Кој е патријархот Кирил, „јастребот“ на Путин?

Сашо Орданоски
Сашо Орданоски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Рускиот Патријарх Кирил, предводникот на Руската Православна Црква, е еден од највлијателните инспиратори и поддржувачи на агресивната политика и доктрината на руските „интересни сфери“ на претседателот Владимир Путин. Руската Црква, сигурно, макар и посрамена, ќе ја надживее политичката кариера на Путин, уште колку и да трае таа. Но тоа за Рускиот Патријарх Кирил веројатно нема да биде случај.

Кругот доверливи луѓе околу рускиот претседател Владимир Путин не е голем и речиси сите, на еден или на друг начин, потекнуваат или од поранешната номенклатура на КГБ или од пребогатите олигархиски редови кои, без „одобрението“ од КГБ, никогаш и немаше да станат милијардери, запоседнувајќи ги енергетските и рудните богатства на земјата. Но, едно се доверливите извршители, а друго се оние кои имаат влијание врз начинот на кој размислува Путин. Таквите, според упатените кремљолози, се бројат на прстите од едната рака.

Еден од највлијателните е Владимир Михајлович Гунџаев (75), поранешниот (од 1984 година) владика на Смоленск и Калининград, но и долгогодишен претседавач на Дирекцијата за надворешни црковни односи и постојан член на Светиот синод на Руската Православна Црква (РПЦ).

Од февруари 2009 година, тој е рускиот Патријарх Кирил, челникот на руското православие. На чинот на неговото устоличување во катедралната црква „Христос Спасителот“ во Москва присуствуваа и тогашниот претседател Медведев и тогашниот премиер Путин. Впрочем, самиот Патријарх нема да им остане должен, бидејќи и во 2012 и во 2018 година активно учествуваше во изборните кампањи на Путин, меѓу другото, држејќи и специјално посветени молитви за изборните победи на неговиот личен пријател Владимир.

Политички екстремист

Во деновите по руската инвазија врз Украина, за Патријархот Кирил се напишани и изговорени многу анализи, бидејќи тој е еден од најрадикалните и долгогодишни „јастреби“ во Путиновото општествено-политичко окружување. Тој е водечкиот, а и најгласниот идеолог на „рускиот свет“ – практично, пресликан во агресивната националистичка политичка доктрина за „интересните сфери“ на Путин, започната и поддржана од Кирил уште со анексијата на Крим во 2014 година и руската интервенција во Сирија во 2015 – а во своите проповеди, кои често наликуваат на радикални политички пропагандни настапи под патријарховата накитена одора, редовно алармира за „надворешните непријатели“ и за „силите на злото“ коишто го загрозуваат опстанокот на Русија. Кирил постојано повикува на потребата за „историско будење“ на рускиот народ во остварување на „историската судбина“ и за покренување на „света војна“ против западната цивилизација, базирана на „геј паради“. Во 2015 година, Путин со закон ја забрани „геј-пропагандата“ во руските медиуми.

Патријархот е и најгласниот заговорник против западниот концепт на приматот на „човековите права“ во модерната демократија. Уште од 10-тиот собир на Светскиот руски народен совет – меѓународна организација што ја предводи самиот Патријарх – одржан во Москва во април 2006 година, Кирил ја пропагира тезата дека над човековите права, „диктаторски“ наметнати од Западот, стојат „верата, моралноста, светите места и татковината“. Со други зборови, човековите права можат и да се згазат доколку „верата“ или „татковината“ имаат поинакви приоритети на агендата. Според самиот Кирил, „хармонизирањето“ (како „симфонија“) на делувањето на Црквата и Државата во Русија се приоритет на неговото владеење како патријарх на РПЦ. Што, веројатно, го објаснува неговиот „морален“ однос кон руската инвазија врз братската христијанска Украина, па дури и кога тоа се прави со помош на платеници од Чеченија, Сирија и Либија.

Сепак, според истражувањата на јавното мислење во Русија, 72% од возрасното руско население се идентификува како православни христијани, но само 6-7% од нив (според испитувањата во 2008 година) активно ја практикуваат својата вера. Величествените руски цркви со своите прекрасни златни „турбиња“ се најчесто полупразни, но тоа не му пречи на челникот на РПЦ да ја шири агресивната руска државна пропаганда проповедајќи дека „Господовата вистина е на руска страна!“.

„Учењата“ на Рускиот Патријарх се сметаат за директна инспирација на тврдењата на Путин дека Украина никогаш и не постоела како независна нација и држава. Од почетокот на руската воена инвазија врз Украина, Патријархот Кирил редовно ги благословува генералите кои ја предводат руската агресија против „нацистите“ во Украина.

Православен раскол

Ваквото агресивно воено-хушкачко однесување на Рускиот Патријарх, кое многу потсетува на некои негови католички колеги од времињата на големата светска трагедија предизвикана од германскиот и италијанскиот фашизам, предизвика вистински раскол во православните руски цркви во Европа и светот. Иако во самата Руска Црква јавните противења на поглаварот се, разбирливо, сосема задушени, надвор од Русија се бројни повиците, петициите и јавните прогласи за отцепување од РПЦ, па дури и повикувањата за ставање анатема на сметка на самиот Руски Патријарх.

Пред десетина дена, дури и Патријархот Бартоломеј I од Константинопол (првиот меѓу еднаквите петнаесет источно-православни патријарси) излезе со соопштение без преседан во православието во кое се вели: „Многу жалиме заради ставот на Неговата Светост Патријархот Кирил од Русија. Не требаше толку да се идентификува со претседателот Путин и дури да ја нарече руската војна против Украина ‘света’.“

Како што е познато, во 2019 година Украинската Православна Црква доби томос од Бартоломеј I за осамостојување од РПЦ. Тогаш половината од украинските православни парохии ја отфрлија украинската и решија да останат под руската православна јурисдикција, но инвазијата на Путин врз Украина драматично го промени овој сооднос. Според истражувањата на украинскиот „Центар Разумков“ во 2021 година, од 44 милиони Украинци, пред војната, околу 14% од нив, организирани во 12.000 парохии во земјата, верски се идентификувале со РПЦ предводена од Кирил, за сега половината од нив да бараат да се раскинат врските со „централата“ во Москва. Во многу од парохиите локалните свештеници престанале да го спомнуваат името на Кирил како нивен патријарх.

Минатата недела, 320 православни свештеници од Украина се потпишале под отвореното писмо во кое обвинуваат дека „Кирил спроведува морален криминал со благословот на војната против Украина и со полната поддршка на агресивните дејства на руските трупи на украинската територија… За нас е невозможно да останеме во канонска потчинетост на Патријархот на Москва“.

Контрабанда, компензации…

Но, како што тоа обично бидува во пост-комунистичките православни, а и општествени хаотични собитија, Рускиот Патријарх не е само верско-политички колоритна личност во разузданиот распутиновски стил, туку е и човек за кого уште од средината на деведесеттите, руските весници „Комерсант“ и „Московски Комсомолец“ тврдеа дека е криминален профитер и клучен актер – „Тобако Митрополит“ – во бесцаринскиот и безданочен увоз и продажба на странски цигари во Русија, привилегија дозволена од државата за потребите на РПЦ, до 1997 година. Тие профити се проценуваа дека се движат меѓу 1,5 до 4 милијарди долари. Докази за злоупотреба на овие црковни фондови руската држава никогаш не утврди, а во едно интервју во 2012 година (за московска „Известиа“) Кирил ваквите обвинувања ги оквалификува како политички мотивирани.

Сличен е случајот, колку за илустрација, и со за РПЦ слободната трговија со алкохолот: само во 1995 година еден од најпознатите руски манастири, под надлежност на Дирекцијата за надворешни црковни односи предводена од Кирил, заработил фантастични 350 милиони долари, иако Патријаршијата таа година пријавила годишен буџет од 2 милиони долари.

Кога, пак, во 2012 година тричлениот руски феминистички панк-бенд „Пусикетс“ неочекувано го изведе својот за Црквата навредлив перформанс во истата московска катедрала во која беше патронизиран Кирил за патријарх – скандал што силно ја возбуди не само руската православна номенклатура, бидејќи „Пусикетс“ ја исмеаја поддршката на Кирил за Путин – Патријархот ги обвини пејачките, кои за тој „хулигански чин“ ќе бидат осудени на по две години затвор, дека „ја вршеле работата на Сотоната“.

Истата таа 2012 година тогашниот руски министер за здравство – со мала „помош“ од премиерот Путин – ќе му исплати „здравствена“ отштета на Патријархот Кирил во висина од 676.000 долари заради правот што се создал со реновирањето на зградата во која великодостојникот на РПЦ поседувал стан во кој живеела неговата долгогодишна пријателка, позната руска бизнисменка, извесната Лидија Леонова.

Па, потоа следуваше аферата со рачниот швајцарски часовник од 30.000 долари „фатен“ на фотографија на раката на една од литургиите на Кирил (што, по негово признание, го добил како „подарок“ од некој од верниците)…

Путин и Кирил судбински поврзани

Сепак, најголемата афера врзана за Патријархот Кирил, втемелена врз наводни докази добиени од советските архиви, се тврдењата на магазинот „Форбс“ во 2009 година дека тој (како и неговиот претходник на челото на РПЦ, Алексеј Втори), всушност, е долгогодишен соработник на КГБ и тоа не како обичен информант, туку како активен офицер на руската тајна служба. И тие тврдења, како и многу други компромитирачки приказни од животот на Кирил, останаа без поголем одзив во руската јавност.

Впрочем, како што е познато, улогата на КГБ, со сите нејзини современи трансформации, е клучниот кадровски фактор и во современата руска политика, долги години на чело со поранешниот руски агент Владимир Путин. Што менува дали и самиот Кирил е „производ на службите“ или не?!

Но, угледот и влијанието на Руската Православна Црква, под водството на Кирил, останува тесно врзана со судбината на Путиновиот режим. А, понатамошната долговечност на тој режим сега веќе „животно“ е врзана со успехот или неуспехот – како и да се дефинира – на она што Русија, на згрозување на целиот цивилизиран свет, го прави во Украина. Јасно е дека Путин ќе треба час поскоро да прогласи „победа против нацистите“ во војната што самиот ја започна на територијата на својот голем западен сосед, Украина, чии историски заслуги за постоењето на самото руско православие се неколку века постари од оние на Москва.

Руската Црква, сигурно, макар и посрамена, ќе ја надживее „симфонијата“ со политичката кариера на Путин, уште колку и да трае таа. Но, за еден од неговите најистакнати идеолошки „јастреби“, Рускиот Патријарх Кирил, тоа веројатно нема да биде случај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот