Кои се научниците што ја направија вакцината против корона: Деца на турски доселеници, на денот на свадбата работеле во лабораторија

Profimedia
photo: Corona vaccine. Pfizer and BioNTech

Последниот пат историјата е пишувана во Мајнц, кога Гутенберг работел на печатарската преса, а сега тоа се случува заради вакцината против ковид-19 на компаниите „Фајзер“ и „БиоНТек“ – кандидатот се нарекува BNT162b2.

Вакцината против ковид-19 е на видик, со најавата на првите привремени резултати во обемните испитувања што покажаа дека кандидатот на компаниите „Фајзер“ и „БиоНТек“ има ефикасност од 90 отсто, тврдат произведувачите, чии анализи покажуваат многу подобри перформанси отколку што повеќето од стручњаците се надеваа, пренесува „Гардијан“.

Големиот процент на заштитата ги прави наодите уверливи. Претходно, регулаторите рекоа дека би одобриле вакцина што е ефикасна и само 50% – ако ги заштитува макар половината од оние кои ќе ја добијат. Компанијата „Фајзер“ вели дека вакцината не предизвикува посериозни несакани ефекти.

„Денеска е прекрасен ден за науката и човештвото. Првиот низ од резултатите од нашето испитување на вакцината против ковид-19 во фазата 3 даваат почетни докази за способноста на нашата вакцина да го спречи ковид-19“, изјави д-р Алберт Бурла, претседател и извршен директор на компанијата „Фајзер“.

д-р Угур Сахин/ Фото: Profimedia

Вакцината ја развија проф. д-р Угур Сахин заедно со сопругата Озлем Туречи, двајцата деца на турски доселеници. Сахин и повеќе од 500 научници од неговата компанија „БиоНТек“ ги чекаат – „многу напнато“ – првите резултати од клиничката студија со 44.000 учесници, кои во последните неколку месеци ја добија BNT162b2 или плацебо, пишува во неодамнешен текст во германскиот неделник „Шпигл“. Германскиот неделник го опишува Сахин како мирен и тивок човек, кој вели дека „секоја недела е важна“ и дека неговата вакцина е способна да спаси стотици илјади животи.

Проф. Сахин предава на Универзитетот во Мајнц речиси 15 години, од неодамна како професор по онкологија. Дури и сега, во овие напнати денови, и понатаму ја надгледува работата на докторантите, можеби затоа што отсекогаш сакал да биде прво научник, а не претприемач. Тој, инаку, долго време се смета за еден од најпознатите светски истражувачи на ракот, иако неговата хабитација ја има стекнато во областа на имунологијата.

Тој и сега инсистира на тоа дека канцерот и коронавирусот се тесно поврзани.

„Ние себеси се доживуваме како инженери на имунологијата. Сакаме да го упатиме имунолошкиот систем како да нè заштити од одредени болести“, вели Сахин.

Сахин и неговата сопруга Озлем се деца на турски мигранти, кои во Германија се доселиле кон крајот на шеесеттите години. Угур и Озлем се запознале во болница, каде што двајцата работеле.

Озлем Туречи, сопруга на д-р Сахин

Колку биле предадени на медицинските истражувања говори и податокот дека на денот на свадбата пронашле време да спроведат и одредени лабораториски анализи.

Како што пренесува „Гардијан“, тие моментно се наоѓаат на листата на 100-те најбогати Германци.

На „БиоНТек“ му беа потребни само генетски информации за коронавирусот, за да произведат адекватна РНК во рок од два дена и веднаш да започнат со експерименти. Тоа се случуваше во јануари годинава, кога сојузната влада не виде опасност од вирусот за Германија. Во тоа време, „БиоНТек“ имаше само 20 кандидати за примање на вакцината.

Но, темпото изненади многу експерти. Во февруари истражувачите на „БиоНТек“ отпатуваа во Ланген, предградие на Франкфурт, каде што се наоѓа Институтот „Пол Ерлих“, одговорен за давање одобренија за вакцини во Германија. Таму го претставија својот план: клиничка студија од пролетта, вакцина на крајот од годината, ќе направат сè за да се постигне тоа – ќе нè поддржите ли? Одговорот бил – да.

На 19 април „БиоНТек“ ја поднесе конечната пријава за клиничкото испитување на неколкумина кандидати за вакцината. Одобрението пристигна на 22 април. Првиот испитаник бил дозиран на 23 април.

Од 20 можни кандидати, двајца останале како особено перспективни. Двајцата го целеле шилестиот протеин, што на вирусот му го дава препознатливиот облик: протеините штрчат од обвивката на вирусот како врвови на круна.

Сахин и „БиоНТек“ имаат многу искуства во истражување на новите технологии. Но, не и нашироко во светот да му донесат нов лек и да изградат глобално производство за него. Со таа цел, германските истражувачи во текот на пролетта се здружија со американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“. Произведувачкиот погон на таа групација би требало да помогне за производството на вкупно 1,5 милијарди дози на вакцината до крајот на 2021 година. Неколку стотици милиони дози веќе се продадени на САД, Јапонија и Канада.

„Фајзер“ презема половина од развојните трошоци и ќе му плати на „БиоНТек“ 748 милиони долари, доколку вакцината успее. Аналитичарите очекуваат дека двете компании ќе го поделат приходот од продажбата, што се проценува на 3,5 милијарди долари за 2021 година. Тоа не е добра зделка за „БиоНТек“, велат критичарите, бидејќи првата признаена вакцина за ковид-19 би вредела многу повеќе. Но, само доколку биде одобрена. А, патот до таму е неизмерно скап.

 


Преземено од „Недељник“ од Белград

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот