Кој е Салман Ружди, британскиот писател нападнат среде Њујорк?

Салман Ружди/ Фото EPA-EFE/JL CEREIJIDO

Познатиот британски писател Салман Ружди, кој доби и награди и смртни закани за своите дела, денеска беше нападнат откако маж му заби нож во врат во Њујорк.

Неименуван напаѓач упадна на сцената во Чаутауква, каде писателот требаше да одржи предавање и го прободе во вратот. Мотивите се уште не се познати. Напаѓачот е уапсен, а Ружди е пренесен во болница во непозната состојба.

Полицијата соопшти дека во нападот полесно е повреден и водителот на програмата. Писателот паднал на подот откако бил избоден, а потоа бил опкружен од мала група луѓе кои ги подигнале неговите нозе во воздух во очигледен обид да му ја подобрат циркулацијата.

ВИДЕО: Британскиот писател Салман Ружди избоден со нож во врат среде Њујорк

Сатанистички стихови

Авторот со индиско потекло се прослави со романот „Полноќни деца“ од 1981 година, кој беше продаден во повеќе од милион примероци само во Британија. Четвртата книга „Сатански стихови“ од 1988 година му го промени животот.

Тој надреален, постмодерен роман предизвика бес во исламскиот свет, кој го сметаше за богохулење. Една година по објавувањето, поранешниот ирански врховен лидер, ајатолахот Рухолах Хомеини повика на егзекуција на Ружди и понуди награда од 3 милиони долари. Поради ова, писателот со децении бил под полициска заштита.

Неколку десетици луѓе беа убиени по објавувањето на книгата, вклучувајќи ги и нејзините преведувачи. Наградата за убиството на Ружди е сè уште активна, иако иранската влада се огради од барањето на Хомеини. Писателот, сепак, живееше релативно слободно во последниве години.

Ружди има британско и американско државјанство и е голем поддржувач на слободата на изразување и во неколку наврати ја бранел својата работа.

Тој никогаш не се повлече

Кога во 2007 година кралицата Елизабета Втора го означи за витез, избувнаа протести во Иран и Пакистан. Пакистански министер тогаш изјави дека честа „ги оправдува самоубиствените напади“.

Книжевните настани на кои присуствуваше Ружди беа загрозени или бојкотирани од муслиманите. Ружди, син на богат индиски муслимански бизнисмен, се школувал во Англија и дипломирал историја на Кембриџ.

По студиите, тој се вработил како писател на реклами во маркетинг индустријата, пред да го објави својот прв роман во 1975 година. Американскиот ПЕН, чиј претседател извесно време беше Ружди, нападот го оцени како ужасен и шокантен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот