Фото/ ANTONIO SCORZA / AFP / Profimedia

Кога фудбалот станува уметност – петте мундијалски титули на Бразил

Кога се зборува за Светските првенства, ниту една репрезентација не може да се пофали со историја и традиција каква што има Бразил. „Кариоките“ се единствена репрезентација што настапила на секој Мундијал од 1930 до денес. Бразил е најтрофејната репрезентација во историјата на натпреварувањето, а секоја од нејзините „круни“ има своја посебна приказна.

Прва титула – Шведска 1958

Во 1958, Бразил веќе бил фудбалска велесила, но не и светски шампион. На Мундијалот во Шведска светот го запознал седумнаесетгодишниот Пеле. Младиот Пеле постигнал шест погодоци на турнирот, од кои два биле во финалето против домаќинот.

Турнирот не започнал лесно за Бразил. Ремито без голови против Англија во групната фаза го натерало селекторот Висенте Феола да направи значајни промени во составот. Во тимот влегле Гаринча и младиот Пеле, а токму тие двајца целосно ја промениле играта на „селесао“.

Бразил убедливо ги совладал Северна Ирска со 4-0 и Франција со 5-2, и обезбедил финале во Стокхолм со домаќинот Шведска.

Шведска прва дошла до водство во четвртата минута со тогаш најбрзиот гол во историјата на финалињата на Светските првенства, но Бразил брзо одговорил. Вава израмнил по маестрална асистенција на Гаринча, кој цел натпревар ја мачел шведската одбрана.

Потоа следела магијата на Пеле. Иако сè уште бил тинејџер, по мајсторско „сомбреро“, успеал да ја затресе мрежата на Швеѓаните, со што добил аплаузи од целиот стадион, вклучувајќи и од кралот Густаф VI Адолф.

Потоа Загало го зголемил водството на Бразил, Симонсон намалил за Шведска, а Пеле со удар со глава го постигнал својот втор гол на натпреварот. Бразил на спектакуларен начин ја освоил својата прва светска титула и ја ставил првата ѕвездичка на својот дрес.

Титула без Пеле – Чиле 1962

Турнирот во Чиле ја потврдил класата на репрезентацијата на Бразил, способна да победи и кога нејзиниот најдобар играч не е на теренот. Со повредата на Пеле во групната фаза, одговорноста целосно паднала на останатите играчи, а најмногу на Гаринча.

Тој одиграл маестрално и со неговите голови, асистенции и дриблинзи ја воодушевил светската јавност. Гаринча успешно го надоместил отсуството на Пеле и бил главната причина зошто Бразил повторно се нашол во финалето.

Финалето се играло пред 68.000 гледачи во Сантијаго, Чиле помеѓу Бразил и Чехословачка. Двете репрезентации се сретнале и во натпревар од групната фаза во кој се повредил Пеле.

Исто и како во 1958, Бразил прв примил гол во финалето. Овојпат во 15-та минута Јосеф Масопуст стрелал за Чехословачка. Но, Бразил како и против Шведска, експресно се вратил и против Чехословачка преку Амарилдо во 17-та минута.

Во вториот дел, Бразил повел преку Зито во 68-та минута, а потоа Вава ја искористил грешката на чехословачкиот голман за конечни 3-1. Со тој погодок Вава станал првиот играч стрелец во две мундијалски финалиња.

Натпреварот завршил 3-1 и Бразил ја освоил својата втора титула.

Најдобрите на сите времиња – Мексико 1970

Многу фудбалски историчари сметаат дека најдобриот тим што некогаш играл фудбал е Бразил од 1970. Тимот предводен од Марио Загало претставувал совршена комбинација на техника, креативност и тимска игра и го поставил стандардот за „убавата игра“. Пеле, Жаирзињо, Ривелино, Тостао и Карлос Алберто го предводеле Бразил до третата титула. Во текот на целиот турнир во Мексико, Бразил бил беспрекорен и доминирал на секој натпревар.

Во финалето против Италија, Бразил победил со убедливи 4-1, во натпревар кој останал запамтен по една од најубавите тимски акции во историјата на Светските првенства, завршена со гол на Карлос Алберто.

Со оваа титула, Бразил станал првата репрезентација со три светски круни и трајно го задржал трофејот „Жил Риме“, со што уште повеќе го зацврстил својот статус на фудбалска велесила.

Враќање по 24 години – САД 1994

По 1970 година Бразил чекал дури 24 години на следната титула.

Бразил создаваше одлични генерации, но тимовите предводени од Сократес, Зико и Карека играле атрактивен фудбал, но не успеале да го освојат Мундијалот.

Чекањето на „Кариоките“ завршило во 1994 во САД.

Предводени од Ромарио и Бебето, Бразил стигнал до финалето каде што се сретнал со Италија.

По 120 минути без голови финалето го одлучувале пеналите, први во историјата на финалињата на Светските првенства.

Бразил бил поуспешен и ја освоил четвртата титула светски првак, а финалето е запаметено по промашениот пенал на Роберто Баџо.

Ромарио ја освоил наградата за најдобар играч на турнирот. Тој одиграл клучна улога во походот на тимот кон титулата со своите интелигентни движења и важни голови. Во тешки ситуации, неговиот талент и смиреноста под притисок му помогнале на Бразил да стигне до трофејот и на крајот да го освои првенството.

Титула на Азиско тло – Јапонија и Јужна Кореа 2002

Бразил за првпат во 2002 бил блиску да не настапи на Мундијалот. Во квалификациите претрпеле порази од Парагвај, Чиле, Еквадор, Уругвај, Аргентина и Боливија. Ситуацијата била напната а „кариоките“ морале да победат во последниот натпревар против Венецуела за да обезбедат учество на Мундијалот. Тоа го сториле без проблем, со победа од 3-0 обезбедиле билет за првото Светско првенство на Азиско тло.

Пред почетокот на првенството Луис Филипе Сколари ја презел клупата на Бразил. Тој со неговата 3-4-2-1 формација успеал да го извади најдоброто од бековите Кафу и Роберто Карлос, како и од трите ѕвезди во нападот, Роналдо, Ривалдо и Роналдињо.

За првпат на Светските првенства, Германија и Бразил се соочиле во финалето во 2002, иако двете селекции се меѓу најуспешните во историјата на турнирот. Роналдо во финалето погодил двапати за победа од 2-0 на Бразил и петта титула.

Потрага по шестата ѕвездичка

Од 2002 година Бразил не успеа да освои нова титула.

„Кариоките“ претрпеа болни порази, вклучувајќи го и славниот пораз од 1-7 од Германија на Мундијалот на домашен терен во 2014. Сепак, секое Светско првенство Бразил е еден од главните фаворити и секогаш се надева дека токму тоа би можело да биде неговата година.

Една од најубедливите победи на Мундијалите – Југославија го прегази Заир со 9:0 и испиша фудбалска историја

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот