Фото: ЈМ Македонија

Кочанската рок-група „Корка“ ја освои наградата од публиката на меѓународен натпревар во Брисел

Kочанската рок-група „Корка“ освои најмногу гласови од публиката на онлајн-гласањето и го доби признанието „Избор од публиката“ на „Имаџин мјузик експириенс“ (Imagine Music Experience), што се одржа во неделата, на 14 декември, во Брисел, Белгија.

Наградата беше официјално објавена од организаторот-домаќин при прогласувањето на најдобрите и доделувањето на признанијата, а веста со гордост ја потврдува Музичка младина на Македонија (JM Македонија), која беше организатор на домашниот натпревар „Имаџин Македонија“, на кој „Корка“ победи и се стекна со правото да ја претставува државата на меѓународната сцена.

На меѓународното финале во Брисел, покрај македонскиот претставник, учествуваа и млади музичари од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија и Велика Британија. Победник на натпреварот беше белгискиот рок бенд „Кримсон булет џенерејшн“.

„Имаџин мјузик експириенс“ е меѓународен музички натпревар за млади музичари на возраст од 13 до 21 година, отворен за сите музички жанрови. Натпреварот го организира JM Интернешнал– глобална организација посветена на развојот на младите преку музика и уметност, која ги поддржува младите таленти преку натпревари, едукација, вмрежување и настапи на интернационални сцени.

Ова е четврта година по ред што Музичка младина на Македонија учествува во натпреварот со национален финалист, а годинава бендот „Корка“ не само што ја претставуваше Македонија, туку и за првпат донесе меѓународно признание за земјата во рамки на овој натпревар.

„Корка“ беше избран за национален победник на „Имаџин Македонија“, на финалето што се одржа на 10 октомври 2025 година во МКЦ – Скопје, каде што настапија осум квалитетни бендови со оригинална музика од различни жанрови.

Бендот „Корка“ носи гранџ ноиз рок звучен потпис од Кочани, а со својата енергија, авторска музика и силна поврзаност со публиката се истакна меѓу учесниците од повеќе европски земји. Признанието „Избор на публиката“ претставува значаен поттик не само за младите музичари од Кочани, туку и за целата млада музичка сцена во државата. Освен со својата музика, „Корка“ придонесува на културната сцена и преку нивното организирње на настани во Кочани. Членовите од бендот, повеќето од кои сѐ уште во средно училиште, беа движечката сила зад дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, кој се одржа кај Споменикот на слободата во градот. Фестивалот беше посветен на нивната другарка Сара Алексова, која воедно беше и првата тапанарка на бендот, која го загуби својот живот во пожарот во дискотеката „Пулс“.

Музичка младина на Македонија упатува посебна благодарност до Ива Дамјановски, координаторка на проектот „Имаџин Македонија“, за нејзината посветеност и поддршка.

Благодарност и до сите поддржувачи на проектот, меѓу кои „Мртов Коњ“ и „Гола планина колектив“ , кои придонесоа за успешната реализација на националниот и меѓународниот настап.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот