Ќе биде ли Избирачкиот список дежурен виновник и за изборите на 12 април?

МВР до ДИК вечерва ќе ги достави списоците на граѓани.

Во Државната изборна комисија (ДИК) очекуваат вечерва после 20 часот МВР да им ги достави  сите потебни податоци од евиденциите на списоците на граѓани, за да може Комисијата да започне со креирањето на Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори на 12 април, велат во ДИК.

Според изборниот Роковник, списокот треба да биде заклучен на 23 март. Тогаш ќе се знае колкав број на македонски граѓани ќе имаат право на глас. ДИК потоа треба да го стави на јавен увид во своите подрачни одделенија и месни канцеларии. Јавниот увид трае 15 дена и почнува на 26 февруари 2020, а трае до 11 март 2020 година до 24 часот, период во кој граѓаните можат да ги достават барањата за запишување, допишување или бришење на податоци од Избирачкиот список.

ДИК  во рок од три дена од распишување на изборите доставува и барање до Министерството за информатичко општество и администрација за да им ги достават податоците за вработените во државната и локалната администрација, за да може да се извршат евентуални замени во составите на изборните органи.

Но во ДИК велат дека забразано работат за да го остварат планираното со Роковникот. Посочуваат дека во моментов работат на ангажирање на лица во помошните тела за спроведување на изборите. Велат дека недостасуваат луѓе за работа бидејќи ДИК има само 20 редовно вработени лица во централата. Во моментов ДИК работи и на новите одредби од Изборниот законик поврзани со платено политичко рекламирање на медиумите.

Но, освен овие технички проблеми, ДИК речиси во сите изминати изборни циклуси се соочува со исти проблеми. Меѓу нив се и граѓани што ги нема во избирачкиот список, повеќе гласачи запишани на иста адреса, ист број на зграда,  но и немање точна евиденција за македонските државјани кои подолго време живеат во странство и нивната адреса во Македонија.

ДИК преку МНР ги доставува до дипломатско-конзуларните претставништва посебните изводи од Избирачкиот список за лицата на привремена работа или престој во странство врз основа на евиденцијата од надлежен орган за ставање на јавен увид.

На претседателски избори минатата година во Единствениот избирачки список право на глас имаа 1.779.572 гласачи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот