Ќе се спасат ли жителите на населбата Јака од септичките јами?

населба јака илинден
Населба Јака, илинден, Фото: Слободен печат

По изградбата на фекалната канализација ќе се изгради и пречистителна станица, која ќе ги прифати фекалните отпадни води од канализацијата, велат од Општината.

Со години жителите на населбата Јака во Општина Илинден, која требаше да биде елитна, живеат без канализација и со септички јами. Дали конечно се гледа крајот на еден од нивните навистина големи проблеми, останува да се види. Општина Илинден најави дека започнува да се гради фекална канализација во населбата и околината во должина од околу 7600 метри, а со изградбата на фекалната канализација, како што ветуваат од Илинден, ќе бидат опфатени сите домаќинства од тој дел на Општината.

Според градоначалникот, Александар Георгиевски, со изградбата на фекалната канализација во населба Јака и околината ќе се подобри квалитетот на животот и ќе се заштити животната средина во тој дел од општината.

-Вредноста на овој капитален проект изнесува над 20.000.000 денари, средства обезбедени од ТАВ Македонија. По изградбата на фекалната канализација ќе се изгради и пречистителна станица, која ќе ги прифати фекалните отпадни води од канализацијата – велат од Општината.

Десетина години изминаа по помпезната најава дека во Марино во Општина Илинден, на површина од околу 10 000 квадратни метри, ќе се изградат семејни куќи и ќе се создаде нова елитна населба која ќе ги задоволува сите стандарди на удобно живеење. Идејата беше, со продажба на евтино градежно земјиште, полесно да се дојде до сопствен дом. Интересот на граѓаните беше голем, особено што новата населба Јака од државата и општинска власт беше промовирана како проект со инфраструктурни решенија според највисоките европски стандарди, а освен семејни куќи на 500 парцели, во неа требаше да има и трговски центар, хотел, забавен парк, спортски терени.

Денес од сите тие ветени содржини нема ништо, а граѓаните кои таму изградија куќи се разочарани и револтирани затоа што, според нив, Општина Илинден не исполнила речиси ништо од ветеното. Жителите многупати бараа од претходниот градоначалник Жика Стојановски да се реши инфраструктурата во општината, дури и со отворено писмо до медиумите се пожалија за своите проблеми.

-Немаме канализација, нема асфалт, само дел од улиците се тампонирани. Во цела населба има 15-тина бандери за улично осветлување, но и тие сите не светат, а притоа сите ние плаќаме за улично осветлување. Куќите ни се со септички јами. Ништо нема. Срамота – реагираше жител на населбата.

Од Општината пред неколку месеци објаснија дека на основната инфраструктура и е потребно надградување, односно поставување атмосферска и фекална канализација, па дури потоа ќе може да се изведе асфалтирање на улиците.

Оттаму информираа дека по пат на е-аукција е избра фирма изведувач за изградба на колекторски систем за фекална канализација во населените места Илинден и Марино. Проектот опфаќа изградба на колекторски систем за прифаќање и одведување на фекални води за Илинден и Марино од два крака со вкупна должина од 5000 метри како и изградба на пречистителна станица со капацитет од 2500 еквивалент жители. Како што тврдеа од претходната општинска власт со реализација на овој капитален проект повеќе од 70 отсто од домаќинствата во Илинден ќе бидат приклучени на систем за фекална канализација, со оглед на тоа што не само жителите на Јака, туку и поголемиот дел од општината е без канализација.

Населбата Јака беше владин проект во времето на Никола Груевски, кој се спроведуваше во соработка со Општина Илинден, при што 90 отсто од вкупната инфраструктура требаше да ја инвестира централната власт, а 10 отсто Општина Илинден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот