушуваат авторитетот и го загрозуваат опстојувањето во пензионерската организација. Значи, оваа нивна небулозна дезинформација уште еднаш покажа дека тие во ништо не можат да се покажат, а згора на тоа го добламираа раководство со сета негова пиар-информативна, стручна и хигиенско-помошна служба.

Како да почувствував дека вакво нешто ќе си направат, кога пред неколку денови на Фејсбук ми се закачи една слабо подучена секретарка на секретарките во СЗПМ и како гром од ведро небо ме нападна што „ширам лаги“ со моето пишување, па срам ме било, затоа што и јас пред „дедо Новета“ сум бил таму и со нив „сум јадел и пиел“, па сум продавал книги… и така натаму и така наваму… Толку ме подзамисли и испреплаши секретаркава, што ми дојде да лелекнам како во народната поговорка: „Леле мајко, леле Трајко“, што ќе правам сега?!

Истото чувство ме облеа и со сегашното нивно „демантирање“ на моето пишување за што најпрво помислив дека е смешно, но, за жал, за нив е мошне жалосно?! А, бе, „скриптористи“ низаедни и сите вие како нив лажговци исти, дали навистина не знаете што правите, па тресете глупости или не знам човек што да помисли?! Па, уште го употребувате и повеќепати го повторувате поимот „скриптор“, веројатно за да го запаметите и да покажете некакво знаење, а не му ја познавате суштината?! При цела свест и совет вака пишувате или, пак, верувам некој ве наговорил и наседнал за да ја срамувате претседателката, која навистина мислев дека сè уште важи за пар екселанс интелектуалка?!

Кога веќе ја спомнав лидерката, се потсетив на нејзиниот поранешен манипулативен избор и, си реков, за жал, и таа не ја научила лекцијата од порано, а веројатно мисли дека ќе може и натаму да си владее со Сојузот како досега со нечија помош и закрила?! Колку за потсетување, пред четири години, кога, како-така, стана прва жена лидерка во историјата на СЗПМ, ѝ побарав интервју да ја испофалам за успехот. Не, не сакаше да слушне за тоа, бидејќи сум ја критикувал за манипулацијата, па ќе сум ја фалел?! За волја на вистината, тогаш не беше толку таква, како што е сега толку ваква?! Не ми даде интервју, но јас го објавив под наслов „Што сакав да ја прашам претседателката?!“ Еве една нецелосна реченица од тоа неостварено интервју, кога во име на пензионерите сакав да ја прашам: дали сомненијата за нејзиниот „регуларен“ избор се производ на „незадоволници и зли јазици“ или се „шпекулации“, кои одат до таму да ја оспоруваат регуларноста и легитимноста на изборите и во повеќе здруженија на пензионери?!

Но, да се вратиме во сегашноста и на „демантот“ за моето пишување. Навистина, да бев на нејзино место немаше да ги слушам советниците и со ваква објава да се срамувам пред јавноста, туку како што и самата е убедена дека изборите и другите незаконски работи во СЗПМ, се мои лаги и измислици, јас вака ќе напишев:

Јас, односно таа (име и презиме не сакам да ѝ спомнам), под морална и кривична одговорност тврдам дека:

–  Изборите во Сојузот и во здруженијата на пензионери се спроведени врз законот и пропишаните норми за нивно регулирање со Статутот и со другите прописи;

–  Полициското обезбедување е моја (наша) пропишана норма за безбедна и нормална работа на одбраните „акламациски“ делегати за мој едногласен избор затоа што немаше други соодветни кандидати;

–  Не е точно дека не сум предложена за делегат во собранието на матичното здружение и на СЗПМ од мојот огранок во ЗП Кисела Вода, како и од мојот сега нов, ама прв наменски огранок, со промена на адресата на живеење без мое тамошно живеење;

–  Ниту во еден случај во раководењето на СЗПМ нема судир на интереси, а членот 14 од Статутот на СЗПМ, во кој се вели дека избраните претставници во органите на Сојузот извршуваат само една функција, не важи за мене бидејќи апропо родовата застапеност и другите „керефеки“,  јас сум единствена привилегирана персона и затоа си дозволив, не само да бидам претседател на Сојузот, туку и на Извршниот обор, па член на Управниот одбор на ПИОМ и да не набројувам други незначителни помошни ангажирања, што ги извршувам „волонтерски“, што е случај и со другите членови од мојот ми почитуван и „некомпромитиран“ тим;

–  Исто така, тврдам дека нема непотизам, полтронизам, лигавизам, конформизам, изволизам и многу други такви негативни појави со додавката „лизам“ во СЗПМ и во ангажирањето лица со надоместоци и хонорари, а нагласувам дека и она што се шири за мој најблизок член од семејството, е чиста лага и злоба на некои љубоморни типови…

Ете, вака се демантира нечие пишување и „ширење лаги“ за да му се затвори устата, а не како тие што го напишале „рекла-кажала“, небаре станува збор за пазарџиски муабети?! Туку, уште не спомнав дека ми стана многу чудно зошто токму мене ме демантираат и обвинуваат дека јас сум бил тој „скрипторот“ што ширам лаги, а не прочитале дека тоа се барања со факти на Иницијативниот одбор од пензионерското движење „Тука сме“, со кои јас делумно ја запознав јавноста.

Најпосле, манипулантите сакам да ги посоветувам и да им порачам добронамерно да ја сфатат оваа моја реакција и да размислат за некакво покајание и душевно прочистување од направените лоши работи, па верувам дека и Господ за тоа ќе им прости. Единствено не верувам дека ќе можат да се причестат, зашто главата со многу путер им е намачкана од досегашното мрсно јадење?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот